Македонија
(Видео) Колева: Следната недела ќе стане јасно дали Мицкоски е дел од ЕУ-блокот или од антиевропскиот блок

Пред сите политички партии во Собранието и пред сите пратеници е историска шанса, со глас за Европа да го продолжиме европскиот пат и да реализираме уште една стратешка цел –членство во ЕУ, истакна на прес-конференција Даниела Колева, пратеничка на СДСМ.
„Имаме јасна, силна и недвомислена поддршка од ЕУ и нашиот стратешки партнер САД. Одговорност за европската иднина на земјата е на сите 120 пратеници, вклучително и на оние од ВМРО-ДПМНЕ. Изборот пред сите партии и пратеници е интеграција или изолација. Јавноста се уште чека одговор од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ што одлучил. Со денови Мицкоски не дава одговор дали ќе се приклучи на европскиот блок или ќе остане во заложништво на Левица во антиевропски блок. Ќе почекаме да слушнеме дали тоа што го кажува Мицкоски во јавноста ќе го каже и на средбата“, истакна Колева.
Мицкоски, како што рече, стои пред одлуката – дали ќе ја поддржи македонската иднина во ЕУ или ќе го следи патот на неговиот претходник Никола Груевски, кој 11 години го одолжуваше и го блокира патот на Македонија кон ЕУ.
„Додека конечно не беше соборен од власт и избега од државата. Веќе следната недела ќе стане јасно дали Мицкоски е дел од блокот на ЕУ или дел од антиевропскиот блок на Левицата“, вели Колева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Африм Гаши хоспитализиран на Клиниката за дигестивна хирургија

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, доцна синоќа бил примен на Клиниката за дигестивна хирургија при Универзитетскиот клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје.
Тој бил примен нешто по полноќ, со сериозни болки и тегоби во стомачната регија.
Гаши е под постојан лекарски надзор, а засега нема официјални информации колку долго ќе остане на болничко лекување.
Македонија
Изминатите два дена 1293 сообраќајни прекршоци, 305 за брзо возење

Во текот на првите два работни дена од оваа недела во рамки на засилените сообраќајни контроли на патиштата низ земјава, полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи регистрираа вкупно 1293 платни налози по основ на разни прекршоци од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, а во помала мера и по основ на Законот за возила, извести МВР
„Притоа, заради неприлагодена брзина на движење изречени беа 305 санкции, за неправилно паркирање 340 мерки, додека пак 97 возачи се отстранети од сообраќај поради непоседување возачка дозвола.
Исто така, за 47 учесници во сообраќајот изречени се санкции за некористење сигурносен појас, 49 лица се санкционирани за користење на мобилен телефон при управување со возило, и уште 85 лица заради неносење заштитен шлем. Покрај ова евидентирани се 18 случаи на минување на црвено светло, а изречени се дури 122 прекршочни платни налози за пешаци, додека пак од сообраќај се отстранети 11 возачи заради управување на возило со прекумерно количество алкохол.
Согласно пак Законот за возила во посочените три дена од неделава беа изречени 12 прекршоци по основ на технички неисправни возила и 22 по основ на возила коишто не биле регистрирани“, соопшти МВР.
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови, додаваат од Министерството.
Македонија
„Компании за техника наводно нудат модерни телефони преку внатрешна програма поради оштетена амбалажа, ова е лажна објава“, МВР предупредува за измама на социјалните мрежи

Министерството за внатрешни работи ги информира граѓаните дека во последните денови актуелна е лажна објава на социјалните мрежи во која се тврди дека некои малоплодажни компании за техника наводно нудат модерни телефонски уреди преку “внатрешна програма” поради оштетена амбалажа.
„Ве известуваме дека станува збор за измама со цел да се привлечат граѓаните да кликнат на сомнителни линкови или да остават лични податоци.
Доколку забележите ваква објава:
НЕ кликнувајте на линкови во вакви објави.
НЕ споделувајте лични информации.
НЕ потпаѓајте на приказни кои играат на емоции за да ви измамат доверба.
Компаниите за техника немаат тајни страници за “специјални” телефони, и не ги нудат производите преку социјалните мрежи или неофицијални канали.
Доколку видите вакви објави, пријавете ги веднаш во најблиската полициска станица“, соопшти МВР.
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи активно презема мерки и води постапки во врска со вакви измами, додаваат од МВР.
Фото: принтскрин