Македонија
Здружението „Нов АСНОМ“: Западот е нестабилен сојузник, вети влез во ЕУ со промената на името, сега поставува нови услови
Граѓанското здружение „Нов АСНОМ“ цени дека пораката на американскиот сенатор Крис Марфи дадена при неговата посета на Република Македонија, но и на амбасадорката на САД во Македонија, Анџела Агелер, се скандалозни и без преседан и дека всушност ниту тие ниту претседателот Бајден и неговата администрацијата немаат разбирање за чувствата на македонските граѓаним а уште помалку за македонските национални интереси и идентитетски проблеми што се јавија со преспанскиот и бугарскиот договор.
Од здружението велат дека македонските граѓани оправдано се прашуваат каков е тој стратешки партнер што се заканува и поставува ултиматуми и кој не ја препознава и почитува огромната посветеност на Македонија кон евро-атлантските интеграции и европскиот пат, но и болните отстапки што се направени во таа насока.
„Зошто тие немаат сенс за валоризирање на тешките одлуки и политички отстапки што Македонија на своја штета ги направи за напредување во евро-атлантските интеграции? Сенаторот Марфи треба да знае, навистина да знае, дека нашиот пат кон ЕУ е премногу долг и дека нивните стратешко-пријателски ‘совети’ за уставните измени што треба Македонија да ги направи до крајот на годинава, а кои ни ги наметнаа како обврска по ќефот на нашиот источен сосед – најсиромашната членка на ЕУ, до срж болат и му ја параат душата на секој вистински Македонец“, велат од здружението.
„Нов АСНОМ“ го потсетува сенаторот Марфи дека Македонија заглави во европската интеграција како резултат на неисполнувањето на обврските кои Западот, чиј предводник е САД, ги имаше кон нас.
Велат дека САД и ЕУ на Македонија ѝ ветија почеток на преговорите со ЕУ ако го промениме уставното име, а Западот не го исполни даденото ветување за почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ.
Со ова, велат од здружението, се потврдува дека на Западот не треба да му се верува, дека Западот не ги исполнува своите договори со своите сојузници и стратешки партнери и дека Западот е нестабилен наш сојузник. Се додава дека кога на сето ова ќе ги додадеме и срамните идентитетски уцени содржани во францускиот предлог, тогаш апсолутно е јасно зошто е огромна и оправдана нашата тотална скептичност кон понудениот пат кон ЕУ.
„Нов АСНОМ“ јасно и гласно го отфрла вака понудениот т.н. пат кон ЕУ, каде што ние Македонците треба самите да се откажеме од себе си.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска учествува на 19. Конгрес на Конференција на европски уставни судови во Молдавија
Претседателката на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Добрила Кацарска, учествуваше на 19. Конгрес на Конференцијата на европските уставни судови (CECC) кој оваа година се одржа во Кишињев, Република Молдавија.
Во рамките на Конгресот, се одржаа три пленарни сесии со фокус на односот помеѓу уставните и меѓународните судови, политиката и правото во корелација со надлежностите на уставните судови и примената на уставните принципи во вонредни ситуации кога се ограничуваат слободите и правата.
Кацарска, имаше активно учество и на состанокот на претседателите на уставните судови – членки, каде, беа разгледани и беше одлучено за повеќе прашања од значење за функционирањето на оваа асоцијација.
Во текот на овој конгрес се одлучи Уставниот суд на Албанија да претседава со оваа асоцијација и да го организира следниот конгрес на Конференцијата на европските уставни судови, кој треба да се одржи за три години.
На Конгресот се обратија и претседателката на Република Молдавија, Маја Санду, претседателката на Европскиот суд за човекови права Сифора О’лири претседателката на Венцијанската комисија Клер Бази Малори.
На дводневниот 19 Конгрес на Конференцијата на европски уставни судови којшто се одржа од 22-23 мај 2024 година учествуваа членови и делегации од над 35 уставни судови.
Македонија
Џафери: Успеавме во заложбите, македонскиот јазик да биде рамноправно прифатен меѓу официјалните јазици во EУ, се продолжи и делото на Свети Кирил и Методиј
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, во името на Владата и во свое име, го честиташе 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј и патронен празник на Универзитетот „Свети Кирили и Методиј“ во Скопје, на ректоката, Биљана Ангелова, на деканите, продеканите, професорите, сенаторите, на студентите на универзитетот и на граѓаните.
Денешниот двоен празник, повикува на упорност и верба во науката и во образованието, како стожерни двигатели на развојот на современа и европска држава, каква што сите посакуваме и целиме да биде Република Северна Македонија. Таквата водечка улога во овој процес му доликува на првиот државен универзитет „Свети Кирил и Методиј“, еден од столбовите на македонската државност и на вас како продолжувачи, и сегашни и идни наследници, на просветителското дело на светите браќа Кирил и Методиј.
Затоа што, како што вели и Свети Климент Охридски за неговите учители „тие со добар подвиг и со цврска вера, минаа како сонце, осветлувајки ги темните места со своите стапки“. Не била лесна битката на Браќата Кирил и Методиј, кои во времето кога постоеле само три привилигирани јазици, успеале да го внесат словенскиот јазик на рамнправно рамниште со нив. Со тоа започнува да се развива и современата македонска писменост.
И нивното инспиративно дело е и треба да биде патоказ како може и треба да се работи во остварувањето свети цели.
Како генерации на денешнината и посебно последниве неколку години, успеавме во заложбите македонскиот стандарден јазик да биде рамноправно прифатен меѓу официјалните јазици и во Европската Унија и се продолжи и делото на Свети Кирил и Методиј како темелници на европскиот интеркултурализам. На вас е со поголеми сили и да продолжите да се вложувате во науката и образованието. Споделувајте го знаењето и бидете гласни и храбри пред политиката, во развојот на научнообразовната дејност и во нејзиното место во општеството, затоа што вашето влијание е потребно во одржувањето на демократските текови на современа и европска Република Северна Македонија“, напиша премиерот Џафери.
Македонија
Сиљановска Давкова по повод Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј: Тие се наш патоказ за иднината
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова упати честитка по повод 24 Мај, Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј.
„Од сè срце ви посакувам празникот да го поминете во добро здравје, љубов и хармонија, исполнети со радост и со среќа што имаме можност да ги ползуваме плодовите на великото дело на солунските браќа. Благодарение на нив, словенските народи добија можност да ја развиваат својата духовност, култура, образование, наука. И македонската јазична и културна самобитност, но и светогледот и космополитизмот се втемелени од нивната работа и достигнувања, и од нивното човекољубие.
Светите Кирил и Методиј покажаа дека со знаење, жед за вистината, правдољубивост, посветеност, хуманизам и благородност, можат да се надминат ограничувањата и да се победат неправдите. Историјата на Европа и на светот нема премногу примери на така влијателни личности коишто имаат оставено печат на своето време, но и патоказ за иднината и кои се светилници на човечката цивилизација. Затоа нивното дело и по еден цел милениум не бледнее и не губи на значење.
Нека подвигот на светите браќа и понатаму бидe наш патоказ и морална и духовна вертикала за достоинствено и исполнето живеење, творење и создавање“, напиша Сиљановска Давкова.