Македонија
(Видео) Лефков: Пресудата за пожарот во модуларната болница е доказ дека судството е политизирано
Според пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, пресудата за пожарот во тетовската модуларна болница, во која животот го изгубија 14 наши сограѓани, е доказ колку судството е под притисок на власта. Одлуките, оценува тој, се носат зависно од тоа дали лицето кое е предмет на постапката е блиско до власта или не.
„Наместо индивидуална кривична одговорност, се сѐ сведе на кабелот, а директорите на болницата Флорим Бесим, братот на министерот за финансии од ДУИ и Артан Етеми, и двајцата кадри на ДУИ добија условна казна од 18 месеци. Тие нема да влезат во затвор, ако во период од 18 месеци не сторат друго кривично дело. Оваа пресуда е и доказ како ДУИ се грижи за Албанците и за Македонците, кога од другата страна се нивните функционери. ДУИ ниту се грижи за Албанците, ниту за Македонците, туку само за своите функционери“, истакна Лефков.
Секогаш кога во прашање се луѓе од власта особено од ДУИ и СДС, вината, според него, е секаде, само не во нив. Не може 14 луѓе, дополнува Лефков, живи да изгорат во објект на Министерството за здравство, а никој за тоа да не е одговорен, па да се даваат бледи изговори дека кабелот е крив. Луѓе бегаа во страв и паника, цели семејства беа во солзи, а вчера судството на ДУИ и СДС им кажа дека кога одговорност треба да сносат нивни кадри, таа нема да ја има.
„Кај 14 фамилии не стигна правдата за своите најмили, кои очекуваа барем крајна разрешница, во која се знае кои се виновниците и истите да бидат казнети. Со СДС и ДУИ нема одговорност, нема правда. Случајот со пожарот во модуларната болница не е единствен случај во кој нема одговорност за луѓето од власта. Истиот принцип на неказнивост на функционерите на СДС и ДУИ се виде и кај случаите на Ден Дончев, Рашковски, Лидија Димова и многу други, кои беа фатени во криминал, а денес се шетаат слободно“, рече тој.
Потенцира дека и во овие случаи, и во случајот со пожарот во модуларната болница во Тетово, одговорност ќе има. Никој нема право да биде над законот, само затоа што им служи на Ковачевски и на Ахмети, дециден е Лефков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) По ерата на Југославија, селото Драчево е првото село во Македонија што добива сопствено модерно кино
Општина Кисела Вода вчера вечер официјално го отвори новото кино во Домот на културата во Драчево. Проектот, реализиран во партнерство со „Киноверзум“, претставува втора филмска сцена на територијата на оваа општина и вкупно петта во мрежата на оваа групација во Македонија.

Свеченото отворање се одржа пред преполна сала, во присуство на претставници на Владата, Собранието, како и голем број уметници и културни работници. Настанот го водеше актерот Рубенс Муратовски, а вечерта беше заокружена со проекција на меѓународно наградуваниот документарен филм „Приказната за Силјан“, кој беше македонски кандидат за „Оскар”.

– Ова е историски чекор, бидејќи по времето на Југославија, селото Драчево е првото село во Македонија кое добива свое модерно кино. Со овој чекор потврдуваме дека културата не смее да биде привилегија на центарот, туку право на секој граѓанин. Нашата визија е јасна- ја носиме уметноста таму каде што е домот на луѓето. Сакаме врвните филмски остварувања да бидат на само неколку чекори од вашиот праг-истакна градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.

Таа додаде дека ова е второ заедничко кино со „Киноверзум“ и е доказ дека со јасна заедничка визија се постигнуваат видливи и трајни резултати.

Посебно признание на настанот им беше оддадено на гостите, режисерката Тамара Котевска и продуцентот Јорданчо Петковски. Нивниот филм „Приказната за Силјан“, кој беше македонски кандидат во трката за „Оскар“, кој е откупен од „National Geographic“ и добитник на бројни награди на реномирани светски филмски фестивали, беше симболично избран за првата проекција на новото филмско платно во Драчево. За жителите на Драчево ова имаше и емотивна вредност, со оглед на тоа што продуцентот Петковски потекнува токму од ова место.

– Ова е седма година од постоењето на „Киноверзум” и горди сме што вечерва го отвораме нашето петто кино. По Штип, Велес, Свети Николе и првото кино во Кисела Вода, сега и Драчево добива филмска сцена со најсовремени технички услови. Опремено со ласерски кино-проектор и врвен систем за звук, на посетителите им ги нудиме најактуелните светски филмски хитови по најпристапни цени. Веќе од утре, на редовниот репертоар во Драчево се филмовите „Свадба” и „Оркански височини“, изјави Михаела Ѓорчева, основач на „Киноверзум“.

Овој проект е вистински пример за континуитет во спроведувањето на добрите идеи и плодна соработка, со оглед на тоа што иницијативата за негово отворање започна уште во мандатот на претходникот на Стаменкоска Трајкоска, сегашниот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Со оваа реализација, Општина Кисела Вода ја потврдува својата посветеност на културната инфраструктура, правејќи ги Драчево и Кисела Вода нови културни епицентри достапни за сите жители.






Македонија
Врнежи од слаб снег на неколку патни правци, патот кон село Герман е блокиран од паднато дрво
Од синоќа е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране поточно во село Форино, поради излевање на реката Вардар. Сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле према село Форино, извести АМСМ.
Патот кон село Герман е блокиран кај село Станча, од паднато дрво и не е прооден.
Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози. Врнежи од слаб снег има во Крива Паланка – г.п Деве Баир, г.п Делчево, Страцин, и на Пониква, но во моментов не претставуваат пречка за одвивање на сообракајот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, соопшти АМСМ.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: По две децении, Драчево повторно доби свое кино
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи извести дека по две децении, Драчево повторно доби свое кино.
„Особено ми е драго што иницијативата што ја започнавме пред завршувањето на мојот мандат како градоначалник на Кисела Вода, денес прерасна во реалност. Овој проект беше визија за враќање на културниот живот таму каде што му е местото, меѓу мојот народ. Од денес, таа визија живее“, вели градоначалникот.
„Киното ќе функционира во рамки на Домот на културата во Драчево, простор кој повторно ќе стане собиралиште на уметноста, емоцијата и заедничките доживувања.
Покрај Кисела Вода, сега и драчевчани ќе бидат дел од КИНОВЕРЗУМ и ќе имаат можност да уживаат во најновите филмски достигнувања и најголемите светски хитови, блиску до својот дом.
Филмското искуство повеќе нема да значи патување километри далеку, туку тука – дома. Културата повторно пулсира во Драчево“, додаде Ѓорѓиевски.

