Македонија
Сега нема редење вести, затоа сме на 38 место по слобода на медиумите а бевме на 118 место, вели Ковачевски
„Благодарение на тоа што никој денес не реди вести, благодарение на тоа што никој не праќа нарачани новинарски прашања, благодарение на тоа што секој новинар може да дојде слободно и да праша што сака на прес – конференција сме 38-мо место во светот по слобода на медиумите. Па споредете со 118-то место во времето на ВМРО-ДПМНЕ. Само во времето на мојата Влада 19 места сме напреднати за 1 година. Па такво напредување ниедна држава нема“, рече денеска претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски во македонското Собрание, во одговор на пратеничко прашање поставено од пратеникот Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ
„Како почитуван пратеник Стојановски вие ќе го ослободите судството? Па погледнете го извештајот на Прибе, заробена држава стои во времето на ВМРО-ДПМНЕ. Кажете како ќе го ослободите и од кого вие ќе го ослободите судството. Кажете која демократија вие ќе ја враќате во државата кога државата сега по Фридом Хаус напредува благодарение на оваа Влада. Или ќе зборувате и за слобода на медиуми“. Според Извештајот на Репортери без граници во ваше време државата беше 118 место во Светот според слободата на медиумите. Цела држава слушаше како вести редите, која вест да била прва која втора. Па се потрошиле вестите, па во спортски вести да кажеш нешто за економија пошто нема место више во економски вести. ВМРО-ДПМНЕ ќе враќале демократија во државата, во судството и во медиумите, вели Ковачевски.
Како што додава, благодарение на тоа што никој денес не реди вести, благодарение на тоа што никој не праќа на новинари прашања, благодарение на тоа што секој новинар може да дојде слободно и да праша што сака на прес – конференција сме 38ми во свет.
„Па споредете со 118ти. Само во времето на мојата Влада 19 места сме напреднати за 1 година. Па такво напредување ниедна држава нема. И да знаете дека ќе бидеме уште подобри. Ниту јас ниту министрите ниту редиме вести, ниту пак бараме кога ќе се пополни со редењето да одат економски теми во спортска редакција. Па место да се збори за спорт да се збори за постигнувањата на Владата како правеле статуи во центарот на Скопје, е тоа беа вестите порано и вие тоа добро го знаете, рече претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски“, завршува Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

