Регион
И Интерпол и Европол ги истражуваат лажните закани со бомби во Србија

Во текот на изминатата недела, спортски објекти, трговски центри, факултети, училишта и болници во Белград и Нови Сад повторно беа мета на лажни закани со бомби, пишува РТ Балкан.
Според професорката на Универзитетот за криминалистика и полиција, Ивана Бодрожиќ, ваквите закани ѝ нанесуваат повеќекратна штета на Србија – правна, економска и политичка.
„Правна, бидејќи во вакви случаи се активира многу скап и ексклузивен кривично-правен апарат. Економска, затоа што се ангажираат исклучително големи економски ресурси на државните органи. Политичка, бидејќи може да се остави впечаток на одредена нестабилност кога се работи за извршување на овие кривични дела“, вели таа.
Бодрожиќ објаснува дека без разлика што ниедна од досегашните пријави не се покажала како точна, полицијата мора да испрати контра-диверзантски единици на терен, да ги евакуира сите граѓани таму и детално да го прегледа секој агол.
„Пријавите за лажни бомби почнаа лани во март со дојавата за бомба во авион на „Ер Србија“ на летот од Белград до Москва, а подоцна се проширија на основните и средните училишта и на здравствените институции“, изјави таа за РТС.
По трагичните настани во Белград и околината на Младеновац, Србија ја зафати нов бран дојави за поставени бомби во различни згради, пред се училишта.
View this post on Instagram
„Кога станува збор за ланските настани, Вишото јавно обвинителство во Белград, во соработка со МУП и Безбедносно-информативната агенција, покрена кривична постапка против сторителите на овие кривични дела кои се државјани на Република Србија, главно за кривичното дело предизвикување паника и неред. Во случаите каде што постои сомневање дека сторителите се странски државјани, преку механизмите на Европол и Интерпол е започната меѓународна кривично-правна соработка и истата е во тек “, вели Бодрожиќ, која смета дека е можно да се најде секој сторител.
Како што објаснува таа, понекогаш може да се открие кривично дело за еден ден, а за некои кривични дела е потребно подолго време.
„Длабоко верувам дека службите за спроведување на законот во Република Србија, како и нашите партнери со кои остваруваме интензивна меѓународна кривично-правна соработка, се многу добар ресурс и капацитет за откривање на сторителите на кривични дела“, вели Бодрожиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Трагедија во Црна Гора: девојка од Србија се удави во близина на Тиват

Попладнево во морето кај Луштица, Црна Гора, нуркачи и членови на Пловечката единица безуспешно се обидуваа да го пронајдат и извлечат телото на девојка од Србија, пренесоа српските медиуми.
Девојка од Врњачка Бања се удави денес околу 15 часот, во близина на ’ртот Весло кај Луштица, додека се фотографирала со пријателка на една од карпите и паднала во водата, објавија црногорски „Вијести“.
Додека се фотографирала, се верува дека морето се разбранувало, а брановите ја повлекле девојката.
Полицијата и нуркачките екипи го забележале безживотното тело на девојката како плови во еден момент, но лошото време и брановите ги спречиле да се приближат.
Затоа, операцијата за извлекување ќе продолжи наутро.
фото: принтскрин
Регион
(Видео) Албанија постави бот со вештачка интелигенција за министер

Новата министерка на Албанија задолжена за јавни тендери нема да биде поткупувана, нема да можат да и се закануваат или да биде наговарана. Тоа е затоа што Диела, како што ја нарекуваат, е бот генериран од вештачка интелигенција.
Премиерот Еди Рама, кој го започнува својот четврти мандат, во четврток изјави дека Диела, што на албански значи Сонце, ќе ги управува и ќе ги доделува сите јавни тендери на кои владата ангажира приватни компании за разни проекти.
„Диела е првиот член на кабинетот кој не е физички присутен, туку е виртуелно создаден од вештачка интелигенција“, рече Рама, претставувајќи го својот нов кабинет.
Таа ќе ја претвори Албанија во „земја каде што јавните тендери се 100 проценти ослободени од корупција“.
Јавните тендери долго време се извор на корупција во земјата, за која експертите велат дека е седиште на банди кои сакаат да перат пари од шверц со дрога и оружје низ целиот свет, и каде што корупцијата се вовлекла во коридорите на моќта. Таквата слика го отежна пристапувањето на Албанија кон ЕУ, што Рама сака да го постигне до 2030 година. Политичките аналитичари го сметаат ова за амбициозно.
Владата не објасни дали Диела ќе биде следена од луѓе или како ќе се елиминира ризикот од можна манипулација. Диела беше претставена претходно оваа година како виртуелен асистент со вештачка интелигенција на платформата e-Albania за добивање државни документи.
Многумина не ѝ веруваат. „Дури и Диела ќе биде корумпирана во Албанија“, коментираше еден корисник на Фејсбук. „Кражбите ќе продолжат, а Диела ќе биде виновна“, додаде друг. Новиот парламент, избран во мај, треба да започне со работа во петок.
Регион
(Видео) Соња (57) и Марко (69) станаа родители, коментарите за нивната возраст не ги загрижуваат оти си го живеат сонот

Екипа на „Проверено“ во Црна Гора ги посети Соња (57) и Марко Миротиќ (69) и нивното пет и полмесечно девојче со симболично име Богдана.
Родителите достигнаа значителна возраст, што предизвика многубројни реакции во целиот регион, но не се грижат за тоа. Соња и Марко стојат зад осум спонтани абортуси, две процедури за инсеминација, години борба со неплодност, неуспеси, разочарувања.
„Ние сме исполнети како родители, нашите срца се полни. Ова е чудно чувство, задоволство. Сега би плачела, но нема да плачам. Цел живот сонував за ова“, открила гордата мајка за „Проверено“. Кога влегла во менопауза на 50 години, мислела дека тоа е крајот на нејзините соништа.
Сепак, тие успеале да си го остварат својот сон благодарение на 24-годишен донор на јајце-клетки на приватна клиника во Македонија. За донорот во видеото велат го знаат само основниот податок, дека не е од Црна Гора.
Со оглед на тоа што Соња закрепнува, Марко го презел поголемиот дел од грижата за малото девојче. Често му велат дека „Богдана изгледа исто како дедо му“. „Потоа им велам – јас не сум нејзин дедо, јас сум нејзин татко. Па се засрамуваат“, се шегува Марко.
Тие имаат уште две замрзнати јајце-клетки, но не планираат да имаат друго дете, иако би сакале.
„Доволно сме возрасни, би било убаво, но не сум сигурна дека би можела да издржам“, искрено рекла Соња.