Македонија
Трипуновски до Бабовски: Тоа што се закануваш со кривична нема да те спаси од одговорност за тоа како го труете народот

Да сме на чисто – пестициди и тешки метали се детектирани во овошјето и зеленчукот што се увезени во Македонија. Тоа недвосмислено го потврдуваат анализите што ги презентирав во јавноста, изјави Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Додека Бабовски и другите околу него сакаат да ја замајат јавноста од детектираните присуства на резидуум од пестициди во храната од неживотинско потекло, добро е Бабовски да го посоветуваат за наодите од тестирањата и начинот на прикажување во нив. Имено, од правилникот за општите барања за безбедност на храната во однос на максималните нивоа на одделни контаминенти може да се види дека максималното ниво на контаминенти – метали е дадено само за олово и кадмиум, изразено во mg/kg водна тежина). Зошто ДФЛ се повикува на максимално дозволено ниво на тешки метали и анекс на правилник што не е во сила и тој е објавен во ‘Службен весник на РСМ’ бр. 227/2021? Не се детектира максимално дозволено ниво кај контаминенти, како што е тоа случај со резидуум од пестициди. Дополнително, лимитот на квантификација е изразен во ug/L, а добиениот резултат во ug/kg. Во мојата прес-реакција беше наведена мерна единица. Но, што правиме со детектираното ниво на арсен во производите? Дали и за тоа Трипуновски згреши? Дали производите се безбедни во согласност со законот и правилникот или за тие испитувања, иако нема вредности, не може да се обезбеди изјава за сообразност дали тие се сообразни? Зошто во наодот од тестирањето на ФВМ има соодветна изјава на сообразност, а во оној на ДФЛ нема? Дали државните инспектори знаат да ги протолкуваат овие резултати? Дали Агенцијата има изготвено анализа на ризик за максималното ниво на арсен во храната од неживотинско потекло врз човековото здравје?“, праша Трипуновски.
Тој им порача на Бабовски, на Николовски и на сите инволвирани во овој скандал дека одговорност ќе има многу бргу.
Поднесувањето кривична пријава само говори за вашиот очајнички обид да се извлечете од овој мегаскандал, но нема да успеете, рече Трипуновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Петрушевски: Кога СДС повторно лажно ќе прашаат за истрагата за Кочани, нека погледнат накај главниот обвинител Коцевски кого го спасија и држат на функција

Кога СДС повторно лажно ќе прашаат за истрагата за Кочани, нека погледнат накај главниот обвинител Коцевски, кого го спасија и го држат на функција, кажа денеска на прес-конференција, Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС и главниот обвинител Коцевски, играа пинг-понг во јавноста, се до моментот кога тој требаше да си замине од позицијата, па СДС мораше јавно да истапи и да го брани, за да се спасат себе си. Кога граѓаните се прашуваат до каде е случајот, треба да знаат дека е на линија помеѓу главниот обвинител Коцевски и СДС. Вторите лажно го напаѓаа првиот, за да создадат привид во јавноста, операција која не им успеа затоа што мораа да го бранат во Собрание, да не останат без него“, вели Петрушевски.
Тој додава дека „на фолирањето на СДС му дојде крај. Не додржаа ниту еден месец, па СДС мораше да се соголи, и да покаже дека ќе направат се само главниот обвинител, Љупчо Коцевски, да остане на позиција“.
„Сега е многу очигледно и зошто СДС држеше пресови за Кочани, каде со лажно душегрижништво го напаѓаше ВМРО-ДПМНЕ, а всушност договорени со нивниот обвинител Коцевски, сакаа да креираат хаос. Сите обиди за хаос и сценарија на СДС се изјаловија. Секој може да види каде е вистината, а таа е дека СДС го спаси главниот обвинител Коцевски, кој има задача да ги спасува нив од одговорност, но и да им креира наративи за политички прес-конференции, како во случајот со Кочани“, истакна пратеникот Петрушевски.
Македонија
АМСМ: На Табановце се чека 40 минути, на Богородица и Дојран околу еден час

АМСМ информира дека интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
„Поради летните одмори се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце околу 40 минути и ГП Богородица и ГП Дојран времето на чекање за влез е околу 1 час“, велат од АМСМ и додаваат дека на останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Поради изведување на градежни активности на Вијадукт на Сарички дол кој се наоѓа на државниот пат А1 Градско – Прилеп, обиколница на градот Прилеп, државниот пат (од раскрсница кај бензинска станица “ Лукоил” до клучка кај бензинска станица “ Салида “), ќе биде целосно затворен за сообраќај од 03 август (недела) од 07.00 часот до 06 август (среда). Сообраќајот ќе биде пренасочен низ градот Прилеп.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони.
Македонија
Ангелов: Словенечкиот тим и чешкиот хеликоптер си заминуваат, нема активни пожари

Денеска заминува словенечкиот тим од 61 пожарникар специјализирани за гаснење на шумски пожари, со 18 возила, информира директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
„Во завршниот збор им се заблагодарив од име на македонската влада и македонските граѓани а од име на Дирекцијата за заштита и спасување им доделив пригодни благодарници. Утре заминува и чешкиот Блек Хок со седумчлената посада. За гаснење на пожарот на територијата на општина Долнени во атарот на с. Стровија на местото викано Гајдарец – Клепало, рано утрово со полициски хеликоптер беа исфрлени екипи на Национални Шуми со неколку доброволци ловци кои за неколку часа целосно го изгаснаа овој пожар на отворен простор кој имаше зафатено поголема површина со сува и висока трева по гребенот на планината“, вели Ангелов.
Тој додава дека пожарот на планината Готен е целосно изгаснат и од радовишката и од беровската страна.
Во овој момент нема активни пожари.