Македонија
ДУИ: И по 5 години Мицкоски не успева да излезе од сенката на Груевски, ВМРО падна под 320.000 гласачи

Соочен со драстичен пад на рејтингот и недоверба на повеќе од една третина од гласачите на ВМРО-ДПМНЕ кон него, како и четири пати помал рејтинг од азилантот Никола Груевски, Христијан Мицкоски се обидува со патетичен национализам, надминат повеќе од две децении, да опстанат на политичката сцена со копирање на поранешниот лидер на СДСМ Зоран Заев во напорите за доведување на ДУИ во опозиција и претставување како квазипатриоти.
Сите градоначалници на општините од ВМРО-ДПМНЕ се чувствуваат како Данела Арсовска, но се уште немаат храброст како Данела да го оспорат булингот што им го прави Мицкоски.
Сите гласачи на ВМРО-ДПМНЕ знаат дека Мицкоски го интересираат само бизнисот и неговите деловни партнери и дека намерно го оставил во кал целото поранешно раководство на ВМРО-ДПМНЕ, што и самиот го потврди.
Затоа, Мицкоски и по 5 години е под сенка на Груевски и падна под 320.000 гласови на парламентарни избори, што се одразува и на внатрепартиските рејтинзи каде најголем дел од ВМРО-ДПМНЕ за лидер го сметаат Никола Груевски, а не Христијан Мицкоски, се вели во соопштението од ДУИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На Табановце откриени непријавени луксузни часовници вредни 38 илјади евра

Царинските службеници на граничниот премин со Србија, Табановце – Прешево, спречија обид на српски државјанин да криумчари во ранец два „Ролекс“ и еден „Омега“ часовник со вкупна вредност од 2,34 милиони денари или 38 илјади евра.
Против лицето е поднесена кривична пријава поради основано сомневање за сторено кривично дело – криумчарење.
Непријавените часовници, Rolex Submariner, Rolex Sky-Dweller и Omega Speedmaster, се пронајдени при детален преглед на возилото и патниците кои патувале со автомобил со српски регистарски таблички. Возачот, со намера да ја избегне царинската контрола, ги ставил часовниците во една мала кожна кутија, која ја сместил во неговиот црн ранец заедно со други предмети за лична употреба.
Запленетите производи се предадени на Основно јавно обвинителство Куманово.
Македонија
Герасимовски: Исчистивме и измивме околу контејнерите во Буњаковец и во Дебар Маало, продолжуваме во цел Центар

Општина Центар изутринава започна со интензивна акција за миење и чистење на просторот околу контејнерите во населбите Буњаковец и Дебар Маало, со цел подобрување на јавната хигиена и овозможување почиста и поздрава средина за центарци.
Градоначалникот Горан Герасимовски потенцира дека чистите улици не се прашање само на изглед, туки и на здравје и квалитет на живот, а приоритет на општината е да биде место кадешто хигиената и редот се видливи на секој чекор.
„Секојдневно вложуваме напори да создадеме уредна и хигиенска средина во која граѓаните ќе се чувствуваат пријатно и безбедно. По завршување на чистењето на самите контејнери, општинските служби спроведуваат дополнителни активности за миење на површините околу нив, со што се спречува ширење на непријатни миризби и се намалува ризикот од појава на нечистотии и зараза. На овој начин обезбедуваме поголема хигиена на јавните простори и го унапредуваме квалитетот на живот на граѓаните. Нашата цел е Центар да биде пример за чиста и уредена општина, бидејќи секој граѓанин заслужува да живее во здраво и уредено опкружување. Преку овие активности го подигнуваме како нивото на јавната хигиена, така и свеста кај граѓаните“, вели Герасимовски.
Акцијата продолжува и во текот на утрешниот ден во други две населби во Центар.
Македонија
Николоски се сретна со унгарскиот министер за национална економија: Регионалните проекти во инфраструктурата и транспортот се заеднички приоритет за двете држави

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во рамки на посетата на Унгарија, денеска оствари средба со министерот за национална економија на Унгарија, Мартон Наѓ.
На средбата се разговараше за движечките проекти на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, планираниот економски раст, нови инвестиции и актуелни политики.
Исто така се разговараше и за економските политики на Владата на Унгарија и нивниот план за раст како и можностите за уште позасилена економска соработка помеѓу двете држави.
Регионалните проекти во инфраструктурата и транспортот се заеднички приоритет на Македонија и Унгарија, како услов за забрзан економски раст и подобра поврзаност во регионот. Договорот Влада со Влада кој се потпиша помеѓу Македонија и Унгарија исто така носи големи придобивки за граѓаните на двете земји, потврдија двајцата министри.
Односите меѓу двете земји се на одлично ниво и истите ќе се интензивираат во делот на економијата и инвестициите.
Вицепремиерот Александар Николоски на покана на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, од вчера е во посета на Будимпешта и присуствува на прославата на Националниот ден на Унгарија.