Македонија
Мицкоски: Цело ВМРО-ДПМНЕ било, е и ќе биде за ЕУ, загрижува дел од СДСМ кое со ДУИ формирало антимакедонски фронт

Цело ВМРО-ДПМНЕ, не дел од ВМРО-ДПМНЕ, е на бродот кон Европската Унија. Било, е и ќе остане на тој брод, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска за време на посетата во Кавадарци, коментирајќи ги изјавите на премиерот Димитар Ковачевски дека партијата треба да одлучи дали партијата ќе се качи на бродот за Европската Унија, цела или во делови.
Мицкоски изрази загриженост поради тоа што дел од СДСМ, се здружило со ДУИ и формирале антимакедонски фронт, а не европски како што го нарекуваат, што претставува една појава за уништување на сопствениот народ со цел останување уште неколку месеци на власт.
„Мене ме загрижува дека дел од раководството на СДСМ, не цело СДСМ заедно со ДУИ формираа, наместо како што оние го нарекоа Европски фронт, формираа антимакедонски фронт. И тоа ме загрижува, бидејќи тоа е една појава на уништување на сопствениот народ, за да може да биде задржана сопствената позиција уште некој месец повеќе и таа пракса која што денеска ја гледаме и која што се случува во Македонија ќе остави, навистина, сериозни последици за кои што потоа ќе ни требаат години да ги рехабилитираме“, рече Мицкоски.
Мицкоски упати порака до Ковачевски да не си игра со трпението на македонскиот народ и за престане да го уништува македонскиот идентитет за власт, затоа што сето ова за брзо време, за неколку месеци од денес, ќе заврши и во Македонија ќе има техничка влада.
„Јас сакам да му порачам на Ковачевски да не си игра со трпението на македонскиот народ, да престане да го уништува македонскиот идентитет за да може тој и малкумина, повторно ќе кажам не цело СДСМ, малкумина кои што се нарекуваат себеси за раководство на СДСМ за да ги задржат своите позиции, да распродаваат од македонскиот национален идентитет. Затоа што сето ова ќе заврши, за неколку месеци од денеска имаме техничка Влада, ќе имаме и претседателски и парламентарни избори. Еве во најлош случај ако немаме предвремени парламентарни избори, за неколку месеци од денеска, завршува ова. Прашањето е, каква трага ќе остави позади себе и каков однос ќе има, откако ќе се шета низ македонските улици и сокаци, овој човек имајќи предвид што се му направи на македонскиот идентитет, на македонскиот народ за ова кратко време откако беше назначен за претседател на владата“, истакна Мицкоски.
Затоа, додаде Мицкоски, го предупредувам, барем овие неколку месеци кои што му преостанаа да биде премиер, достоинствено да ги помине без да прави дополнителна штета на македонскиот идентитет и да се приклучи на Македонскиот фронт и на фронтот кој што вистински нуди европска перспектива за Македонија и за македонските граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити прими жители од Страчинце: Анализите на експертите јасно покажаа дека отворањето на каменоломот ќе има сериозни последици врз животната средина

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денес ги прими во својот кабинет жителите од селото Страчинце, со кои одржа отворен состанок за одлуката за одбивање на барањето за отворање на каменолом во оваа скопско село.
Министерот Меџити ги информираше жителите за професионалните и институционалните причини што доведоа до оваа одлука. Анализите на експертите јасно покажаа дека отворањето на каменоломот ќе има сериозни последици врз животната средина, ризик од поплави и негативно влијание врз јавното здравје, велат од Министерството.
На состанокот беше истакнато дека приоритет е заштитата на животот и благосостојбата на граѓаните над секој економски интерес.
Меџити истакна дека следниот чекор е конечно поништување на концесијата во Влада, со што ова прашање ќе добие трајно решение.
Жителите на Страчинце се заблагодарија за одлуката и за приемот што го оствари министерот Меџити, нагласувајќи дека овој состанок е пример за владеење со отворен дијалог и чесна соработка со граѓаните.
Македонија
СДСМ: Скринингот по пожарот во Трубарево покажа дека граѓаните се труеле, кој ќе поднесе одговорност?

„Скринингот што го побара СДСМ, по пожарот во Трубарево, уште еднаш потврди дека Владата на ВМРО ДПМНЕ лажеше дека воздухот не е загаден. Анализите потврдија – 18 граѓани биле изложени на штетни материи со реални здравствени последици, токму од високото ниво на загаденост на воздухот. Ова е јавна здравтсвена катастрофа“, велат од СДСМ.
„Владата на ВМРО-ДПМНЕ свесно лажеше и остави луѓе да се трујат. Уште колку луѓе треба да заболат за власта да признае дека погрешила?
Оваа влада е директно одговорна за труењето на луѓе во Трубарево и околината. Лажеа дека воздухот само изгледал загаден, не било алармантно. Официјалните податоци што се објавија дури шест дена по пожарот покажува речиси дванаесеткратно надминување на кадмиумот (59,1 ng/m³ наспроти дозволени 5), зголемени вредности на арсен и олово.
Наместо навремена реакција, превенција и грижа за здравјето на граѓаните, власта избра да лаже и минимизира, да се обидуваат да ја покријат штетата со ПР-паравани, со некакви хибридни напади.
Вистината излезе на виделина – има заболени луѓе, има жртви на негрижата и непостапувањето на Владата на ВМРО ДПМНЕ.
СДСМ со недели предупредуваше дека е потребна итна акција, скрининг и евакуација.
ВМРО-ДПМНЕ не само што не ги заштитија граѓаните, ги доведоа во опасност, го загрозија нивното здравје. И за тоа мора да има одговорност.
СДСМ бара итна политичка и институционална одговорност од сите надлежни што не постапија навреме – министерот за здравство, министерот за внатрешни работи, директорот на ЦУК“, соопшти СДСМ.
Македонија
Викендов променливо облачно и посвежо време со повремени врнежи од дожд

Времето утре ќе биде претежно облачно и посвежо, со повремени врнежи од дожд. Локално врнежите ќе бидат поројни и пообилни со услови за појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 18, а максималната ќе достигне од 14 до 22 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 21 степени
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност до понеделник времето ќе биде променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд. Локално врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 20 l/m²). Потоа во следните два дена времето ќе биде претежно стабилно. Дневната температура во текот на прогнозираниот период ќе биде за 8 до 10 степени пониска во однос на претходниот.