Македонија
(Видео) Олово, кадмиум и арсен се пронајдени во домат и крставица, предупредува Трипуновски
Олово, кадмиум и арсен, тешки метали штетни за човековото здравје се пронајдени во домат и крставица покажуваат новите извештаи на анализа направени од Државната фитосанитарна лабораторија, изјави Цветан Трипуновски на денешната прес-конференција.
„Во денешниве извештаи кои ги презентирам се официјални документи архивирани и потпишани од ДФЛ односно од МЗШВ во кои се констатира присуство на олово, кадмиум и арсен.
Првиот извештај се однесува на направена анализа на домат, нарачател е АХВ, примерокот е земен на 28.05.2023, а анализата е извршена на 30.05.2023 година. Она што сакам да го презентирам пред јавноста е што во оваа анализа на домат констатирано е присуство на кадмиум од максималните дозволени количини 0,05 мерни едници, во извештајот се детектирани 1,34 мерни единици. Ова е за 27 пати над дозволените количества кои што треба да ги има овој производ.
Вториот хемиски елемент, тежок метал олово согласно правилникот за максимално дозволено ниво е 0,10 мерни единици, а во овој резултат количеството на детектирано олово е 4,48 мерни единици или за 45 пати над дозволената граница.
Вториот резултат од ДФЛ се однесува на примерок од крставица, нарачател за земање примерок е АХВ, земен примерок на 28.05.2023 година, а датум на завршување на анализата е 30.05.2023 година.
Овде во овој резултат се детектирани три хемиски елементи, односно тешки метали. Првиот е арсен каде што согласно правилникот не е дозволено присуство на овој тежок метал во храната. И во резултатот е детектирано 2,0 мерни единици, што е катастрофален податок.
Вториот тежок метал е кадмиум со резултат од 0,64 мерни единици, што е за 13 пати над дозволената граница. И третиот елемент, односно тежок метал е оловото кое што е детектирано со резултат од 37,43 мерни единици што е за фрапантни 374 пати над дозволената граница“ објасни Трипуновски.
Тој предупреди дека ситуацијата е загрижувачка и алармантна.
„Апелирам за внимателност од страна на граѓаните, бидејќи истите производи најверојатно веќе се пуштени во промет низ цела територија на државата, што значи дека веќе граѓаните ги консумираат.Овие метали пронајдени во доматот и крставицата можат да се акумулираат во телото со текот на времето и да предизвикаат сериозни здравствени проблеми.
Бабовски и Николовски го трујат сопствениот народ“ рече тој и го повика Јавното обвинителство веднаш да реагира, а не да се става во одбрана на владата на СДС, Николовски и Бабовски,
„Како може труењето на граѓаните со тежок метал да не е предмет на јавен интерес и дали треба некој да умре, за да реагира по допрен глас?“ порача Трипуновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

