Македонија
(Видео) Османи и Агелер со заедничко видео-порака ја честитаа првата годишнина од Стратешкиот дијалог
Денеска одбележуваме една година од Стратешкиот дијалог меѓу Македонија и САД, што беше одржан на 2-ри јуни 2022 година, во Вашингтон.
Дијалогот беше лансиран од страна на министерот за надворешни работи, Бујар Османи и државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, со што беше отворено ново поглавје во билатералните односи и меѓу двете земји.
Министерот Османи и американската амбасадорка, Анџела Агелер со заедничко видео, ја честитаат годишнината од Стратешкиот дијалог, реафирмирајќи ги заедничките заложби за понатамошното зајакнување на соработката и значајната поддршка за нашиот евроинтегративен процес.
“Како стратешки партнери, ни претстојат бројни активности со цел адресирање на предизвиците на земјава како што е натамошно зајакнување на нашиот автентичен модел на функционална мултиетничка демократија, борбата против корупцијата, инвестициите во инфраструктурата, но и интеграцијата на земјава кон ЕУ, што е наш заеднички стратешки интерес.” – истакна Османи на годишнината од одржувањето на дијалогот.
Амбасадорката Агелер реафирмирајќи ја силната поддршка за нашиот евроинтегративен процес, порача “Соединетите Американски Држави отсекогаш биле и секогаш ќе бидат, ваш постојан поддржувач и најголем пријател. Ќе бидеме со вас рамо до рамо додека ги постигнувате вашите цели за безбедност, просперитет и можност во рамки на европската заедница.”
Во рамки на Стратешкиот дијалог, Министерството за надворешни работи како координатор на целокупниот процес, во соработка со надлежните институции подготви Акциски план за реализација на проекти во различни области. Со неговото усвојување на владина седница, сите активности во рамки на дијалогот станаа дел од владината програма за работа. Со цел успешна практична имплементација на донесениот Акциски план, сите министерства, институции и агенции од земјава кои имаат надлежности во неговото спроведување номинираа лица кои ја следат реализацијата на активностите од нивна надлежност и квартално доставуваат информација за нивниот статус и динамика на реализација до Министерството за надворешни работи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со раководството на Сојузот на стопанските комори на Македонија
Во рамки на серијата работни средби насочени кон унапредување на економската дипломатија и поддршката на извозот, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работен состанок со раководството на Сојузот на стопанските комори, предводено од претседателот Горан Ѓорѓиевски.

На средбата се разговараше за интензивирање на соработката преку организација на тематски трговски посети на приоритетни пазари, обезбедување логистичка поддршка при значајни бизнис посети во државата, како и за промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор. Посебен акцент беше ставен на унапредување на комуникацијата и соработката на домашните компании со дипломатско-конзуларните претставништва во странство, известуваат од Министерството.

Фокусот на институционалните активности е насочен кон системска поддршка на компаниите со извозен потенцијал, со цел поттикнување на додадената вредност во економијата и создавање услови за одржлив економски развој.
Македонија
Никаде во Европа нема ваква корумпирана Влада, техничка влада мора да остане, бараат од СДСМ
„Споредбите со земјите од ЕУ како аргумент за укинување на техничката влада се класична манипулација. Никаде во Европа нема ваква корумпирана влада“, велат од СДСМ.
„Тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не ја сака техничката влада, затоа што кога ќе влезе министер од опозиција, ќе има увид во сите документи, во сите злоупотреби во целиот коруптивен систем.
Скандалот со ИПАРД 3 и злоупотребите на европските пари, за кои е приведен директор од ВМРО, се уште еден пример дека влез на опозициски министер ќе значи отворање и на другите криминални шеми во министерството.
Од тоа се плаши тендер коалицијата. Не сакаат техничка влада, затоа што тоа ќе значи отворање на пандорината кутија на криминалните тендери.
Без техничка влада не може да има праведни избори, нема контролен механизам и нема фер избори и затоа мора да остане“, соопшти СДСМ.
Македонија
Времето утре – сончево со мала до умерена облачност, максималната температура до 10 степени
Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -10 до -3, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, сончево и тивко со умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
До петок ќе се задржи стабилно и суво време со услови за појава на утринска магла по котлините. Температурите ќе бидат во постепен благ пораст. Во деновите од викендот ќе има зголемена облачност со услови за слаби локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Дневната температура повторно ќе биде во опаѓање

