Македонија
Преку медиумите дознав дека ни се одземени надлежностите за градинката, вели градоначалникот Стефковски
Градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски објави дека преку медиумите дознал дека Министерството за труд и социјална политика им ги одзела надлежностите за детската градинка „Детска радост“ во Автокоманда.
„Скандалозно и несериозно е тоа што Министерството за труд и социјална политика, преку соопштение до медиумите не извести дека ни ги одзема надлежностите за детската градинка Детска радост во Автокоманда. Ваквата постапка е уште еден јасен доказ дека Министерството за труд и социјална политика води политички, а не законски постапки.
До овој момент во општина Гази Баба не е пристигнат документ со кој ни се одземаат надлежностите, а Министерството во соопштение до јавноста во петтиот пасус вели: “Одземените надлежности на градоначалникот се реазултат на прекршување на законот од страна на управниот одбор на ЈОУГД Детска радост – Гази Баба и на прекршување на законот од страна на градоначалникот Бобан Стефковски, при водење на постапка за разрешување на директор”“ наведува Стефковски.
Самото водење на постапката со сила, според него, говори за политичките притисоци кои изминатите две недели ги имаат вработените во Министерството за труд и социјална политика.
„А факт дека ова што го говорам е вистина е укажувањето кое го испрати Министерството до општина Гази Баба на кое инспекторката која ја водеше целата постапка не е потпишана, туку на истото стои само нејзиното име и презиме, што не е својствено за водењето на постапки од ваков тип. Откако не им успеа притисокот кој го правеа врз мене за да ја поништам одлуката за разрешување и да ја вратам на работа разрешената директорка, тргнаа низ насилна постапка да ги одземаат надлежностите“ вели Стефковски.
Тој порачува дека нема да прави компромис со незаконското работење, а на министерката Јованка Тренчевска и порача дека за сите незаконски постапки и донесени решенија ќе има ревизија, а потоа и одговорност пред надлежните органи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

