Свет
Данската премиерка во игра за нов шеф на НАТО пред посетата на САД

Данската премиерка Мете Фредериксен денеска ќе се сретне со американскиот претседател Џо Бајден во Вашингтон среде шпекулациите дека Белата куќа ќе ја искористи посетата за да ја тестира за прва жена генерален секретар на НАТО, пренесува „Еурактив“.
Според дипломатски извори, Фредериксен е сериозен кандидат да го замени Јенс Столтенберг, кој треба да се повлече од функцијата во септември.
Таа се најде во центарот на вниманието на меѓународната сцена минатата година како цврст поддржувач на Украина во нејзината војна со Русија стекнувајќи почит со своите напори да го зајакне западното единство.
„Таа е еден од највештите шефови на држави во Европа. Во Европа има голема почит кон работата што таа ја врши како премиер и кон неа како личност во меѓународната соработка“, истакна норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе минатата недела коментирајќи ја Фредериксен како потенцијален кандидат за позицијата во НАТО.
Главната пречка за нејзината потенцијална кандидатура е тоа што Данска долго време заостанува во трошоците за одбрана и е под притисок да ги доведе воените трошоци до 2 % од БДП, клучна цел за земјите членки на НАТО. Но, во декември Фредериксен и нејзината нова центристичка влада го поместија планот за исполнување на целта на НАТО за три години до 2030 година.
Минатата недела таа најави големи инвестиции во одбраната во следните 10 години и зголемена воена помош за Украина, што ќе ѝ помогне привремено да ја постигне целта на НАТО оваа и следната година.
Данска даде значителна финансиска и воена помош на Украина и покрај големите недостатоци во сопствената одбрана. Земјата исто така ги обучува украинските пилоти и е отворена за испорака на борбени авиони „Ф16“.
Кога гасоводот „Северен тек“ беше саботиран во данските води лани во септември, Фредериксен формира изненадувачка коалиција меѓу левиот и десниот политички ешалон тврдејќи дека е потребно политичко единство во време на меѓународна несигурност.
Во февруари таа донесе непопуларна одлука за укинување еден државен празник за да се финансираат зголемените трошоци за одбраната.
„Таа има силна позиција во Данска, но е и некој што го дели народот. Многумина ја гледаат како премногу доминантна и гладна за власт“, изјави поранешниот дански министер за одбрана и правда, Ханс Енгел.
Кога поранешниот американски претседател Доналд Трамп во 2019 година предложи САД да го купат Гренланд – суверена територија на Кралството Данска – Фредериксен ја отфрли понудата како апсурдна.
На меѓународната сцена таа успеа да се држи настрана од отворените судири со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и унгарскиот премиер Виктор Орбан покажувајќи ја својата прагматичност и покрај конфликтните идеологии.
„Таа е цврста дама и многу е амбициозна. Мислам дека ќе се согласи ако почувствува дека земјите од НАТО може да се соберат околу неа, се разбира, особено ако Бајден ѝ ја понуди позицијата“, вели Енгел.
Иако Фредериксен вели дека не е кандидат, не рече дека позицијата не ја интересира: „Не се пријавувам за никакви огласи за работа. Поканета сум да го посетам претседателот Бајден и се радувам на тоа“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Париз, Лондон и Берлин повикаа да престане хуманитарната катастрофа во Газа

Хуманитарната катастрофа во Појасот Газа мора веднаш да престане, повикаа вчера во заедничко соопштение Париз, Лондон и Берлин.
„Хуманитарната катастрофа на која сме сведоци во Газа мора веднаш да престане“, нагласија трите европски земји.
Тие на овој начин одговорија на алармот објавен од ОН и невладините организации дека постои ризик од непосреден и широко распространет глад во Газа. Трите европски престолнини ја повикуваат европската влада веднаш да ги укине ограничувањата за испорака на помош.
Франција, Велика Британија и Германија, исто така, потсетуваат дека Израел мора да ги почитува своите обврски според меѓународното хуманитарно право.
„Дојде моментот да се стави крај на војната во Газа“, додадоа тие и ги повикаа сите страни да го прекинат конфликтот со склучување на договор за моментално прекин на огнот.
Регион
Топлотниот бран ги затвори Акропол и археолошките локалитети во Атина

Поради топлотниот бран и високите температури што од почетокот на седмицава ја зафатија Грција, археолошките локалитети во Атина, како и Акропол и во текот на викендов ќе бидат затворени за туристи во периодот од 12 до 17 часот.
Новиот топлотен бран што ја зафати Грција, според најавите и прогнозите се очекува да трае до недела.
Вчера беше најтоплиот ден, просечната максимална температура достигна 37,6 степени Целзиусов, на Пелопонез измерени речиси 46 степени, а во многу делови од земјата надмина 42 степени.
Свет
Русија до Западот: Тврдоглаво игнорирате додека режимот во Киев се обидува да ја спаси кожата на Зеленски

„Тврдоглаво се обидувате да игнорирате како темелно корумпираниот режим во Киев се обидува да ја спаси кожата на украинскиот претседател Володимир Зеленски, доведувајќи ја во прашање иднината на својата земја. За тоа детално ќе разговараме на посебниот состанок што го побаравме за 31 јули, каде што предлагаме фокусирање на акциите што ја поткопуваат потрагата по дипломатски пат за решавање на украинскиот конфликт – вклучително и обидите да се попречи директниот руски-украински преговарачки процес во Истанбул“, изјави заменикот на рускиот амбасадор во ОН, Дмитриј Пољански, на седницата на Советот за безбедност, обраќајќи им се на претставниците на западните земји, пренесува ТАСС.
Според него, Русија подолго време и доследно предлага решавање на украинската криза по дипломатски пат.
„Но вас тоа не ве задоволува – сè додека сте подготвени да продолжите да се борите против Русија преку рацете на Украинците. А фактот што ги има сè помалку – воопшто не ве вознемирува“, предупреди рускиот дипломат.
Русија и Украина во мај и јуни одржаа две рунди преговори, по што следуваше размена на заробеници и предавање на телата на загинатите украински војници. Двете страни исто така разменија нацрти меморандуми за решавање на конфликтот.