Македонија
„До кога ќе молчиме и ќе ги бркаме стручните лица од земјата“, се огласи ќерката на чиј татко доктор Јовев му трансплатира ново срце
По смената на директорот на Кардиохирургија, Сашко Јовев, социјалните мрежи се преполни со реакции од пациенти и медицински лица, кои го осудуваат потегот на министерот Фатмир Меџити.
Меѓу реакциите е и онаа на Елеонора Димовска, ќерката на чиј татко докторот Јовев му трансплатира ново срце пред 9 месеци. Таа вели дека Јовев како доктор бил многу професионален и посветен.
„Ако се прашувате зошто и од каде ми е правото јас да зборувам на темава, еве и тоа ќе ви го кажам: пред 9 месеци беше направена последната трансплантација на срце, а личноста што го прими срцето беше мојот татко. Па, оттука, можам да зборувам за она што го направил професорот.
Од една страна, за жал, а од друга, за голема среќа, долг период, секое утро, повторувам СЕКОЕ УТРО по неколку часа поминувавме во просториите на државната кардиохирургија и сведочевме на ангажираноста на професорот, сведочев дека ниту еднаш не пропушти визита, немаше момент некој од пациентите да го побара, а тој да не е присутен, но по зборовите на НАДЛЕЖНИТЕ, можеби и операцијата на татко ми од дома ја правел, не работел ништо 10 години.
И, не, не го кажувам ова за да го бранам професорот, го кажувам ова затоа што не можам да си поверувам каде живеам, во држава каде што се разрешуваат луѓето што спасуваат животи.
И знаете ли што ми е најголем проблем, тоа што, познавајќи го професорот и целиот тим што е покрај него, по ова ќе ја продолжат нивната кариера некаде каде што ќе ги ценат, некаде каде што ќе ги почитуваат, некаде многу далеку од нашава Македонија и тука нема да остане стручно лице што ќе знае да го одржува во живот срцето на татко ми, срцата на сите трансплантирани, срцата на оние што чекаат трансплантација, ако воопшто ја има во иднина.
Затоа што нивната работа не завршува кога ќе излезеш од болница, на располагање се 24 часа 365 дена во годината, секојдневно ја контролираат терапијата и ја дозираат. И сега навистина сум загрижена кој ќе ја преземе нивната работа, кој ќе го одржува во живот татко ми или твојот татко, мајка, сестра, брат, сопруг, сопруга…? До кога ќе молчиме и ќе си прави кој што сака? До кога стручните лица ќе ги бркаме и ќе ставаме на позиција луѓе што немаат допирна точка со позицијата: Прочитавте ли? Новиот раководител на кардиохирургија е кардиолог, повторувам кардиолог е раководител на Кардиохирургија, а не кардиохирург.
Искрено се надевам дека сите оние што учествувале во одлуката се молат еден ден нивниот или животот на нивните блиски да не зависи од РАЗРЕШЕНИОТ затоа што благодарение на нив нема да биде тука!“, напиша Димовска на „Фејсбук“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одрони, излевања и поплави на повеќе локации – во Кичево евакуирани 60 луѓе во спортска сала поради поплавени домови
Директорот на Центар за управување со кризи, Мухамед Али, заедно со дежурните екипи на бројот за итни повици 112 и Секторот за операции, континуирано ја следи состојбата по обилните врнежи од дожд. Од ЦУК апелираат граѓаните, доколку имаат потреба или забележат проблеми, истите да ги пријават на бројот 112.
Според пријавите и интервенциите до 21:00 часот на 7 јануари 2026 година, на терен се евидентирани следните состојби:
На патниот правец Гостивар – Стража има одрони, но сообраќајот се одвива редовно. На правецот Тетово – Бањиче регистрирани се одрони покрај коловозот кои го отежнуваат сообраќајот.
Во селото Балин Дол има излевање на реката Вардар, при што се поплавени 10 земјоделски парцели и неколку дворови, а е забележано и намалено производство на електрична енергија во ХЕЦ Маврово.
Во селата Мало Турчане и Горно Бањице се излеале Лукавичка и Сушичка Река, при што е поплавено земјоделско земјиште. Од ЦУК информираат дека општината нема соодветна механизација.
Во селото Форино е евидентирано паднато дрво во коритото на реката Вардар, што претставува ризик од поплава, а на терен е испратена екипа со моторна пила.
На делницата Тетово – Бањиче (кај Цртаниот ѕид) има свлечишта и одрони, при што патот е расчистен со багер и соодветно обележан.
Битола и околината
Во селото Лера има поплава кај мостот со можност за проширување кон селото. Во селото Породин е поплавена живинарска фарма.
Во Општина Ресен, во селата Перово, Дремени и Долна Бела Црква, поплавени се дворови и земјоделски земјишта, при што реките не се излеани. Одронот кај селото Сирхан е отстранет.
Охрид, Кичево и Струга
Во Охрид се пријавени поплавени подруми, гаражи и дворови, при што интервенирале јавните претпријатија и локалната самоуправа.
Во Кичево се поплавени стамбени објекти на улицата „Прилепска“, а 60 лица се евакуирани и сместени во спортската сала „Христо Узунов“.
На патниот правец Охрид – Пештани, кај хотел „Гранит“, е регистриран одрон. Патот е прооден, а расчистувањето на поголемиот нанос се очекува во наредните еден до два часа.
Во Струга, на правците Татеши – Мислодежда и Дебар – Струга, во тек е расчистување на свлечишта и одрони.
Општина Боговиње
Во Општина Боговиње е евидентирано поплавување на обработливо земјоделско земјиште поради затекнат канал од изградба на автопат. Нема загрозени куќи.
Од ЦУК информираат дека сите надлежни служби се на терен и активно интервенираат за справување со последиците од обилните врнежи. Граѓаните се повикуваат да бидат внимателни и да ги следат официјалните упатства.
Свлечиште на патот кон Бањиче
Дополнително, по нова пријава на бројот 112, информирано е дека поради врнежите повторно има свлечиште на патот кон Бањиче. Се апелира до граѓаните да не патуваат на оваа делница додека не се стабилизира состојбата, а општинските екипи се на терен и ја следат ситуацијата.
Македонија
Поплавени улици во Битола, мобилизирани јавните претпријатија
По обилните врнежи од дожд што вечерва предизвикаа поплавување на улици низ Битола, екипи на ЈП „Нискоградба“ и други јавни претпријатија започнаа со интервенции за санирање на состојбата.
Најкритична е состојбата кај стариот објект „Прогрес“, каде што се излеа каналот од реката Курделес. Поради тоа, сообраќајот е отежнат на улицата „Македонска фаланга“ (поранешна „Иво Лола Рибар“) на потегот кон Железничката станица, соопшти Општина Битола.

Интервенции се вршат и на улицата „Солунска“ во населбата „Боримечка“, на Лавчански пат, како и во населбата „Стрчин“.
Екипите продолжуваат со работа на терен и ќе останат мобилизирани поради најавите за продолжување на врнежите.
Во акциите се вклучени екипи од „Битолско поле“, „Водовод“ и „Стрежево“, а најавени се интервенции и во селата Кравари, Канино, Лера, Горно Српци, како и долж реката Црна, во потесното и поширокото градско подрачје на општината.
Македонија
Мицкоски најави лидерска средба на која би се зборувало за укинување на техничката влада
Премиерот Христијан Мицкоски во текот на утрешниот ден ќе упати покани до политичките партии за лидерска средба, на која би станало збор и за укинување на техничката влада.
Мицкоски изјави дека не би влегувал во процес на укинување на техничката влада без политички консензус, оценувајќи дека ваквите промени треба да се носат со согласност на сите релевантни политички чинители.
Тој потсети дека пред изборите раководството на СДСМ јавно се залагало за бришење на техничката влада и посочи дека допрва треба да се види дали таа позиција сè уште важи.
„Јас не би сакал да влегувам во такви измени, иако таму нема дополнителни услови, нема Бадентер. Но, не би сакал да влегувам во таков еден процес без да имаме консензус, затоа што мислам дека е тоа политички некултурно“, рече Мицкоски во интервју за „Алфа“.
Според него, доколку постои заедничка оценка дека техничката влада го кочи функционирањето на системот, има проблеми со уставноста и не остава доволно простор за маневрирање, тогаш таквите измени треба да се направат, но исклучиво со политичка согласност.
„Планирам од утре да упатам покана до сите лидери на политички партии или водства на коалиции што имаат пратеничка група во рамките на парламентот, да организираме една лидерска средба“, изјави Мицкоски.
На средбата би станало збор и за изборот на Народен правобранител и реформските закони поврзани со напредокот на државата кон Европската Унија.
„Да покажеме зрелост и да разговараме отворено на теми за кои немаме дијаметрално различни ставови. Сите велиме дека сме за Европската Унија, законите имаат позитивно мислење од Венецијанската комисија и од Канцеларијата на Европската комисија, ајде да седнеме и да разговараме“, порача Мицкоски.

