Спорт
Битката за Манчестер е на „Вембли“, во финалето на ФА Купот
 
																								
												
												
											Манчестер Сити и Манчестер Јунајтед ќе истрчаат на „Вембли“ во 142. финале на ФА Купот на Англија. „Граѓаните“ сакаат да го направат вториот чекор кон тројната круна кон која се стремат, додека „црвените ѓаволи“ бркаат втор пехар откако веќе го освоија Карабао купот.
Сити го брка ФА Купот по седми пат во својата историја, додека Јунајтед ќе се обиде да го подигне 13. трофеј во натпреварувањето. Сепак, градските ривали првпат во историјата на најстариот фудбалски турнир играат меѓу себе во финале.
„Граѓаните“ имаат шест победи и пет порази во 11-те финалиња на ФА Купот што клубот ги одигра досега. Тие последен пат го подигнаа овој трофеј во 2019 година кога го совладаа Вотфорд со 6:0.
Откако Манчестер Сити ја освои третата последовна титула во англиската Премиерлига, Пеп Гвардиола имаше шанса да одмори голем дел од својот стартен состав во последните два првенствени натпревари. Во нив Сити ремизираше 1:1 со Брајтон, а потоа загуби од Брентфорд со 0:1 на гости. Така „граѓаните“ ја прекинаа серијата од 25 последовни натпревари без пораз на сите натпреварувања. Во ФА Купот, тимот на Гвардиола има импресивен ефект, со гол разлика 17:0, а на патот до финалето ги елиминира Челси, Арсенал, Бристол Сити, Барнли и Шефилд Јунајтед.
Who will be celebrating come the end of this weekend? 🤔#EmiratesFACup pic.twitter.com/0oVUWlyo3Q
— Emirates FA Cup (@EmiratesFACup) June 2, 2023
За Манчестер Јунајтед ова е 21. финале во ФА Купот. Екипата на Ерик Тен Хаг е во добра форма откако ги доби последните четири натпревари во Премиерлигата и заврши на третото место, 14 бода зад шампионот. Холандскиот стратег го одведе тимот до нивниот прв трофеј по шестгодишна пауза. Тоа дојде откако го победи Њукасл во февруари во финалето на Лига купот.
„Црвените ѓаволи“ ги елиминираа Евертон, Ридинг, Вест Хем, Фулам и Брајтон на патот до финалето на ФА Купот. Последен пат клубот триумфираше во 2016 година, кога го победи Кристал Палас со 2:1.
Само Арсенал (14) има повеќе трофеи од Манчестер Јунајтед (12). Сепак, „црвените ѓаволи“ загубија вкупно осум финалиња, а по овој показател се на првото место заедно со Челси и Евертон.
Манчестер Јунајтед го доби последното издание на дербито откако во јануари на „Олд Трафорд“ го совлада Сити со 2:1. Претходно во сезоната, сепак, „граѓаните“ ги победија „црвените ѓаволи“ на „Етихад“ со 6:3.
Пеп Гвардиола потврди дека Кевин Де Брујне и Џек Грилиш, кои имаа одредени здравствени проблеми, тренираат и ќе му бидат на располагање. На голот сигурно ќе стартува Стефан Ортега кој настапи на сите натпревари во Купот.
Манчестер Јунајтед ќе биде без помошта на Антони Марсијал и на Бразилецот Ентони.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
 
																	
																															Спорт
Винисиус заинтересиран за трансфер во ПСЖ
 
														Реал Мадрид ја победи Барселона со 2:1 дома во неодамнешното „Ел Класико“. Со триумфот, се издвои на врвот со пет бода предност пред својот голем ривал и актуелниот шампион на Шпанија.
Едно од најголемите дербија беше бурно за време и по натпреварот, а по жестокиот натпревар најмногу се зборуваше за Винисиус.
Крилниот напаѓач на Реал полуде во 72-та минута кога тренерот Чаби Алонсо реши да го замени со Родриго. Тој, како што е вообичаено, не се поздрави со членовите на тренерскиот штаб и играчите на клупата за време на замената и остана да седи со нив, наместо тоа, бесен отиде директно во соблекувалната.
„Во среда имавме состанок со целиот тренерски персонал и играчите, а Винисиус одржа одличен говор – искрен и од срце. За мене, од средата оваа приказна е завршена“, рече тренерот Алонсо, додавајќи дека нема да има казни или дисциплински мерки против бразилскиот напаѓач.
Сепак, медиумите се повеќе шпекулираат за заминувањето на Винисиус. Пред натпреварот со Барселона, се пишуваше дека преговорите меѓу него и Реал за нов договор се во тек. Во јануари, клубот отвори разговори со неговите претставници со цел да ги отфрли понудите од Саудиска Арабија и други заинтересирани страни.
Францускиот „RMC Sport“м сега пишува дека ПСЖ го гледа Винисиус во своите планови како следната „мегаѕвезда“, Бразилецот наводно е подготвен за голем трансфер, а се верува дека обештетувањето би можело да надмине 200 милиони евра. Според овој извор и Винисиус, најмногу поради тренерот Луис Енрике бил заинтересиран за трансфер во ПСЖ.
Спорт
Барселона се враќа на „Ноу Камп“, но сè уште не може да игра натпревари
 
														Повеќе од две години по почетокот на реновирањето на „Камп Ноу“, фудбалерите на Барселона ќе се вратат на својот стадион на 7 ноември, но само за тренинг кој ќе биде отворен за јавноста, објави каталонскиот клуб во петокот на својата официјална веб-страница.
„Првиот тим на ФК Барселона официјално ќе се врати на „Камп Ноу“ во петок, 7 ноември, за тренинг отворен за јавноста пред навивачите на Барса. Овој тренинг ќе служи како техничка и оперативна проба за да се обезбеди правилно функционирање на системите, пристапните точки и разните други аспекти на објектот, што е еден од условите во процесот на постепено повторно отворање“, се вели во соопштението.
Барселона ќе наплаќа билети за овој настан: цената од 5 евра ќе ја платат оние што поседуваат годишни билети, а 10 евра е цената за сите други. Сите приходи ќе бидат донирани во добротворен проект кој го поддржува менталното здравје на хоспитализираните деца и тинејџери, објасни клубот.
Бројот на седишта е ограничен на 23.000, а гледачите ќе можат да седат во делови од главната трибина и зад јужниот гол.
Градскиот совет на Барселона го ограничи моменталниот капацитет на „Камп Ноу“, на 27.000 гледачи, и поради таа одлука, каталонскиот клуб продолжи да игра домашни натпревари на Олимпискиот стадион во Монжуик, кој може да прими 45.000 гледачи.
Затоа, во Барселона го одложија враќањето на „Камп Ноу“ додека не добијат дозвола да дозволат најмалку 45.000 гледачи да влезат на реновираниот стадион.
Кога реновирањето ќе биде целосно завршено и стадионот ќе добие дозвола за полн капацитет, ќе може да прими 105.000 гледачи, што е најмногу во Европа. Барселона ги процени трошоците за реновирањето на огромни 1,5 милијарди евра.
Спорт
Алонсо се смири со Винисиус: За мене, приказната е завршена
 
														Тренерот на Реал Мадрид, Чаби Алонсо, изјави дека напаѓачот Винисиус Жуниор нема да биде казнет, по бурната реакција при напуштањето на теренот за време на „Ел Класико“ со Барселона.
Бразилецот беше заменет во 72-та минута од натпреварот со Барселона (2:1) во неделата, по што следеше неговата лута реакција.
„Јас? Мистер? Јас повторно? Оди по ѓаволите! Секогаш јас! Доста ми е, подобро да си одам!“, зборуваше Винисиус додека камерите снимаа, потоа директно се упати кон соблекувалната без да се збогува со тренерот Алонсо.
Во порака на социјалната мрежа „X“, Винисиус Жуниор им се извини на „сите фанови на Реал Мадрид“.
Тренерот на Реал, кој беше неколку пати прашан за инцидентот на денешната прес-конференција, рече дека сè е завршено од моментот кога играчот излезе и се извини.
„Во среда имавме состанок со целиот тренерски персонал и играчите, а Винисиус одржа одличен говор – искрен и од срце. За мене, од средата оваа приказна е завршена“, рече Алонсо, додавајќи дека нема да има казни или дисциплински мерки против бразилскиот напаѓач.
Алонсо додаде дека целиот тим е фокусиран само на теренот и дека се свртуваат кон нови предизвици во Примера.
По победата над Барселона во 10-то коло од шпанското првенство, Реал Мадрид го зазема првото место на табелата со 27 бода, додека каталонскиот клуб заостанува пет бода на втората позиција.
Следниот натпревар Реал Мадрид го игра следниот натпревар дома против Валенсија.


 
									 
																	 
									 
																	 
									 
																	 
									 
																	 
									 
																	 
									 
																	 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											