Македонија
(Видео) Со полиција се затрупува градилиштето зад Универзалната сала, кое проголта дел од улицата 9 Мај
Со полициска асистенција градоначалникот Горан Герасимовски и службите на Општина Центар отидоа да интервенираат на градилиштето зад Универзалната сала, кое проголта дел од улицата 9 Мај. Бидејќи два месеца фирмата што гради не постапила по насоките, тоа сега ќе го направи механизацијата на Општина Центар. Цело градилиште ќе се затрупува со земја.
На градилиштето Герасимовски и полицијата затекнаа работници што вршеа градежни активности. Ги информираа за што се дојдени и дека ќе постапуваат. Полициските службеници им посочија дека треба да се тргнат од објектот.

„Нека го земат алатот што имаат и да се тргнат од објектот“, му рече полицискиот службеник на еден од работниците, кој потоа му врати: „Ќе треба неколку дена за да се извади алатот“.
„Нема време, имаш половина час да го земете алатот“, му рече полицаецот.
Градоначалникот на Центар, Герасимовски, му рече на работникот дека ќе се затрупува со земја цело градилиште.
Дел од улицата 9 Мај зад Универзалната сала во Скопје се одрони и пропадна во градилиште за нова зграда. Градежната инспекција од Општина Центар, откога се одронил дел од улицата, третпат направила увид на градилиштето. И во претходните два увида инспекторите констатирале дека јамата е необезбедена. На првиот увид, заедно со општинскиот градежен инспектор и полицијата, излезе и градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, и го затвори градилиштето токму поради необезбедената градежна јама.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот низ државата во зимски услови, магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Намалена видливост и појава на магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица до 60 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, максималната температура до 11 степени
Променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 3, а максималната ќе достигне од 6 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Од среда времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини со врнежи од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во среда засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на експресниот пат Кочани-Штип
Од 23:25 часот, вчера вечер сообраќајот на експресниот пат Кочани-Штип целосно е нормализиран, извести АМСМ.
Претходно, од 19:10 часот, поради сообраќајна несреќа на експресниот пат Кочани – Штип во близина на село Тркање, сообраќајот беше во целосен прекин.

