Регион
Брнабиќ: Немам ниту еден добар збор да кажам за нашите партнери во ЕУ и КФОР, тие задоцнија

Немам ниту еден убав збор да кажам за нашите партнери во ЕУ и за нашите партнери во КФОР, нивната реакција беше задоцнета, изјави српската премиерка, Ана Брнабиќ.
Додаде дека ситуацијата на Косово е тешка и дека ѝ се чини оти никогаш не било потешко.
„Му благодарам на нашиот народ во Косово што е достоинствен до тој степен што е неверојатно, што е мирољубив, што даде ненасилен отпор, што се бори за своето име и презиме, за своите домови и за државата Србија. Се чини дека специјалните единици на косовските сили, а се чини дека КФОР и НАТО едвај чекале нешто да направат Србите за да реагираат. Немам ниту еден убав збор да кажам за нашите партнери во ЕУ и КФОР, нивната реакција беше задоцнета, требаше да бидат в петок вака како денеска“, изјави таа.
Како што изјави Брнабиќ, тие денес не ја штитат демократијата „туку узурпаторите – од демократијата и од обичните луѓе и дека тоа мора да продолжи за да се зачува мирот. Со зачувување на мирот се чуваат животите, но и опстанокот, се чуваат Србија и Косово“, додаде таа.
„Ја следиме ситуацијата од минута на минута, но ова непочитување на какви било демократски принципи од меѓународната заедница за мене е зачудувачки, но е целосно разобличено и кажува многу за нив“, рече Брнабиќ.
На прашањето кои ќе бидат следните чекори, таа рече дека треба да ѝ се дозволи на дипломатијата првин да го направи своето наведувајќи дека претседателот на Србија имал многу јавувања и средби и денеска и во текот на ноќта.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Италија и донира воен брод на Албанија

Италија и донираше воен брод на Албанија за да им помогне на Албанците да ја зајакнат својата војска, да ги зголемат патролите на крајбрежјето и да го интензивираат учеството во мисиите на НАТО.
„Libra P 402“, патролен брод од класата „Cassiope“, изграден од Италија кон крајот на 1980-тите, се закотви во западното пристаниште Драч и официјално и беше предаден на Албанија за време на церемонијата на која присуствуваа премиерот Еди Рама и министрите за одбрана на двете земји. На едната страна од бродот беше насликано големо албанско знаме, а бројот на бродот беше променет во P 133.
„Ова е конкретна демонстрација на пријателството меѓу Италија и Албанија и нашата желба да работиме и да соработуваме на воено и економско поле“, рече италијанскиот министер за одбрана Гидо Крозето, повикувајќи ги членките на НАТО на поблиска соработка.
Рама го опиша подарокот како „многу дарежлив и знак на длабоко пријателство и почит“.
Бродот долг 80 метри може да достигне брзина до 20 јазли (37 km/h) и има домет од 3.200 наутички милји (5.900 километри). Главно е одговорен за поморската одбрана и надзор, а има екипаж од 60 членови, хелиодром и гаража.
„Тие ќе служат не само во безбедносни и мировни мисии во водите на Република Албанија во Јадранското и Јонското море, туку и во Средоземното Море за учество во мисиите на НАТО“, најави контраадмиралот Аднан Агастра, шеф на албанската морнарица.
Откако Албанија влезе во НАТО во 2009 година, Италија е еден од најважните поддржувачи на нејзините тековни напори за модернизација на својата војска во согласност со барањата на НАТО.
Регион
Кој им дозволил на Вучиќ и новинарите да влезат кај пациентите од Македонија: студентите бараат одговорност

Народниот правобранител на Србија, Зоран Пашалиќ изјави дека ќе ги истражи сите околности наведени во шестото барање на студентите, кои сакаат да утврдат кој им дозволил на претседателот на Србија, Александар Вучиќ и новинарите да влезат во одделението за интензивна нега на Клиничкиот центар на Србија (КЦС), каде што беа сместени повредените од пожарот во Северна Македонија, пренесуваат српските медиуми.
Студентите бараат покренување на постапка и разрешување на надлежните во Универзитетскиот клинички центар на Србија и во Ургентниот центар. Оттаму посочуваат дека директорите на овие здравствени установи им дозволувале на луѓето да влегуваат на одделението за интензивна нега и да ги снимаат пациентите, со што грубо се нарушува нивното здравје и правото на приватност.
Пашалиќ потсетува дека според Уставот и законот не може да го контролира претседателот на државата, но може да се обрати до Министерството за здравство преку кое се врши контрола на Клиничкиот и Ургентниот центар.
„Кога има случај во болницата за кој се смета дека е неадекватен третман, се обраќаме до Министерството за здравство да го истражи и да даде заклучоци. Ова е постапка која е апсолутно пред нас“, рече Пашалиќ.
По пожарот во дискотеката во кој загинаа повеќе од 60 лица, дел од тешко повредените пациенти се пренесени на лекување во Белград.
Тие беа сместени во одделението за интензивна нега на Ургентниот центар на Универзитетскиот клинички центар на Србија (УКЦС), каде Вучиќ заедно со медиумски тимови ги посети на 17 март.
Студентите бараат покренување постапка за утврдување одговорност и разрешување на директорката на УКЦС Јелена Друловиќ, директорот на Ургентниот центар на УКЦС Марко Ерчеговац и началникот на одделението за интензивна нега во Ургентниот центар на УКЦС, Душан Мициќ.
„Овие лица прекршиле низа хигиенски мерки за заштита на пациентите од ризик фактори кои можат да доведат до сериозна закана по здравјето и животот на пациентите“, се наведува во нивното соопштение, пренесуваат медиумите во соседството.
Регион
Албанија би можела да влезе во ЕУ во 2030 година

Високaта претставничка на Европската унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност и потпретседателка на Европската комисија Каја Калас изјави дека иднината на Албанија е во Европската унија и дека таа придонесува за соработка и зачувување на мирот во регионот.
Во рамки на посетата на Западен Балкан, Калас ја посети Тирана, каде одвоено се сретна со албанскиот претседател Бајрам Бегај и премиерот Еди Рам.
На заедничката прес-конференција со Рама, Калас истакна дека Албанија е навистина силен партнер на Европската унија и дека како членка на НАТО е целосно усогласена со надворешната и безбедносната политика на Унијата.
„Вашата одлука за целосно спроведување на санкциите на ЕУ против Русија, заедно со вашата хуманитарна и политичка поддршка за Украина, всушност ја покажува вашата посветеност на вредностите на ЕУ и јас разбирам дека од политичка гледна точка тоа не е секогаш лесно да се направи.
Калас истакна дека ЕУ е целосно посветена на Албанија и оти соработката е во корист на двете страни.
„Една од првите обврски што ги имав беше да го потпишам партнерството ЕУ-Албанија за безбедност и одбрана, а денес ќе ги видиме првите плодови, бидејќи ќе го започнеме првиот дијалог меѓу ЕУ и Албанија за безбедност и одбрана. Ова е навистина многу важен чекор, бидејќи дополнително ја продлабочуваме соработката во безбедносниот сектор“, рече таа.
Додаде дека Албанија има амбициозен план да ги заврши преговорите со ЕУ во следните две години.
На прашањето дали 2030 година е можна година за Албанија да стане членка на Европската унија, таа одговори дека е, доколку секој си го исполни делот од обврските.
„Иднината на Албанија е во Европската унија и со задоволство видов потпишување договор од 90 милиони евра со Европската инвестициска банка за реконструкција на железницата меѓу пристаништето Драч и Рогожина како дел од Коридорот VIII. Југоисточна Европа и ова е многу важно во овој момент во ова опкружување кога зборуваме за безбедност“, рече Калас.
Албанскиот премиер Рама изјави дека Албанија е целосно усогласена од сите аспекти со Европската унија.
Тој откри дека на средбата со пр Калас разговарал за процесот на пристапување и за „многу амбициозниот календар“ договорен со Европската комисија за завршување на преговорите до 2027 година. „Нема никакви проблеми или отворени прашања меѓу Албанија и ЕУ. Имаме целосна усогласеност во сите аспекти, што најдобро се рефлектира во надворешната политика на Република Албанија, што е 10 отсто усогласена со политиката на ЕУ, рече Рама.
Тој додаде дека разговарале и за регионот и за проблемите во регионот во време кога, според него, е важно единството и стабилноста на целиот регион, во кој сите земји го прогласиле членството во ЕУ како стратешка цел. „Народите на Европа денес, повеќе од кога било досега, чувствуваат дека војната не е црно-бел филм од минатото, ниту спонтан настан што се случува на границите на Европа, туку вистинска закана против која Европа мора да ги собере своите редови и да се зајакне. Без сомнение, самата Албанија е дел од оваа обврска“, рече тој.