Македонија
Граѓаните едвај врзуваат крај со крај, а 10.000 евра месечно државни пари се трошат за само тројца директори, објави Наќе Чулев

За плати на директорите на трите државни агенции од безбедносниот сектор, само за еден месец граѓаните плаќаат речиси 10 илјади евра. Просечната плата на секој од нив во согласност со законски утврдениот коефициент и другите додатоци е околу 3 илјади евра на месечно ниво. Ова го објави на социјалните мрежи екстехничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев.
Тој вели дека кога граѓаните едвај врзуваат крај со крај, вкупната сума што државата ја двои секој месец за плати за само три лица, односно директорите на Агенција за национална безбедност, на Агенцијата за разузнавање и на Оперативно-техничката агенција, изнесува 600.000 денари. На годишно ниво, само за директорите на овие три институции се трошат речиси 7.200.000 денари.
Платата на секој овие три директори е повисока дури и од платата на претседателот на државата и на премиерот, вели Чулев.
„Сите ние плаќаме илјадници евра за плати на луѓето што се возат во луксузни и скапи возила, кои имаат цела армија обезбедувања и возачи, јадат скапи ручеци и единствено нешто што направија се низата скандали поврзани со безбедносните сертификати, спорните државјанства и пасошите на белосветски криминалци и фактот дека го доведоа безбедносно- разузнавачкиот систем во катастрофално лоша состојба во каква што не бил во изминатите 30 години, сериозно нарушувајќи ги безбедносните капацитети на Македонија, кои имаат основна цел зачувување на уставниот поредок на државата и територијалниот интегритет“, вели Чулев во објавата.
Како што додаде, ЕУ и НАТО бараат одговорни, едуцирани и докажани професионалци на раководни позиции со високи морални вредности и интегритет, а астрономските плати се само начин на кој оваа власт продолжува да го осиромашува народот и да ја руши економијата на државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Комисијата утврди дискриминација врз професионалните војници – синдикатот бара итни законски измени

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди индиректна дискриминација врз професионалните војници од страна на Министерството за одбрана, информира Независниот синдикат на професионални војници СО Скопје.
Претставката до Комисијата ја поднел Александар Насковски, претседател на синдикатот и професионален војник, на 12 ноември 2024 година. Според него, Министерството со години не го трансформира работниот однос на професионалните војници од определено на неопределено време, спротивно на член 46 од Законот за работни односи.
„Професионалните војници се единствената категорија вработени во државата кои работат и по 25 години со договори на определено време, често продолжувани и по седум или осум пати, без можност да остварат право на пензија“, изјави Насковски.
По долготрајна институционална игнорација, синдикатот на 3 јуни 2025 година достави предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата до Собранието и сите пратенички групи. Со предложените измени се предвидува конечно уредување на статусот на професионалните војници и спроведување на препораките од Комисијата.
Синдикатот очекува Министерството за одбрана и пратениците да постапат по препораките и да ја исправат, како што велат, децениската неправда, со што ќе се постигне и буџетска заштеда за институцијата.
Македонија
Ангелов на состанок во Берово: Планирање на акција за справување со пожарот над Русиново

Раководителот на Главниот штаб за управување со кризи и директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, синоќа присуствуваше на координативниот состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување во Берово, предводен од градоначалникот Звонко Пекевски.
На работниот состанок се анализираа извештаите за движењето и интензитетот на пожарот во планината над селото Русиново. Како главни предизвици беа посочени променливиот ветер, остатоците од стари пожари – шупливи дрвја кои при горење паѓаат по стрмнините – како и непристапниот терен, што значително го отежнува гаснењето.
Според соопштението од ДЗС, состанокот траел подолго поради разгледување на повеќе стратегии за утринска интервенција. Се планира комбинирана акција со теренски сили, механизација и ангажман на воздухоплови, чија активност ќе се координира од земја во согласност со конкретните дневни услови.
Ова е дел од континуираните напори за справување со активните пожари во источниот дел на земјата.
Македонија
Tри улици од Карпош ќе останат околу шест часа без струја

Без електрична енергија денес ќе останат корисниците од три улици во Карпош.
Во периодот од 08.15 до 13.30 часот, без струја ќе бидат корисниците од улиците Иван Цанкар – парни броеви, Франц Прешерн – непарни броеви и Вангел Дину. ( општина Карпош ), информира ЦУК по известување добиено од ЕВН.