Свет
Дипломатот Хенри Кисинџер денес полни 100 години

Пред сто години, на 27 мај 1923 година, е роден Хенри Кисинџер, американски дипломат кој одбележа една епоха.
Хенри Кисинџер, неговото првобитно име е всушност Хајнц Кисинџер, е роден во Фирт, на северот на Баварија, во семејство со еврејско потекло. Неговиот татко бил учител. Семејството ја напуштило тогашна нацистичка Германија во 1938 година.
Тој стана државјанин на САД во 1943 година. Се вратил од Германија, каде што бил на должност по Втората светска војна, во 1947 година. Докторирал на Харвард во 1954 година, со теза за Метерних. Темелното познавање на улогата на Метерних во историјата на Европа во првата половина на 19 век е несомнено една од причините за неговата единствена стручност во светот на високата политика.
До 1971 година, Кисинџер работеше на Харвард. Оттука, од 1957 година е на функцијата советник на Нелсон Рокфелер.
Потоа, во 1968 година, тој стана советник на претседателот Ричард Никсон, задолжен за национална безбедност. Што ќе трае дури и за време на Џералд Форд. Бил државен секретар, односно министер, од септември 1973 до јануари 1977 година.
Тоа беше многу чувствителна позиција. САД тогаш, како што изгледаше, се најдоа заглавени од ситуацијата во Индокина, нешто што изгледаше како ќор-сокак во Виетнамската војна, ситуацијата на Блискиот Исток, но и на други места, во Латинска Америка, Африка, па дури и во Европа.
Во тие години, влијанието на советската држава, или барем идеологијата, растеше низ целиот свет. Не само во земјите кои беа соочени со проблемот на деколонизација, секоја на свој начин, туку таквите идеи станаа општо присутни во академските кругови на Западна Европа. Слична ситуација беше и со расположението на новите политички лидери на Латинска Америка.
Кисинџер потоа решава да направи нешто што претходно изгледало невозможно. Од средината на 1971 година постепено воспоставува посебни односи со властите на комунистичка Кина. Дотогаш, официјален Вашингтон го признаваше само Тајван како Кина, каде што е познато дека остатоците од антикомунистичките сили избегале од копното на Кина. Во тоа време, Тајван исто така ја претставуваше Кина во Советот за безбедност на ОН. Кисинџер го посетува Пекинг, најпрво неформално, подготвувајќи ја официјалната посета на Никсон на Кина, што ќе доведе до нормализирање на односите меѓу двете големи земји. Иако ова значително не ја олесни позицијата на САД во Индокина, тоа помогна да се зголеми нерамномерноста во блокот, неформално, на комунистичките земји. Пред се, на релација Пекинг – Москва, што беше главната цел.
Од друга страна, постигна договори со официјална Москва за ограничување на стратешкото оружје (договор SALT 1 и ABM), што донекаде ги намали тензиите.
Еден вид успех, со горчлив вкус, беше и Парискиот мировен договор, во јануари 1973 година, со кој САД се обидоа да ги „измијат рацете“ од Виетнам. Добитник е на Нобелова награда.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Бројот на загинати во поплавите во Тексас се искачи на 50, продолжува потрагата по децата

Бројот на жртви од поројните поплави во Тексас, на југот на САД, се искачи на 50, додека потрагата по десетици исчезнати деца продолжува, објавија локалните власти.
Силните поплави предизвикани од поројните дождови во петокот оставија 43 жртви во најтешко погодениот округ Кер и вкупно седум мртви во три други окрузи, изјавија локалните власти за АФП.
Меѓу исчезнатите се 27 млади девојчиња од летниот камп „Камп Мистик“. Градскиот менаџер на Кервил, Далтон Рајс, рече дека може да има повеќе исчезнати лица во регионот.
Властите претходно соопштија дека поплавните води се повлекуваат околу реката Гвадалупе, околу 137 километри северозападно од Сан Антонио, каде што беа спасени најмалку 237 лица, од кои повеќе од 100 со хеликоптер.
Претседателот Доналд Трамп рече дека ќе се грижи за нив кога беше прашан за федералната помош за катастрофи.
Свет
Во Австралија подметнат пожар во синагога додека внатре имало верници

Австралиската полиција синоќа уапси маж осомничен дека подметнал пожар во синагога во Мелбурн додека внатре имало верници, што е најнов во серијата инциденти насочени против еврејската заедница во земјата. Израел го осуди како гнасниот напад врз Евреите и повика на обезбедување правда.
34-годишниот маж е осомничен дека го подметнал пожарот на влезната врата од фреквентната верска зграда во Мелбурн во петокот вечерта, за време на Шабат – традиционалниот еврејски ден на одмор. Во синагогата, една од најстарите во Мелбурн, имало 20 луѓе кои вечерале, но никој не бил повреден. Успеале да избегаат, а пожарникарите го изгаснале пожарот.
„Детективите ќе продолжат да ги испитуваат намерите и идеологијата на осомничениот за да утврдат дали се работи за терористички напад“, се наведува во полициското соопштение. Мажот е обвинет и за загрозување на човечки животи.
Австралија бележи повеќе антисемитски инциденти од почетокот на војната помеѓу Израел и Газа во октомври 2023 година. Властите истражуваат дали пожарот во синагогата е поврзан со немирите во петокот вечерта во израелски ресторан во Мелбурн, при што едно лице било уапсено поради попречување на полицијата. Според Еврејскиот совет на Австралија – главното тело на австралиските Евреи – ресторанот бил значително оштетен.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху инцидентите ги опиша како „тешки злосторства од омраза“.
„Државата Израел ќе продолжи да стои зад еврејската заедница во Австралија“, изјави тој на X, повикувајќи ја Австралија да обезбеди правда и да го осуди „насилниот напад“ за кој, како што рече, го извршиле „пропалестински хулигани“.
Австралискиот премиер Ентони Албанезе во саботата го осуди „кукавиачкиот“ напад кој можел да има „катастрофални последици“ и го опиша наводното подметнување пожар – седум месеци по нападот врз друга синагога во Мелбурн – како шокантно.
Свет
Илон Маск: Основав нова партија

Илон Маск најави основање на нова политичка партија во САД под името „Американска партија“, еден ден откако на социјалната мрежа „Икс“ (поранешен Твитер) спроведе анкета меѓу своите следбеници за потребата од нова политичка опција. Маск изјави: „Со оглед на соодносот 2 спрема 1 во полза на нова политичка партија – ќе ја имате!“ Додаде дека партијата е основана за да „ја врати слободата на народот“.
Оваа најава доаѓа по ескалацијата на судирите помеѓу Маск и претседателот Доналд Трамп. Маск јавно го критикуваше трамповиот закон за даночни олеснувања и потрошувачка, нарекувајќи го „одвратен“ поради високите трошоци и придонесот кон националниот долг. Трамп возврати со закани дека ќе ги укине федералните субвенции за компанијата „Тесла“ и договорите на „Спејс Икс“, што дополнително го влоши нивниот однос.
Според достапните информации, „Американска партија“ се залага за намалување на буџетскиот дефицит, дерегулација, слободна трговија и имиграција на високо квалификувани работници. Партијата се позиционира како алтернатива на двопартискиот систем, со цел да привлече гласачи кои не се чувствуваат претставени од постојните политички опции.
Аналитичарите предупредуваат на бројните предизвици со кои ќе се соочи партијата, вклучително и пристапот до гласачките ливчиња, организирањето на кампањи и изградбата на неопходна инфраструктура за успех на национално ниво. Иако Маск располага со значителни финансиски средства и влијание, останува неизвесно дали неговата партија ќе успее да постигне значително политичко влијание на претстојните избори.
Илон Маск одигра клучна улога во претседателската кампања на Доналд Трамп во 2024 година, донирајќи над 250 милиони. Оваа финансиска поддршка го направи најголем индивидуален донатор во таа изборна година.
По изборите, Маск беше именуван за специјален советник на претседателот и фактички раководител на новоформираната Канцеларија за ефикасност на владата (DOGE), чија цел беше намалување на државната потрошувачка и бирократијата. Иако формално беше ангажиран како специјален државен службеник со ограничен мандат од 130 дена, неговата улога во DOGE беше предмет на правни и политички контроверзии.
Маск ја напушти функцијата крајот на мај 2025 година. Неговото заминување следеше по несогласувањата со Трамп околу законот за потрошувачка, познат како „Голем, прекрасен закон“, кој Маск јавно го критикуваше.