Македонија
(Видео) Адвокатот зборуваше за повредите на Пендиков, болниот се смееше зад грб на прашањата
Додека адвокатот Стефан Карамишевски зборуваше за повредите на Христијан Пендиков, болниот зад грб се смееше на новинарските прашања. Карамишевски не дозволи неговиот клиент да одговара на новинарски прашања, со исклучок ако тие се однесуваат на здравствената состојба.
На Пендиков му беше смешно прашањето на кој јазик ќе одговара пред судот, со оглед дека во Бугарија, секогаш кога гостува во медиуми, одговара на бугарски јазик, а притоа со почести доби и бугарско државјанство.
„На кој јазик ќе го дава исказот Пендиков бидејќи не дозволивте да го прашаме?“, прашаа новинарите по што натепаниот почна да се смее.
Адвокатот Карамишевски одговори: „Исказот ќе го дава на македонски јазик, се разбира, затоа што е тука роден, завршил основно образование и тоа претпоставува дека одлично го владее македонскиот јазик“.
Пендиков беше насмеан и додека адвокатот одговараше дали тој ќе дојде и на следното рочиште кога треба да сведочи: „Најверојатно ќе биде присутен, со оглед на тоа дека сè уште му трае лекувањето. Повредите се тешки и сериозни, тоа исто сакам да го кажам“. По ова, адвокатот продолжи да ги опишува повредите.
Пендиков во судницата се појави во костум, беше сериозен, а пред новинарите и јавноста се претстави како жртва на напади. Не сакаше да одговори на прашањето зошто од неговиот случај се направи меѓународен проблем.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гласањето тече без проблеми, одѕивот до 9 часот е 2,88 отсто
Одѕивот во вториот круг од локалните избори до 9 часот изнесува 2,88 проценти, односно 22.379 гласачи, соопшти претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Борис Кондарко. Во Град Скопје одѕивот за избор на градоначалник е 2,46 отсто.
Оценето е дека гласањето тече без проблеми, а единствениот застој бил забележан во Дојран, каде поради технички проблем со уред за биометриска идентификација имало краток прекин, кој бил веднаш отстранет.
ДИК во текот на денот ќе врши ненавестени посети на избирачки места и општински изборни комисии за набљудување на процесот, како и за време на броењето по 19 часот.
Во вториот круг се гласа во 32 општини и Градот Скопје, на 1.771 избирачко место, а право на глас имаат 1.013.375 граѓани. Следната прес-конференција на ДИК е закажана за 11:30 часот, а првичните неофицијални резултати ќе бидат објавени по 20 часот. Некаде околу 23 часот, се очекува да бидат познати сите резултати од гласањето на изборите во вториот круг.
Македонија
Отворени гласачките места, граѓаните избираат градоначалници во 32 општини и Град Скопје
Денеска во земјава се одржува вториот круг од локалните избори, на кои граѓаните избираат градоначалници во 32 општини и во Град Скопје. Право на глас имаат 1 013 375 избирачи, од кои 474 304 гласаат и за градоначалник на главниот град.
Во првиот круг на 19 октомври беа избрани 44 градоначалници, а денеска се гласа во Центар, Карпош, Аеродром, Куманово, Кичево, Струга, Тетово, Пробиштип, Кочани, Валандово и други.
Гласачките места се отворени од 7 до 19 часот.
Изборниот процес го следат 1 598 набљудувачи – 933 домашни и 651 меѓународен. Државната изборна комисија најави дека првичните резултати ќе ги соопшти вечерва, околу 23 часот.
Вчера гласаа болните лица и затворениците, а гласањето се одвиваше непречено.
Македонија
Сончево време со температура до 23 степени
Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 7, а максималната ќе достигне од 18 до 23 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има слаба маглa. Преку денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 21 степен, јавува УХМР.
Во понеделник попладне, во текот на ноќта и во вторник ќе има повремени локални врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Ќе дува умерен до засилен северен ветер, а дневната температура ќе опадне за неколку степени. Од среда повторно се очекува стабилно и суво време.

