Македонија
Денови се бројат до одлуката на Врховен дали аболициите од Иванов ќе важат

Иднината на аболициите дадени од експретреседателот Ѓорѓе Иванов ќе се знае пред почетокот на судската ферија, а до крајот на овој месец, дознава „Макфакс“. За ова прашање ќе одлучува Врховниот суд, а постапувајќи по предметот „Транспортер“ во кои обвинетите се повикуваат на дадената аболиција. Нивната одлука ќе важи и за сите останати предмети. Постапувањето на врховните судии доаѓа откако Европскиот суд за човекови права даде насока дека тие треба да се произнесат за законитоста на аболицијата. „Макфакс“, официјален став за постапувањето побара и од Врховниот суд, од каде очекуваме одговор во текот на утрешниот ден.
По предметот „Транспортер“ преку кој ќе се знае ставот за аболициите до крајот на месецов, Врховен суд постапува од крајот на март. Тогаш, предметот беше пратен и на мислење кај обвинител. По еден месец мислењето беше дадено. Оттогаш е во рацете на највисокиот суд. Врховните судии секогаш се повикуваат дека одлучуваат во согласност со начелата на ефикасност и ажурност.
„Доколку во конкретен предмет би се истакнале наводи кои се во врска со прашањето за аболицијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, Врховниот суд во согласност со своите надлежности би ги разгледувал засебно во рамките на тој предмет и би се произнесол по истите. При одлучувањето Врховниот суд постапува во согласност со Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Во оваа смисла, Врховниот суд одлучува и во согласност со Европската конвенција за заштита на човековите права и со практиката и стандардите на Европскиот суд за човековите права“, рекоа од Врховен за „Макфакс“ по напатствијата дадени од Европскиот суд за човекови права.
Пред четири месеци, Судот за човекови права во Стразбур донесе решение, во кое посочува дека апликациите за дадените и поништени аболиции од претседателот Ѓорге Иванов за четирите случаи на Специјалното јавно обвинителство се преуранети. Ова е донесената одлука во форма на решение наместо пресуда по шест години од апликацијата. Според Стразбур, во тек се судските процеси за четирите предмети, па сметаат дека тие може да донесат пресуда откога ќе се исцрпат сите правни лекови во Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: За време на СДСМ улица во Драчево е преименувана во Азем Морана

Срамно и дрско е СДС да зборува за темелите на македонската државност откако променија знаме, име и Устав на државата, реагира ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата од СДСМ.
„СДС која тоне се подолу во рејтингот меѓу граѓаните, заборава дека име на училиште го дава општинскиот совет, а не Владата. За да ги потсетиме, токму тие во време Зоран Заев како премиер и градоначалник на СДС во Скопје, во Драчево улица е преименувана во Азем Морана, откако претходно се викала Јустинијан Први. СДС говори за македонска државност, а во нивно време се променија и името, и знамето и Уставот на Македонија. Ги распродаваа државните интереси на кој стигнат за ден повеќе власт. Затоа граѓаните не им дадоа доверба и тонат секојдневно се повеќе. Подлоста на СДС оди во невидени размери, а ние како ВМРО-ДПМНЕ сме вчудоневидени на нивното однесување“, пишува во реакцијата.
Македонија
Клиниките за Токсикологија, Неврологија и Кардиологија добија нови директори

Министерството за здравство информира дека се именувани нови в.д. директори во четири јавни здравствени установи.
На Универзитетската клиника за токсикологија за в.д. директор е именуван д-р Арѓенд Имери, на местото на д-р Андон Чибишев.
На Универзитетскиот институт за клиничка биохемија за в.д. директор е именувана д-р Мимоза Бафќари-Бакији, на местото на д-р Николина Граздановска.
На Универзитетската клиника за неврологија за нов директор е именуван д-р Игор Кузмановски, на местото на д-р Фатмир Меџити.
На Универзитетската клиника за кардиологија за нов директор е именувана д-р Даница Петкоска Спирова, на местото на д-р Беким Поцеста.
Новоименуваните директори ја извршуваат оваа функција почнувајќи од вчера.
Македонија
СДСМ: Осуда за скандалозната одлука за именување на училиште во Студеничани со името на Азем Морана

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија најостро ја осудува, како што велат, скандалозната одлука на Владата за именување на општинското основно училиште во Општина Студеничани со името на Азем Морана, според СДСМ, познат балист и соработник на фашистичкиот окупатор за време и по Втората светска војна.
„Ова именување е историски неосновано и претставува директно понижување на антифашистичката борба на македонскиот и албанскиот народ. Тоа е навреда за сите борци од НОБ, за жртвите од фашистичкиот терор, за вредностите врз кои е изградена нашата држава, слободна, демократска и европска Македонија. Преку рехабилитација на фигури поврзани со балистичкото движење што ја прават ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН се нарушуваат темелите на идеологијата врз која е изградена македонската државност: антифашизмот, народниот суверенитет и демократските вредности. Според десничарската матрица, тие свесно и систематски го бришат антифашизмот од колективната меморија заменувајќи ги партизанските имиња со имиња на балисти, соработници со фашистичкиот окупатор“, велат од СДСМ.
Од партијата додаваат дека бескомпромисната борба против фашизмот не е само дел од нашето историско наследство, туку е структурна вредност на нашиот уставен поредок, на нашиот идентитет и на нашата евроинтегративна определба.
„Срамно е една влада којашто тврди дека е за Европа да дозволува вакви опасни чекори. Наместо да ги едуцира младите за вистинските херои на слободата, таа ги учи да ги слават соработниците и поддржувачките на фашистичката идеологија. Тоа е образовно и морално злосторство за едно деморкатско општество коешто се стреми кон европските вредности“, велат од СДСМ.
Партијата ја повикува Владата итно да ја преиспита одлуката, водејќи се од почитта кон борците и да поднесе итна иницијатива до надлежните институции за нејзино укинување. Од СДСМ велат дека ќе побараат и отворена расправа во Собранието, како и поддршка од Сојузот на борците и од сите прогресивни сили во државата.
„Нема да дозволиме ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН да ја поткопуваат идеологијата на антифашистичката борба и македонската историја. Македонија е изградена врз темелите на антифашизмот, а не врз ревизионизам и така мора да остане“, велат од СДСМ.