Економија
По струјата и гасот, поевтинување и кај сирењето, путерот: падот на цените како најава за крај на инфлацијата во Германија
На германските потрошувачи им олесна гледајќи како се движат цените на храната, струјата и бензинот: тие веќе не растат, понекогаш дури и паѓаат. Многумина се прашуваат дали ова може да значи дека инфлацијата е при крај, пренесуваат медиумите во регионот.
Досега со месеци едно пакување од 400 грама од поскапиот ирски путер чинеше 4,99 евра, но неколку недели неговата цена е 4,29. Поевтиниот германски путер во некои продавници сега чини само 1,59 евра за 250 грама. Слична е ситуацијата и со сирењето и тестенините.
Како што пренесува „Зидојче Цајтунг“, повикувајќи се на податоци од порталот „VerivoX“, дури 91 снабдувач на електрична енергија и 80 од оние кои продаваат гас на крајните потрошувачи ги намалиле своите тарифи. Во мај, јуни и јули струјата во просек ќе поевтини за 14 отсто, а гасот за околу 23 отсто.
„Веројатно го достигнавме врвот на инфлацијата“, вели Керстин Бернот од Германскиот институт за економски истражувања (DIW). Сепак, таа не очекува дека сега цените ќе почнат да паѓаат насекаде: „Мораме да се навикнеме на сегашните цени“, додаде Бернот и рече дека цените веројатно повторно ќе паднат на долг рок.
Каи Худец, генерален директор на Институтот за трговски истражувања во Келн (ИФХ), не е толку оптимист. Тој ги наведува причините за тезата дека приказната со поскапувања се уште не е завршена.
„Нагло зголемените трошоци за енергија, логистика и суровини предизвикаа верижна реакција. Сите компании долж синџирот на снабдување имаа и сè уште мора да се борат со зголемените трошоци. Притоа, многу дополнителни трошоци веќе се префрлени на потрошувачите, поради што стапките на инфлација во моментов се пониски и можни се намалувања на цените, барем селективно“, изјави тој за Дојче веле.
Затоа, заклучува Худец, „крајот на инфлацијата“ сè уште не може да се прогласи.
„Цените на неколку категории производи продолжуваат да растат наместо да паѓаат“, додаде тој.
Една од причините за ниското ниво на цените на храната во Германија во споредба со другите земји во светот е пазарната моќ на синџирите на дисконти, поточно четирите најголеми компании: Rewe, Edeka, Aldi и Lidl. Тие го делат најголемиот удел на пазарот, и се во жестока конкуренција меѓу себе. Тие ја користат својата квази-монополска моќ за да ги принудат добавувачите да понудат пониски цени.
Во текот на изминатата година, тие дури го зголемија својот удел на пазарот, вели извршниот директор на германски Lidl, Кристијан Хартнагел. Зголемените цени принудија повеќе клиенти да се свртат кон поевтини даватели на попусти, а со тоа и нивната продажба се зголеми.
Сепак, враќањето на вообичаеното, прилично ниско ниво на цените на храната во Германија ќе трае долго, сметаат експертите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска – Коњановски: Eнергетскиот развој на Битола важен чекор за поефикасна и одржлива општина
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, на која беа разгледани можностите за продлабочување на институционалната соработка и реализација на заеднички развојни приоритети во наредниот период.
Во фокусот на разговорите беа проектите за енергетска ефикасност како клучен инструмент за намалување на трошоците на локално ниво, модернизација на јавната инфраструктура и создавање поодржлива урбана средина. Соговорниците се согласија дека општините имаат суштинска улога во енергетската транзиција, а државната поддршка мора да се претвори во конкретни и мерливи резултати за граѓаните.
Министерката Божиновска нагласи дека партнерството меѓу централната и локалната власт е предуслов за ефикасна реализација на реформите во енергетиката.
„Енергетската ефикасност е директна инвестиција во квалитетот на живот. Нашата цел е секоја општина да добие реална можност за модернизација, пониски трошоци и одржлив локален развој,“ истакна Божиновска.
На средбата беше договорено продолжување на координираните активности меѓу Министерството и Општина Битола, со имплементација на проекти што ќе донесат долгорочни придобивки за граѓаните и локалната економија.
Економија
(Видео) Тренчевска до власта: Намалете од луксузот и зголемете ја минималната плата на 600 евра
Минималната плата е еден од клучните механизми преку кои државата директно влијае врз животниот стандард на граѓаните, врз пазарот на труд и социјалната кохезија. Нејзината динамика на раст и начинот на усогласување се директно поврзани со борбата против сиромаштијата, намалувањето на нееднаквоста и обезбедувањето достоинствени услови за работа на работниците, рече потпреседателката на СДСМ, Јована Тречевска, на денешната собраниска седница на којашто на дневен ред е предлог-законот на СДСМ за изменување и дополнување на Законот за минимална плата, со кој се предлага минималната плата да се зголеми на 600 евра.
Таа посочи дека Владата во одредени услови мора да носи политички одлуки. Таков бил и случајот со зголемувањето на минималната плата во 2022 година, за време на владеењето на СДСМ, од 15.000 на 18.000 денари, направено во дијалог со работниците и работодавачите.
„Често слушаме дека сегашната Владата остава работодавачите и работниците сами да се договорат, но социјалниот дијалог во државата е трипартиски: во него се вклучени Владата, работниците и работодавачите. Владата не може да биде само модератор, туку е активен учесник и партнер во социјалното договарање, слушајќи ги барањата на работниците и поддржувајќи ги и работодавачите,“ посочи Тречевска.
Таа рече дека во времето кога СДСМ ја предводеле Владата платите тројно се покачиле.
„Минималната плата речиси тројно се покачи, од 8.000 на 22.500 денари, благодарение на добрите политики на СДСМ . Истовремено, како што растеше минималната плата, растеше и просечната плата, од 23.850 денари во 2024 година, скоро до 40.000 денари. Во однос на синдикалната кошничка, таа изнесува 67.382 денари во февруари 2026 година, споредено со февруари лани, што значи зголемување од скоро 1.000 денари. А во однос на 2022 година, таа е зголемена за повеќе од 30.000 денари. Овие аргументи јасно покажуваат зошто треба да се излезе во пресрет на барањата на работниците за минимална плата од 36.000 денари. Предлог-законот дава јасни насоки за финансирање на ова зголемување, преку намалување на луксузните расходи и пренасочување на средствата кон повисока минимална плата,“ рече Тречевска.
Економија
Зголемување на прагот за ДДВ-обврзници и зголемување на повратот преку „Мој ДДВ“, предлага Левица
Пратеничката група на Левица ќе поднесе измени на два закони, со заедничка цел – финансиско растеретување на физичките лица и малите економски субјекти, вклучително семејните бизниси, занаетчиите и регистрираните земјоделци, информираше на денешната прес конференција пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил – Хактан.
Тој појасни дека предлогот предвидува двојно зголемување на максималниот износ за поврат на ДДВ по физичко лице на тромесечје – од 2.100 на 4.100 денари, како и зголемување на процентот на поврат преку апликацијата „Мој ДДВ“: од 20% на 40% за македонски производи и од 10% на 20% за останатите.
Дополнително, се предлага зголемување на прагот за задолжителна регистрација за ДДВ-обврзник од 2 на 4 милиони денари годишен промет, со цел да се намали административниот и финансискиот товар врз малите фирми.
„Со оваа мерка сакаме да го растеретиме даночниот товар кој во моментов е непропорционално распределен – на штета на малите бизниси, додека големите компании користат бројни олеснувања и субвенции. Административните трошоци и за УЈП и за малите субјекти често се поголеми од самата даночна обврска. Со овој пакет отвораме суштинска дилема – кој навистина го носи товарот на даночниот систем во Македонија? Нашата цел е јасна: прогресивен и праведен даночен систем. Оттука, и во иднина ќе предложиме други мерки од овој тип за остварување на оваа цел”, рече Исмаил – Хактан.

