Македонија
По неколкумесечна пауза, приватните превозници повторно во јавниот превоз

Приватните автобуски превозници, по неколкумесечна пауза од денеска повторно започнуваат со сообраќање низ скопските улици откако постигнаа нов договор со Јавното сообраќајно претпријатие Скопје.
Веста беше објавена на фејсбук страната на ЈСП Скопје каде што се истакнува дека е потпишан договор со приватните автобуски превозници и од денеска тие повторно ќе почнат да сообраќаат низ улиците на главниот град.
Според објавата, договорот е потпишан од страна на новиот в.д. директор на ЈСП Скопје Крсте Петревски и претставниците на приватните превозници. Тие од денеска ќе ги опслужуваат линиите 23, 45, 61, 63, 73, 9, 11, 11A, 12, 47A, 55, 19, 20, 22, 52, 54, со, како што се вели, 105 модерни автобуси кои ги исполнуваат еколошките стандарди согласно јавниот повик.
„Со новиот начин на работа и стандардизацијата во јавниот превоз, граѓаните ќе добиваат квалитетна и навремена услуга, а буџетите на Град Скопје и ЈСП Скопје ќе бидат заштитени од злоупотребите и самоволието кое во минатото било пракса“, се вели во објавата на ЈСП Скопје.
Инаку приватните превозници не сообраќаа од ноември минатата година откако им беше раскинат договорот од страна на Град Скопје поради, како што тогаш беше изнесено, неиспорачување на услугите од страна на „Слобода превоз“ и „Макекспрес“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Се излеа Маркова Река кај Батинци

Маркова Река се излеа денес по обилните врнежи од дожд.
Во селото Батинци, водата е надојдена, излевајќи се на неколку места околу речното корито.
Ангажирана е механизација за санирање на штетата, а градоначалник на Студеничани, Азем Садики, објави дека забележана е материјална штета во дворовите од куќите кои се наоѓаат во близина на реката.
Засега, според градоначалникот, нема потреба од евакуација.
Фото: ТВ21/скриншот
Македонија
Тетово повика на јавна дебата за промена на имињата на улиците

Општина Тетово в петок, со почеток во 15:00 часот, организира јавна дебата за предлози за имиња на улиците.
„Ги повикуваме сите граѓани, здруженија, невладини организации и граѓанскиот сектор да учествуваат на оваа јавна дебата за именување на улиците“, велат од општината преку допис.
Додаваат дека секој предлог од граѓаните е важен и помага овој процес да биде инклузивен и успешен за граѓаните и градот Тетово.
Македонија
Тошковски: Припадниците на МВР денеска примија плата зголемена за 10 отсто

Припадниците на МВР денеска примија плата зголемена за 10 отсто, информира министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
„Изминативе години сосема оправдано имаше критики дека платите во МВР се ниски, а очекувањата и одговорностите големи. Често се укажуваше на разлики во однос на некои сродни служби, а чувството на потценетост беше реално и оправдано. Ова зголемување не е доволно, но е еден од многуте чекори што ќе следат во насока на враќање на достоинството и угледот на полицаецот. Целта е јасна – да изградиме модерна, професионална и силна полиција која ќе биде вистински сервис на граѓаните. Продолжуваме понатаму кон обезбедување на подобри услови, поголема поддршка и вистинско вреднување на трудот што секојдневно се вложува“, напиша Тошковски во објавата на социјалните мрежи.