Свет
САД воведува визни ограничувања за Грузијците: „Вреди за оние кои ја гушат демократијата“
Соединетите Американски Држави денеска објавија нова политика на визни ограничувања за жителите на јужнокавкаската република Грузија, откако тамошната влада го усвои контроверзниот закон за откривање на странско финансирање.
„Стејт департментот спроведува нова политика за ограничување на визниот режим за Грузија, која ќе се однесува на поединци одговорни или соучесници во поткопувањето на демократијата во Грузија, како и на членовите на нивните семејства“, се вели во соопштението на американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
„Ова ги вклучува лицата одговорни за потиснување на граѓанското општество и слободата на мирно собирање во Грузија преку кампања на насилство или заплашување.
И покрај масовните протести, грузиската влада минатата недела одобри закон со кој се обидува да го ограничи странското влијание врз невладините организации со заострување на одговорноста на хуманитарните организации и независните медиуми кои добиваат повеќе од 20 отсто од својот приход од странски извори.
Противниците на законот стравуваат дека тој би можел да се искористи за прогон на дисидентите, по линијата на меѓународно критикуваниот закон против странски агенти во Русија.
Блинкен рече дека законот воведен од владејачката партија Грузиски сон „ќе го задуши практикувањето на слободата на здружување и изразување, ќе ги стигматизира организациите кои им служат на граѓаните на Грузија и ќе ги спречи независните медиумски организации кои им обезбедуваат на Грузијците пристап до висококвалитетни информации“.
Блинкен, исто така, наведе „јасни индикации за кампања на заплашување и употреба на насилство за да се потиснат мирните протести“, додавајќи дека и законот и репресивните тактики ја поткопуваат грузиската демократија и основните слободи на кои грузискиот народ има право.
Државниот секретар рече дека Вашингтон ќе ја разгледа и билатералната соработка со Тбилиси. Законот се уште не е на сила. Прозападниот грузиски претседател Саломе Зурабишвили стави вето, иако парламентот може да го отфрли. Европската унија, исто така, силно го критикуваше законот и предупреди дека може да ги уназади напорите на Грузија да стане членка на Унијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
28 милиони долари за кампањата на Бајден собраа холивудските ѕвезди
Голем број холивудски ѕвезди, меѓу кои и Џорџ Клуни и Џулија Робертс на синоќешната донаторска вечера за кампањата на претседателот Џо Бајден собраа 28 милиони долари.
Тоа е најголема сума во историјата собрана за некој демократски кандидат.
Донаторската вечера се одржа во театарот Пикок во Лос Анџелес, а водителот на емисијата „Лејт најт“ (Late night), Џими Кимел, ги интервјуираше Бајден и поранешниот претседател Барак Обама, кои ја истакнаа потребата да се победи поранешниот претседател Доналд Трамп.
Бајден истакна дека за време на неговиот претседателски мандат „усвоен е секој главен закон што бил планиран“. Додека Обама изрази восхит за сеопфатната легислатива за здравствена заштита, јавни работи, животна средина, новите технологии, безбедноста на оружјето и другите големи иницијативи што ги спроведува сегашната администрација.
Трамп синоќа беше во Детроит и ја критикуваше економската политика на Бајден.
Европа
Германската полиција уби навивач кој со секира влегол во фан-зоната на Европско првенство (ВИДЕО)
Германската полиција во Хамбург имаше полни раце работа. Во градот каде хрватската фудбалска репрезентација ќе го одигра следниот натпревар на ЕП, оној против Албанија, полицијата застрела и уби еден маж. Германските полицајци биле принудени на тоа, бидејќи мажот сакал со секира да нападне случајни минувачи во фан-зоната за време на Првенството.
Напаѓачот во Хамбург прво ги нападнал навивачите со секира, а потоа ги нападнал и обезбедувањето.
Полицијата прво употребила солзавец, а потоа пукала. Еден од истрелите на полицаецот бил предупредувачки, а вториот го погодил.
Наспроти првичните вести, нападот очигледно нема никаква врска со Европското фудбалско првенство.
„Местото на нападот е далеку од просторот каде се следат првенствените натпревари. Нема индиции дека напаѓачот има врски со некоја од навивачките групи“, соопштија од полицијата.
Денеска во Хамбург се игра натпреварот помеѓу Полска и Холандија и градот е преполн со навивачи на двата табора.
Европа
Четворица загинати во страшна сообраќајка во Грција, пожарникарите го сечеа возилото за да ги извадат телата (ВИДЕО)
Во сударот меѓу автобус и автомобил, што се случи денес наутро пред Токсотес Ксанти, на стариот национален пат Ксанти-Кавала во Грција, четири лица загинаа, а три се повредени.
Според првите информации, во судирот што се случил нешто по 08:00 часот, едно возило изгубило контрола и удрило во автобус што минувал.
Патниците загинале на лице место, а пожарникарите го сечеле возилото за да дојдат до телата на настраданите во автомобилот.