Европа
Руски разузнавач му порача на ‘наметливиот Запад’ да оди по ѓаволите

Еден од главните руски разузнавачи изјави во средата дека Западот го посеал семето на сопственото уништување оттргнувајќи се од, како што ги нарече, суштинските традиции и му порача да оди по ѓаволите и да престане да се меша во глобалните работи, пренесува „Еурактив“.
Во изјавата на безбедносниот форум близу Москва, на кој присуствуваа странски безбедносни претставници, шефот на руската Служба за надворешно разузнавање (СВР), Сергеј Наришкин, во една од своите најантизападни изјави досега ја нагласи ја длабочината на непријателството што Москва го чувствува кон Западот поради неговата поддршка за Украина.
„На Англосаксонците им советувам да се грижат за сопствените внатрешни граѓански конфликти. Уште подобро, да се расчистат со својот познаник, ѓаволот“, рече Наришкин, кој исто како и другите руски функционери ги нарекува Велика Британија, САД и другите земји од англиското говорно подрачје „Англосаксонци“.
Посочувајќи дека Западот е растргнат од сериозни внатрешни и надворешни проблеми, Наришкин додаде дека е „важно да се потсетиме на библиската вистина: нивниот крај ќе биде според нивните дела. А тоа значи дека нивниот крај ќе биде тажен“.
Наришкин, кој вели дека она што Русија го нарекува ‘специјална воена операција’ во Украина е дизајнирана да ја заштити Москва од постојано проширување на НАТО, ги обвини Вашингтон и Лондон дека ги спречиле напорите да се постигне решение за конфликтот и дека замижуваат пред засилените тероризам и насилство во цивилите од Украина.
Канализирајќи го препознатливиот став на Кремљ за геополитичкиот пејзаж, Наришкин го обвини Западот дека се обидува да ѝ се спротивстави на историската промена кон мултиполарен свет.
Тој, исто така, ја обвини, како што ја нарече, „евроатлантската елита“ дека одбила доброволно да го предаде своето раководство и дека прави сè за да го спречи подемот на, како што рече, алтернативните центри на моќ.
Предвидувајќи турбулентни времиња во глобалните работи, Наришкин рече дека Русија и другите незападни земји се подобро поставени за да ги преживеат процесите кои би можеле да одлучат за судбината на нациите.
„Турбулентните периоди (во светската историја) во суштина се тест за степенот до кој народите ги зачувале своите вистински темели. Нашите земји, за разлика од Западот, имаат зачувано значителна маргина на сила и стратешка длабочина во овој поглед. Тука мислам на поврзаноста со духовната димензија на постоењето, традиции кои во САД и Европа одамна му отстапија место на култот на материјалниот успех и отворениот сатанизам “, рече Наришкин, кој ги критикуваше општествените промени на Запад, како оние околу идентитетот, како опасни и погрешни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Русите ги нападнаа Харков и Днепар со беспилотни летала: едно лице загина, 46 се повредени

Роеви руски беспилотни летала ги нападнаа украинските градови Харков и Днепар доцна синоќа, при што загинаа најмалку едно лице, а најмалку 46 беа повредени, соопштија официјални лица.
Харков, кој се наоѓа на североисток, во близина на руската граница и е втор по големина град во Украина, е цел на редовни руски напади со беспилотни летала и ракети откако Москва ја започна својата тотална инвазија пред повеќе од три години. Во нападот врз градот доцна синоќа се повредени најмалку 46 лица, меѓу кои две деца и една бремена жена, соопшти регионалниот гувернер Олех Синехубов.
Нападите се случија откако САД, кои се обидоа да посредуваат во мировен договор меѓу Русија и Украина, изјавија дека ќе се повлечат како посредник доколку Москва и Киев не излезат со конкретни предлози.
Завчера, рускиот претседател Владимир Путин прогласи тридневен прекин на огнот од 8 до 10 мај по повод 80-годишнината од победата на Советскиот Сојуз и неговите сојузници во Втората светска војна, додека украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на итен прекин на огнот во траење од најмалку 30 дена.
Градоначалникот на Харков, Игор Терехов, изјави дека вчера биле цел на напади неколку делови од градот, кој бил опустошен од последователни напади. Харков е дом на околу 1,2 милиони луѓе, во споредба со речиси 2 милиони пред почетокот на инвазијата во февруари 2022 година. „Врз Харков беа извршени 16 напади. Беше погодена висока станбена зграда, како и приватни куќи, медицински објект и цивилна инфраструктура“, напиша Терехов на Телеграм.
Во југоисточниот град Днепар, беспилотни летала предизвикаа пожари, при што загина 53-годишен маж, а уште едно лице беше повредено, изјави Серхиј Лисак, гувернер на регионот Днепар.
„Тешка ноќ за Днепар. Приватни куќи беа оштетени“, напиша Лисак на Телеграм. Тој рече дека девет руски беспилотни летала биле уништени над регионот преку ноќ. Целосниот обем на ноќниот напад врз Украина не е познат. Двете страни негираат дека гаѓале цивили. Во масовен руски напад со беспилотни летала врз Днепар минатиот месец загинаа четири лица и предизвика голем пожар во хотелски и ресторански комплекс и други згради.
Европа
Хеликоптери летаат низ Шведска, полицијата оди од врата до врата: убиецот е сè уште во бегство

Три лица се убиени во пукотница што се случи вчера во фризерски салон во центарот на Упсала, потврди шведската полиција. Напаѓачот избегал со скутер и сè уште е во бегство.
Пукањето се случило во близина на плоштадот Ваксала, а локалните медиуми објавија дека полицијата опколила голем дел од градот и започнала истрага за тројно убиство.
Сведоците за шведската телевизиска станица ТВ4 изјавија дека сè траело неколку секунди. „Сè се случи многу брзо. Само слушнавте бам, бам, бам“, рече еден очевидец. Друг рекол дека бил дома и готвел кога слушнал „два истрела што звучеле како огномет“, по што улиците биле преплавени со полициски и итни возила кои ги предупредувале луѓето да се засолнат.
Една од жртвите, според информациите објавени од шведската национална телевизија СВТ, била под истрага за наводно подготвување напад врз роднина, водач на банда.
Пукањето се случило вечерта пред прославата на Валпургиската ноќ, традиционален пролетен фестивал кој привлекува илјадници луѓе во Упсала секоја година. Градот во северна Шведска е познат по својот универзитет и бучните прослави во пресрет на Први мај.
Поради инцидентот, железничкиот сообраќај беше привремено запрен за да се спречи евентуално бегство на сторителот, потврди портпаролот на полицијата Магнус Јансон Кларин, додавајќи дека во потрагата е вклучен и полициски хеликоптер. Возовите подоцна продолжија со сообраќајот, а полицијата оди од врата до врата за да собере дополнителни сведоштва.
Министерот за правда Гунар Штромер го опиша нападот како „брутален чин на насилство“.
Полицијата на својата веб-страница објави дека ги разбира загриженостите на граѓаните пред фестивалот, но дека во моментов веруваат дека ова е изолиран инцидент и дека нема опасност за јавноста.
Во февруари, десет лица беа убиени во пукање во образовен центар во шведскиот град Еребро.
Европа
Човек на Трамп: Предлогот на Путин е апсурден

Кит Келог, специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина и Русија, го отфрли предлогот на рускиот претседател Владимир Путин за тридневен прекин на огнот. Келог истакна дека Вашингтон бара долгорочно примирје.
Коментирајќи го напредокот на мировните преговори во последните денови, тој изрази верување дека САД „се во прилично добра позиција кога станува збор за Украинците“. „А тридневно примирје е апсурдно“, нагласи тој, осврнувајќи се на предложеното примирје од 8 до 10 мај.
Тој додаде дека Трамп се залага за сеопфатен прекин на огнот „на море, во воздух и на копно“ што ќе трае најмалку 30 дена. „И потоа можеме да го продолжиме“, изјави тој.
„Кога ќе погледнете на сè околу што Украинците се подготвени да соработуваат, сега е до Русите, до Путин. Имаме една страна, ни треба друга страна. И мислам дека сме блиску“, продолжи тој.
Путин најави уште едно примирје кое ќе започне на полноќ на 8 мај и ќе трае до полноќ на 11 мај. Италијанската премиерка Џорџа Мелони изјави дека тридневното примирје објавено од Кремљ не е доволно, туку дека е потребен праведен и траен мир.
Британската одбранбена разузнавачка агенција верува дека тридневниот прекин на огнот што го објави Путин на Денот на победата има за цел да ја прикаже Русија како отворена за преговори и да ги ограничи украинските напади со долг дострел.