Македонија
(Видео) Стоилковски: Ковачевски да го достави на гласање во парламентот прашањето за уставните измени да се види дека нема мнозинство

Димитар Ковачевски ден побргу да го достави на гласање во парламентот прашањето за уставните измени да се види дека нема мнозинство и да се распишат избори. Истовремено, до Собранието да ја поднесе и потпишаната оставка, истакнува портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
„Со таков чекор Ковачевски ќе си ја реализира оставката, партиските комисионери нема повеќе да земаат скапи хонорари, а државата ќе спаси пари од буџетот од натамошно крадење од власта. Наводните експерти кои работат на измени без мандат од Собранието се исполнувачи на партиски желби и идеи што водат дури и до редефинирање на унитарниот карактер на Македонија. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен – нема уставни измени под бугарски диктат. Тоа е и став на 90 проценти од народот, тоа е став и на некои од пратениците од СДС“, дециден е Стоилковски.
Македонските евроинтеграции, додава тој, нема да се претворат во асимилација и бришење на македонскиот идентитет, култура и историја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Заев се сончаше по плажите додека беснееја пожари

Заев се сончаше по плажите додека беснееја пожари, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ има конкретен план за справување со пожари во претстојната сезона, реагира ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата од СДСМ.
„Во време на СДС, Заев се сончаше по плажите и не се врати во државата додека во Македонија беснееја пожари. Седум години државата беше оставена без пилоти и со стари возила и технички средства. 7 години двата авиони за гаснење на пожари беа вон функција и без пилоти. 7 години СДС не инвестираше во возила за гаснење на пожари и во технички средства. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ работи на сериозна и целосна трансформација на целиот систем за управување со кризи“, пишува во реакцијата.
Од таму велат дека „Ер тракторите“ моментално се на сервисирање и во краток рок се очекува да има три „ер трактори“ во пресрет на сезоната на пожари.
„Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ работи посветено и има план за полесно справување во претстојната сезона на пожари“, велат од партијата.
Македонија
Јавно објавен предлог – законот за ратификација на Договорот со Обединетото Кралство

Предлог законот за ратификација на Договорот со Обединетото Кралство пристигна во Собранието, сѐ ќе биде јавно и транспарентно, објави пратеникот Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Само што пристигна во Собранието – Предлог на законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во врска со партнерството за реализација на инфраструктурните проекти. Ништо нема да биде скриено до јавноста и секој детал ќе биде јавно објавен и транспарентен. Ова е историски договор. Ова е историска работа за нашата држава“, вели Мицевски.
Заедно со граѓаните, додаде тој, се обврзавме на обнова на Македонија и тоа го правиме секој ден.
„Тие се нашиот партнер. Железница, студентски дом, болници, хидроцентрали и многу нови проекти. После стратешкиот договор со Обединетите Американски Држави – ова е уште еден огромен успех за Република Македонија“, рече Мицевски.
Македонија
Утре ќе биде променливо облачно, в четврток дожд

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во крајните североисточни делови ќе има услови за локален слаб дожд, информира УХРМ.
Ќе дува умерен, долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 14, а максималната ќе достигне од 19 до 27 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Во четврток на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Во петок ќе има услови за локален слаб дожд и ќе дува засилен северен ветер. Потоа времето ќе биде стабилно и топло со пораст на дневните температури, особено од недела.