Македонија
Спасовски за белградска „Политика”: Со функционална политика на дијалог Северна Македонија стана фактор на стабилност во регионот
Во интервју за белградска „Политика”, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски одговараше на прашања на повеќе теми меѓу кои и за пристапните преговори со ЕУ, поддршката од САД и за придобивките од членството на Република Северна Македонија во НАТО.
На прашањето каде го гледа решението за продолжување на европската интеграција, во врска на уставните измени, министерот Спасовски рече:
“Просперитетот на граѓаните зависи од исполнувањето на обврските на државата, кои вклучуваат уставни измени, бидејќи ова е чекор за иднината на државата. Парламентот е дом на демократијата, каде треба да преовладува мислењето што е во интерес на државата. Само декларативно лицемерно е да се каже дека сакаме да бидеме во ЕУ без да преземеме политичка одговорност. Сметам дека во овој период мора да вложиме максимални напори преку парламентарен дијалог да постигнеме консензус за промена на Уставот. Опозицијата мора да се аклиматизира на европската клима и да се прилагоди на европските услови, да се ангажира и самокритички да ги преиспита своите постапки. Не е разбирлива политичката нефлексибилност со која се турка некаков архаичен модел, а пред се’ опозицијата покажува неодлучност и немање визија. Иако вметнувањето на Бугарите во Уставот на РСМ е трн во око, тоа го гледам како дополнителна вредност за нас – конечно да ја закопаме долгогодишната теза дека сме еден народ со нив”, истакна министерот Спасовски.
Запрашан за тоа колку Република Северна Македонија направи во однос на борбата против корупцијата, земајќи ја предвид посетата на САД од страна на премиерот Ковачевски каде што беше пренесена американската поддршка од Државниот секретар на САД Ентони Блинкен и заменик-помошникот државен секретар на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар во однос на борбата против корупцијата и зајакнувањето на владеењето на правото во Република Северна Македонија и регионот, министерот Спасовски истакна:
„Европската перспектива на оваа земја е придонес на сето она што го правиме како коалиција. Драго ми е што стратешките партнери го препознаа тоа. Пред нас се економските и судските закони, спроведувањето на системските реформи, антикорупциската политика и зајакнувањето на владеењето на правото. Никој веќе не е заштитен со закон, па ни функционерите на актуелната власт. Во 2021 година откриени се 50 отсто повеќе кривични дела поврзани со корупција и спречени коруптивни дејствија вредни околу 149 милиони денари, додека во 2022 година откриени се 124 коруптивни дела за кои кривично се обвинети 164 сторители. Ова е доказ дека не само институциите ја помагаат борбата против корупцијата, туку и јавната свест на граѓаните, кои имаат поголема доверба во полицијата”, рече министерот Спасовски.
Во однос на прашањето колку за Северна Македонија значат членството во ОН и НАТО, како и стратешкото партнерство со САД во зачувувањето на нејзиниот територијален интегритет и суверенитет, Спасовски истакна:
„Ние веќе не сме земја во меѓународна изолација, имаме поддршка за опоравување на општеството од повеќе страни – станавме 30-та членка на НАТО, имаме стратешко партнерство со САД и почнавме преговори со ЕУ. Со овие партнерства и храбри државнички одлуки го заштитивме националниот идентитет, а со функционална политика на дијалог и разбирање РСМ стана фактор на стабилност на Западен Балкан. Убеден сум дека ќе ја гарантираме безбедноста и стабилноста на територијалниот интегритет на државата, на регионално ниво, само со заокружување на евроатлантските интеграции на регионот и заокружување на демократската трансформација”, рече министерот Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Петрушевски: Оставката на Љупчо Коцевски е значајна победа за правната држава
За првпат и самиот обвинител го признава тоа што целата јавност го кажуваше: дека Јавното обвинителство не може да продолжи да функционира со изгубен легитимитет, под товар на политички влијанија и со селективна правда, изјави Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Фактот што оваа оставка доаѓа дури сега, а не уште од првиот ден кога беше очигледно дека институцијата е компромитирана, само дополнително ја потврдува длабочината на проблемот и обидите со месеци да се одржи статус кво кое служеше на поранешната власт. Со оваа оставка се става крај на еден мрачен период, во кој обвинителството беше перципирано како партизиран механизам, а не како независна институција во служба на законот“, вели тој.
Според Петрушевски, оставката е јасен сигнал за крајот на практиките на заштита на поранешната власт на СДС и ДУИ и почеток на процесот на департизација и европеизација на јавнообвинителската дејност.
„Оставката на Коцевски не е персонално, туку единствено системско решение. Ова е јасна порака дека никој не е недопирлив“, вели Петрушевски.
Македонија
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортски клубови
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортските клубови од општина Бутел.
„Локалната самоуправа секоја година ги поддржува спортските клубови и доделува спортски стипендии на најдобрите спортисти од Бутел. Во општина Бутел се градат спортско-рекреативни центри во секое населено место. Во општина Бутел вредноста на спортот и спортските успеси е најголема“, изјави градоначалникот Дарко Костовски.
Тој изрази надеж дека финансиска поддршка ќе поттикне напредок во сите спортови и спортистите ќе освојат европски и олимписки медали.
Македонија
(Видео) СДСМ бара оставка од директорката на ГАК по смртта на новороденчето: „Има сомнежи за лекарска грешка“
СДСМ бара оставка од директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство по смртта на новороденчето.
„Денеска со огорченост стоиме пред оваа Клиника, ГАК, и бараме одговорност за последниот скандал со смртта на бебе. Овде не умрело само едно бебе кое го имало целиот живот пред себе, овде умрела, вистината, лекарската грижа, моралот и одговорноста. А директорката се обидела да го сокрие случајот. Новородено бебе, со реална шанса за живот, починало на интензивна нега. На родителите им било кажано дека смртта била неизбежна. Дека ништо не можело да се направи“, вели Елена Радеска, од Комисијата за здравство СДСМ.
Според неа, документите од самата Клиника говорат поинаку.
„Внатрешни пријави, изјави на лекари и официјални записници велат дека има сомнежи за лекарска грешка. Началничката на интензивна нега, писмено пријавила дека несоодветно лекување од страна на педијатарка довело до компликации и смрт на бебето. Според таа пријава, реинтубацијата траела дури 20 минути. Не секунди. Дваесет минути. Во тие 20 минути, на бебето му биле нанесени повреди по што настанала и смрт. Ништо од ова не им било кажано на родителите. Ниту дека постои сомнеж за сериозна лекарска грешка. За тоа дознале од новинари. Од свиркачи. Не од Клиниката. Не од институциите“, рече Радеска.
Според неа, клучното прашање зошто директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, д-р Ирена Алексиовска Папестиев, иако била формално известена за сомнежите и за смрт со можни пропусти во лекувањето, два месеца не известила никого.
„Ова е огромен скандал кој ја покажува катастрофалната состојба во здравството. Бараме итна оставка на директорката на Клиниката, д-р Ирена Алексиовска Папестиев. Каква е таа докторка за која Хипократова заклетва е само на хартија? Бараме целосна, независна истрага и одговорност од сите инволвирани – без разлика на функцијата, титулата или хиерархијата“, рече Радеска.

