Свет
(Видео) „Несмасни изговори“: Руското МНР за тврдењата дека зборовите на Греам се извадени од контекст
Тврдењата на „Ројтерс“ дека коментарите на американскиот сенатор Линдзи Греам за време на состанокот со украинскиот претседател Владимир Зеленски можеби биле извадени од контекст претставуваат несмасни, бесрамни изговори, вели руското Министерство за надворешни работи во соопштението објавено во понеделникот, пренесува ТАСС.
„Излегува дека сенаторот Греам не го кажал тоа или не го кажал на таков начин. Исто како кај сличните канибалистички размислувања на поранешниот американски претседател Џорџ В. Буш, и сега се извлекуваат несмасни, срамни изговори. Така, наводно, зборовите на сенаторот биле извадени од контекст, имало некакво монтажа и слично. Кој би се посомневал дека самиот политичар и неговите спин-доктори – врвните англосаксонски медиуми и новински агенции – глумат лудило. Што е следно? Ќе ни кажат дека Линдзи Греам е производ на вештачката интелигенција и дека всушност не постои?“, реторички прашува руското МНР.
Во соопштението се нагласува дека „овој обид е осуден на неуспех“.
„Веќе е невозможно да се исчистите себеси (и својата репутација) од валканицата на таквите забелешки, дури и ако се тие изговорени одделно“, додава Министерството.
Претходно, на состанокот во Киев со Зеленски, Греам го поврза фактот дека „Русите умираат“ во украинскиот конфликт со американската помош за Украина велејќи дека тоа се „најдобрите пари што некогаш сме ги потрошиле“.
Руското МНР истакна дека ова не е прв случај на такви изјави со омраза и дека „сенаторот не е сам“.
„Нацистичката филозофија на омраза кон Русите е всушност она што ги обединува режимот во Киев и неговите американски раководители“, велат оттаму.
Министерството исто така посочи дека масовното негодување кај народот ја принудило западната пропагандна машинерија „со своите запчаници, како ‘Ројтерс’ и Би-би-си, кои ја водеа кампањата за перење на сенаторот, да иницира пристап за управување со кризи и обид да се смени ситуацијата“.
„Целата оваа приказна со кукавички оправдувања и смешни обиди да се аболира Линдзи Греам е уште еден удар за веќе избледената репутација на ‘Ројтерс’ и на Би-би-си, кои беа оставени да извлечат од хаосот и од име на Вашингтон и на Киев. Ова не е новинарство, туку ПР-агенции, кои извршуваат задача за колективниот Запад“, заклучи руското МНР.
Во исто време, портпаролката на руското МНР, Марија Захарова, го повика Греам да сними кратко видео во кое ќе каже дали навистина го мислел она што го кажал на средбата со Зеленски.
„Сакам да дадам еден не толку лош предлог. Ако сенаторот Греам смета дека неговите зборови се извадени од контекст и дека не го мисли тоа, има можност да се изјасни за тоа. Може да го земе телефонот, да ја вклучи камерата, да ја сврти кон себе и да сними кусо видео“, рече Захарова во видеото што го објави на „Телеграм“.
Таа додаде дека „само така сите ќе дознаеме што навистина се случило и дали тој навистина го мисли тоа што го кажал или тоа го исценирал киевскиот режим“.
Захарова претходно му порача на Греам да се сети дека една од американските инвестиции довела до Втората светска војна и до холокаустот.
„Министерот за економија на нацистичка Германија, Хјалмар Шахт, за време на нирнбершкиот процес изјави дека Третиот Рајх бил спонзориран и од странство и ги именувал двете најголеми американски корпорации: ‘Форд’ и ‘Генерал моторс’. Со него бил склучен премолчен договор – слобода во замена за молчење. И покрај протестите на советските претставници, тој беше ослободен и доживеа 93 години“, потсети Захарова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп за Венецуела: Добивме 80 милиони барели нафта од нашиот нов партнер
Американскиот претседател Доналд Трамп ја опиша Венецуела како „сојузник“ на САД во своето обраќање за состојбата на нацијата во вторник, два месеци откако Вашингтон го собори нивниот диктатор Николас Мадуро.
„Тукушто добивме над 80 милиони барели нафта од нашиот нов пријател и партнер Венецуела“, рече Трамп во обраќањето за поранешниот американски ривал. На 3 јануари, американските сили ги уапсија Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес во Каракас и ги префрлија во Њујорк, каде што се обвинети за трговија со дрога.
Венецуела оттогаш е во политички превирања. Делси Родригез, која беше потпретседателка под Мадуро, го презеде кормилото на земјата богата со нафта по интервенцијата на САД, а Трамп ја пофали во неколку наврати.
Родригез сега се смета за клучна точка за контакт на владата на САД, особено во преговорите за огромните нафтени резерви на земјата.
Свет
(Фото) Откриена најголемата колонија на корали во светот во близина на Австралија
Тим од мајка и ќерка, и двете граѓански научници ја откри најголемата позната корална колонија во светот покрај брегот на Австралија.
Огромниот корал, пронајден на Големиот корален гребен, се протега по должината на фудбалско игралиште, објавува Си-ен-ен.
Според соопштението од организацијата за заштита „Citizens of the Reef“, коралот е долг околу 111 метри и зафаќа површина од приближно 3.973 квадратни метри. Ова го прави една од најзначајните корални структури некогаш забележани на Големиот корален гребен и претставува најголема документирана и мапирана корална колонија во светот.
Коралот беше откриен кон крајот на минатата година од Софи Калковски-Поуп, координаторка за морски операции на организацијата, и нејзината мајка, Јан Поуп, искусен нуркач и подводен фотограф. Јан Поуп нуркала на местото една недела претходно и почувствувала нешто посебно, па се вратила со својата ќерка и опрема за мерење.
„Штом скокнавме во водата, веднаш сфатив колку е значајно она што го гледаме“, рече Калковски-Поуп. Заедно, тие снимија видео од себе како пливаат низ џиновски корален гребен во форма на буквата J. „Ми требаа три минути видео само за да пливам од едната на другата страна“, додаде таа.
Големината на коралот Pavona clavus беше потврдена со рачни подводни мерења и слики со висока резолуција направени од платформа на површината на водата. Овие податоци потоа беа искористени за да се создаде точен 3D модел на коралот.
Серена Моу, истражувачки инженер во Центарот за роботика на Технолошкиот универзитет во Квинсленд, ја објасни важноста на таквото просторно моделирање. „Тоа значи дека можеме да се вратиме во месеците и годините што доаѓаат и да правиме директни споредби за да разбереме како коралот се менува со текот на времето“, рече таа.
Научниците истражуваат дали специфичните услови на локацијата – силни плимни струи и мала изложеност на тропски циклонски бранови – би можеле да бидат одговорни за постоењето на толку голема корална структура. Точната локација на коралот се чува во тајност за да се намали ризикот од случајна штета.
Свет
Перуанците избираат претседател: дебатата ќе трае шест дена бидејќи има 36 кандидати
Вкупно 36 кандидати за претседател на Перу ќе учествуваат во невидена телевизиска дебата што ќе се одржува во текот на шест последователни дена, објави вчера изборната комисија на јужноамериканската земја. Перуанците излегуваат на гласање на 12 април, а повеќе од 27,3 милиони гласачи ќе го изберат претседателот, 130 пратеници и 60 сенатори.
Пред изборите, поради рекордниот број кандидати, што ја одразува фрагментацијата на политичката сцена во Перу, беше воведен необичен формат за претседателската дебата, пишува Франс Прес.
12 кандидати ќе зборуваат секој ден
Дванаесет кандидати, поделени во групи од по тројца, ќе зборуваат секој ден за време на четири „мини-дебати“, објави Националната изборна комисија (JNE). Секој кандидат ќе се појави двапати во текот на шестдневните телевизиски дебати.
Анкетите моментално покажуваат дека поранешниот десничарски градоначалник на Лима, Рафаел Лопез Алиага, заостанува зад Кеико Фуџимори, уште една истакната личност на перуанската десница и ќерка на поранешниот претседател Алберто Фуџимори. Други кандидати на гласачкото ливче, долго 65 сантиметри, вклучуваат поранешен национален фудбалер, телевизиски комичар и кандидат обвинет за корупција.
Победникот на изборите ќе ја преземе функцијата на 28 јули, наследувајќи го привремениот претседател Хозе Марија Балказар, кој ја презеде функцијата минатата недела откако Хозе Хери беше отповикан. Перу е погодена од хронична политичка нестабилност од 2016 година, при што осум шефови на држави се сменија.

