Свет
Ерменија и Азербејџан оптимисти на разговорите со посредство на Путин
Непријателите Ерменија и Азербејџан напредуваат кон нормализирање на односите по заемното признавање на територијалниот интегритет, изјавија лидерите на двете земји во четвртокот по разговарите во Москва, пренесува „Еурактив“.
Ерменскиот премиер Никол Пашинјан и азербејџанскиот претседател Илхам Алиев се состанаа одвоено со рускиот лидер Владимир Путин пред тројцата да одржат заеднички преговори доцна во четвртокот.
Разговорите се одржаа по неодамнешните смртоносни гранични судири меѓу двата кавкаски соседа, кои се заглавени во повеќедецениски конфликт за контрола на азербејџанскиот регион Нагорно-Карабах кој е претежно населен со Ерменци.
„Постои можност да се дојде до мировен договор имајќи предвид дека Ерменија формално го призна Нагорно-Карабах како дел од Азербејџан. Азербејџан нема територијални претензии кон Ерменија “, рече Алиев пред разговорите.
Пашинјан во понеделникот изјави дека Ерменија е подготвена да го признае Нагорно-Карабах како дел од Азербејџан ако Баку ја гарантира безбедноста на своето етничко ерменско малцинство.
Пашинјан најави големи промени во политиката на неговата земја во однос на Русија и на Азербејџан, посочувајќи дека двете земји постигнале добар напредок во нормализирањето на односите, засновани на заемно признавање на територијалниот интегритет.
Тој рече дека Ереван е подготвен „да ги деблокира сите транспортни врски во регионот што минуваат низ ерменската територија“.
Путин по средбата посочи дека и покрај сите тешкотии и проблеми што сè уште остануваат, ситуацијата се развива кон решавање на конфликтот во Нагорно-Карабах.
Тој рече дека вицепремиерите на трите земји ќе се сретнат по една недела во Москва за да ги решат преостанатите прашања во врска со повторното отворање на транспортните врски меѓу Азербејџан и Ерменија.
Кавкаските соседи се обидуваат да преговараат за мировен договор и со помош на Европската унија и САД. На 14 мај, на состанокот организиран од претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во Брисел тие се договорија за заемно признавање на територијалниот интегритет.
Мишел го поздрави напредокот во разговорите, додавајќи дека „треба да се одржи моментумот“ кон конечниот мировен договор.
Но дипломатскиот ангажман на Западот на Кавказ ја налути Москва, која е традиционален посредник во регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Трамп и Нетанјаху со пилотски очила во ВИ-снимка: „Победнички круг“
Во објава на Инстаграм, со која очигледно се одбележуваат шест месеци од израелскиот конфликт со Иран, прес-службата на премиерот Бенјамин Нетанјаху сподели вештачки генерирано видео на бомбардер Б-2 кој прелетува над мрежа од згради во неидентификувана пустинска област.
Во видеото, кое трае само неколку секунди, премиерот на Израел и претседателот на САД Доналд Трамп носат пилотски очила за сонце и накратко се погледнуваат.
A message to Iran: Netanyahu’s office shared an AI video showing him and U.S. President Donald Trump flying a B-2 bomber together. pic.twitter.com/rM05YsHs4J
— Open Source Intel (@Osint613) December 24, 2025
„На нашиот победнички круг. #sixmonths“, стои во описот на објавата.
Израел соопшти дека неговата сеопфатна офанзива во јуни, насочена кон највисоките ирански воени команданти, нуклеарни научници, постројки за збогатување ураниум и програмата за балистички ракети, била неопходна со цел да се спречи, како што наведуваат, иранскиот план за уништување на еврејската држава.
Иран доследно негира дека тежнее кон развој на нуклеарно оружје.
Како одговор на израелските напади, Иран истрелал кон Израел повеќе од 500 балистички ракети и околу 1.100 дронови.
Кон самиот крај на војната, Соединетите Американски Држави им се приклучија на нападите врз иранските нуклеарни постројки.
Фото: Depositphotos
Свет
Американскиот претставник во НАТО: Можен договор за Украина во следните 90 дена
Постојаниот претставник на САД во НАТО, Метју Витакер, во интервју за „Фокс њуз“ изјави дека е можен договор во Украина во следните 90 дена.
„Ако биде завршено, тоа ќе биде во следните 90 дена“, рече Витакер.
Тој додаде дека е очигледно дека оваа зима може да биде навистина тешка за Украинците поради нападите врз енергетската инфраструктура.
Витакер додаде дека Вашингтон планира да продолжи да врши притисок врз двете страни за решавање на спорот. Ако некој може да го стори тоа, нагласи постојаниот претставник на САД, тоа е американскиот претседател Доналд Трамп.
Учесниците во мировниот процес во Украина работат на четири финални документи, објави Витакер.
Според дипломатот, на преговарачката маса моментално е нацрт-мировен план од 20 точки, како и документи за мултилатерални безбедносни гаранции и специјални гаранции од САД.
Четвртиот документ е посветен на план за повоено економско закрепнување и развој.
„Сите овие документи се дискутираат во реално време. Мислам дека сега имаме прилично добро разбирање за тоа што сака Украина“, додаде Витакер.
На 20 декември, делегации од Украина, САД и европски земји се состанаа во Мајами. По разговорите, специјалниот претставник на американскиот претседател, Стивен Виткоф, и секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, Рустем Умеров, објавија идентични изјави на социјалните мрежи. Тие рекоа дека за време на нивните состаноци страните разговарале за мировниот план од 20 точки и безбедносните гаранции на Вашингтон за Киев.
Покрај тоа, учесниците на состанокот одвоија време да разговараат за развојот на планот „економија и просперитет“.
Според Володимир Зеленски, украинската и американската делегација подготвиле нацрт-документи за рамка за завршување на конфликтот со Русија за време на нивните разговори во Мајами.
Фото: unsplash
Свет
Католиците ширум светот денес го слават Божиќ
Католиците, протестантите и другите верници кои се придржуваат до грегоријанскиот календар, денес ширум светот го одбележуваат еден од најрадосните празници – Божиќ, со кој се слави раѓањето на Исус Христос.
Празникот традиционално се прославува во кругот на семејството, со молитва, богослужби и обичаи што се разликуваат од земја до земја, но носат заедничка порака на мир, надеж и заедништво.
Како што налагаат обичаите, предвидено е овој ден да се помине со членовите на семејството и во заедничка молитва. Рано наутро верниците одат на миса, по што следува заеднички ручек.
Според Библијата, Исус го родила Девицата Марија, која зачнала безгрешно, а при породувањето ѝ помогнал нејзиниот сопруг Јосиф. Исус се родил во штала во градот Витлеем пред повеќе од 2.000 години, опкружен со домашни животни, поради што верниците за Божиќ под елката поставуваати фигури на овци.
Домовите на верниците се посебно украсени за Божиќ и во повеќето од нив има елка под која се оставаат подароци за најмладите членови на семејството.

