Свет
Рускиот премиер во посета на Кина: Притисокот на Западот ги засилува нашите врски
Притисокот од Западот ги зајакнува врските меѓу Русија и Кина, изјави денеска во Пекинг рускиот премиер Михаил Мишустин на средбата со неговиот кинески колега Ли Џианг.
Русија се повеќе се свртува кон Кина во потрага по дипломатска и економска поддршка поради зголемената изолација предизвикана од нападот врз Украина.
Во воведниот говор на средбата со кинескиот премиер, Мишустин ниту еднаш не ја спомна војната во Украина. Кина, одби да ја критикува инвазијата и се фокусираше на економската соработка со Русија.
Мишустин кажа дека односите меѓу двете земји се „на невидено ниво“ под влијание на „зголемените турбуленции на меѓународната сцена и притисокот од Западот“.
„Народите на Русија и Кина ја негуваат својата историја, богата култура и традиција. Ние го поддржуваме натамошниот развој на нашата култура, размена и комуникација“, рече Мишустин во Пекинг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Нереални снимки од Босна и Херцеговина, местото се претвори во река, отсечено е од светот
По обилните дождови во Босна и Херцеговина, многу градови беа погодени од поплави, одрони и свлечишта, меѓу кои и Бутуровиќ Поле.
Досега во поплавите во Босна и Херцеговина загинаа 18 лица.
Според достапните информации, ова место е практично отсечено од останатиот дел од земјата и светот.
Снимките со дрон, снимени од Ален Беглук, го откриваат целиот размер на катастрофата што го погоди Бутуровиќ Поле.
Регион
(Видео) Спасувачка операција во БиХ по поплавите: трудница во тешка состојба, 10-годишно момче со тешки скршеници со хеликоптер е префрлено во Мостар
Доктор Ламија Дурановиќ, директор на кантоналната болница „Д-р Сафет Мујиќ“ во Мостар, потврди дека во првиот бран на евакуација од Јабланица помош им била укажана на четири лица, од кои две биле пренесени со хеликоптер.
-Се работи за трудница во осмиот месец од бременоста, која беше евакуирана од екипите на Планинарската спасувачка служба, а која за жал го загуби бебето. За жал моментално е во животна опасност. Не можам да дадам прогнози, бидејќи се работи со повеќекратни повреди опасни по живот – изјави Дурановиќ за Avaz.ba.
Со неа, додаде таа е донесен и нејзиниот сопруг, а неговиот живот не е во опасност.
-Потоа со хеликоптер е пренесено 10-годишно момче, кое има скршеници и во моментов не е ни во животна опасност, како и маж, кој засега е стабилен – изјавила таа.
Таа нагласи дека целосно се ослободени сите капацитети на оваа болница за потребите на прием и згрижување на повредените жители на Јабланица.
– Вработените нема да ги напуштат работните места до дополнително известување, а сите што беа ослободени ги повлековме од дежурство – рече таа.
Засега немаат информации од терен колку евентуално повредени може да очекуваат во наредните часови.
– Целосно сме подготвени и во контакт сме и со нашите колеги во СКБ Мостар – изјави Дурановиќ.
Инаку транспортот и евакуацијата на повредените од Јабланица се одвива во исклучително тешки услови.
Според досегашните информации, припадници на ГСС на носилки ги носат повредените до изворот Комадино, а потоа со помош на чамци се транспортираат до мостот Бегиќ и Беговиќ.
Инаку според медиумите во регионот најмалку 14 лица загинале во поплавите и свлечиштата што ја погодија населбата Јабланица на југот на Босна и Херцеговина.
Јабланица сè уште е целосно отсечена од остатокот на БиХ. Министерот за одбрана на БиХ, Зукан Хелез, претходно изјави дека има неофицијални информации за најмалку 20 жртви во Јабланица.
Регион
Најмалку 14 загинати во Јабланица, објавена првата официјална информација за жртвите од поплавите во БиХ
Дарко Јукан, раководител на Секторот за односи со јавноста, потврди дека во Јабланица загинале најмалку 14 лица.
Тој објави дека се пронајдени 14 тела и дека има многу жртви, а најкритична е состојбата во областа Долна Јабланица, на патот од Мостар кон Сараево, по обилните врнежи во текот на ноќта, што предизвика одрони и свлечишта на југот на Босна и Херцеговина.
Јабланица сè уште е целосно отсечена од остатокот на БиХ. Министерот за одбрана на БиХ, Зукан Хелез, претходно изјави дека има неофицијални информации за најмалку 20 жртви во Јабланица.
Тој изјави дека се ангажирани припадници на вооружените сили на Босна и Херцеговина, полицијата и меѓународните сили, кои се на обука и дека има проблеми со прекин на комуникациите.
„Ќе побараме помош од меѓународната заедница и од другите земји“, додаде тој за „Ал џезира“.
Вооружените сили на Босна и Херцеговина ќе бидат ангажирани со полн капацитет да му помогнат на населението во поплавените подрачја, изјави министерот Хелез за „Аваз“.
„Трудницата, чие дете ѝ почина во утробата, е евакуирана од подрачјата погодени од поплавите на југот на Босна и Херцеговина и е оперирана во Мостар“, изјави Ламија Дурановиќ, директор на кантоналната болница „Д-р Сафет Муиќ“, за Радио Слободна Европа.