Македонија
Премиерот Ковачевски со честитка по повод 23 Мај – Националниот ден на Власите

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски упати честитка по повод 23 Мај – Националниот ден на Власите.
Во неа, премиерот Ковачевски потенцираше дека со огромниот придонес и промовирање на принципите на толеранција, доверба и почитување, Влашката заедница активно придонесува во изградбата на државата како едно општество за сите.
„Оддаваме должна почит и огромно признание за целосната поддршка во негувањето и промовирањето на интеркултурализмот, општествената кохезија и демократските вредности во Северна Македонија”, вели премиерот Ковачевски во честитката.
Упатувајќи искрени честитки до припадниците на Влашката заедница, премиерот нагласи дека оваа заедница отсекогаш претставувала нераздвоен дел од нашата заедничка борба за независност и државност и дека нејзината важност во севкупниот општествен, културен и демократски развој на државава е огромна.
„Ја имате мојата и поддршката на Владата за зачувување и промовирање на влашкиот јазик, култура и традиција. Преку нивната заштита, заеднички го штитиме не само идентитетот на Власите, туку и заедничкиот, на кој се гордееме како функционално демократско, мултикултурно и мултиетничко општество, без разлика од каде доаѓаме. Само заедно можеме да ги надминеме сите предизвици и да обезбедиме квалитетен живот во нашиот заеднички дом – Република Северна Македонија”, потенцира премиерот Ковачевски кој порача:
„Нека е честит 23 Мај-Националниот ден на Власите!”
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Општина Аеродром од 29 септември почнува голема есенска акција за бесплатно собирање кабаст отпад

Општина Аеродром од 29 септември почнува голема есенска акција за бесплатно собирање кабаст отпад на целата територија на општината што ќе трае до средината на ноември.
Како што наведуваат од Општината, во соработка со ЈП за комунални дејности на Општина Аеродром, на повеќе локации ќе бидат поставени големи контејнери во кои граѓаните ќе можат да го оставаат својот стар и дотраен мебел.
Акцијата ќе почне од населба Мичурин каде што в понеделник и во вторник, 29 и 30 септември, садовите ќе бидат поставени на улица „Анастас Митрев“ зад паркот до трансформаторот и на улица „Венјамин Мачуковски“ до трансформаторот кај Железничка станица. Потоа, в среда и во четврток, 1 и 2 октомври, жителите на Острово, својот кабаст отпад ќе можат да го оставаат на улица „Владимир Комаров“ бр. 9, како и на „Владимир Комаров“ број 16 зад ТЦ „Скопјанка“.
Кабастиот отпад е планирано да се собира речиси до средината на ноември, а жителите за сите локации и датуми можат да се информираат на страницата на општината aerodrom.gov.mk, каде што е објавен планот со точните датуми и локации.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Денеска претежно облачно и посвежо, со повремени врнежи од дожд

Времето денеска претежно облачно и посвежо, со повремени врнежи од дожд. Локално врнежите ќе бидат поројни и пообилни со услови за појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 18, а максималната ќе достигне од 14 до 22 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 21 степени
Под влијание на циклонска активност до понеделник времето ќе биде променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд. Локално врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 20 l/m²). Потоа во следните два дена времето ќе биде претежно стабилно. Дневната температура во текот на прогнозираниот период ќе биде за 8 до 10 степени пониска во однос на претходниот.