Свет
Најлудите работи што ги правеле претседателите, премиерите и папата
Најмоќните светски лидери на патот до највисоките позиции во своите земји, неколкумина од нив водеа многу поинтересни животи – некои возеа автобуси, работеа како продавачи, понекогаш дури и снимаа фанк-албуми.
Некому ваквото искуство добро му дојде за време на политичката кампања, каде што полесно можеа да се продадат како луѓе од народот, а други го туркаа своето минато под тепих.
„Бизнис инсајдер“ направи листа на светски лидери што ги извршувале најнеобичните работни места, а при креирањето на листата воделе сметка за тоа колку скромни биле нивните почетоци, како и неусогласеноста меѓу нивните политички кариери и старите работни места.
Претседателот на Боцвана, Могвици Масиси ,глумеше во второкласни филмови од Јужноафриканската Република.
Last night my wife and I were treated to the Mascom President’s Concert at Maitisong, celebrated under the theme: “Thari Ya Sechaba” which featured poetry, storytelling, music and dance. pic.twitter.com/L5m4meTLg5
— Dr. Mokgweetsi E.K Masisi (@OfficialMasisi) November 28, 2018
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган продаваше ѓеврек на улица. Тој студирал менаџмент, а бил успешен и како фудбалер. Меѓутоа, неколку години како тинејџер продавал лубеници и ѓевреци на улица за да заработи џепарлак. Неговото скромно воспитување му донесе голема популарност на почетокот на неговата политичка кариера и го направи локален херој во населбите во кои работеше како продавач.

Актуелниот претседател на Мадагаскар, Андри Рајоелина, кој е син на богат полковник, работеше во медиумскиот бизнис пред да тргне на патот што го водеше до претседателскиот кабинет. Рајоелина од 1999 година организира музички фестивали со името „Лајв“.
Поранешен разбојник стана претседател на Никарагва. Диктаторот Даниел Ортега дојде на власт како револуционер. Тој извршил серија вооружени грабежи за да ги финансира сандинистичките социјалистички револуционери и бил уапсен во 1967 година, пишува „Вашингтон пост“. Тој е уапсен кога се обидел да ја ограби Банката на Америка со митралез во рацете, објави Би-би-си.
Луксембуршкиот премиер Ксавиер Бетел веќе влезе во локалната политика кога ја водеше емисијата „Недела во 8“ на националниот кабелски канал.

Долго пред Адама Бароу да стане претседател на Гамбија во 2017 година, тој дипломирал управување со недвижности во Лондон. За да ги финансира студиите, Бароу три години работел како обезбедување во британскиот синџир „Аргос“.
Венецуелскиот претседател Николас Мадуро не завршил средно училиште, но од почетокот бил политички активен во студентската унија, пишува „Гардијан“. Тој почна да се залага за правата на работниците како возач на автобус во компанија во Каракас основајќи неформален синдикат во време кога тие беа забранети.

Асад дипломирал како офталмолог во Дамаск во 1988 година, а потоа го продолжил своето образование во престижната очна болница „Вестерн ај“ во Лондон. Хирургот што го обучувал, Едмунд Шуленберг, пред една деценија изјави за „Мејл онлајн“ дека се сеќава на идниот диктатор како „чувствителен млад човек, кој бил неверојатно точен и љубезен“.

Популарно наречен Лула, претседателот на Бразил, Луис Инасио да Силва, имаше навистина скромно детство. Би-би-си пишува дека како дете работел како продавач на кикиритки, а исто така чистел чевли во малото крајбрежно гратче, каде што пораснал. Научил да чита на 10 години. Најпрвин работел во магацин, а потоа во обработка на метали, каде што го изгубил малиот прст на раката кога имал 19 години.

Либерискиот претседател Жорж Веа го исполни сонот на милиони деца, играше за најдобрите фудбалски клубови во светот. И потоа стана претседател.

Претседателот на Габон објави фанк-албум. Ондимба се претставуваше како кандидат за младите и рапуваше на сцената со габонската хипхоп-заедница.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја замени својата кариера како комичар со политичка, неговата приказна е веројатно најпозната на оваа листа. Зеленски ја почна својата кариера во светот на забавата како 17-годишник кога се пријави на натпревар во комедија и со група пријатели од училиштето ја основа исклучително успешната продукциска куќа „Квартал 95“.

Години пред да се кандидира за претседател на Словенија, Наташа Пирц Мусар имаше уште една стресна работа, таа беше адвокатка на Меланија Трамп во пресрет на претседателските избори во САД во 2016 година.

Папата Франциско во 50-тите работел како обезбедување на кафуле, млад човек од Буенос Аирес, кој бил љубител на тангото, пишува италијанскиот весник „Газета дел суд“.

©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Принцезата Кејт за нејзината борба со ракот: Постојат моменти на страв и исцрпеност
Принцезата од Велс, Кејт Мидлтон, по повод Светскиот ден на ракот, објави емотивна порака во која се осврна на сопственото искуство со болеста. Во јануари минатата година, таа објави дека е во ремисија, откако во март 2024 година ѝ беше дијагностициран рак.
Светскиот ден на ракот се одбележува секоја година на 4 февруари, а 44-годишната принцеза сподели видео на социјалните мрежи по повод овој настан. Краткиот клип прикажува снимки од нејзината посета на Кралската болница Марсден во Челзи во јануари 2025 година, каде што самата се лекуваше. Истиот ден кога ја посети болницата, таа објави дека е во ремисија.
Во видеото принцезата Кејт вели: „На Светскиот ден на ракот, моите мисли се со сите што се соочуваат со дијагноза, се на третман или се на пат кон закрепнување. Ракот допира до толку многу животи – не само на пациентите, туку и на нивните семејства, пријатели и лица кои се грижат за нив.“
„Секој што го поминал тоа знае дека патувањето не е права линија. Има моменти на страв и исцрпеност, но и моменти на сила, љубезност и длабока поврзаност“, продолжи таа.
„Деншниот ден е потсетник за важноста на грижата, разбирањето и надежта. Знајте дека не сте сами“, заклучи таа.
Во март 2024 година, принцезата од Велс објави дека и бил дијагностивиран рак и дека се повлекува од јавноста за да се фокусира на своето здравје. Во септември истата година, таа потврди дека завршила со хемотерапија, а во јануари 2025 година, по ненајавена посета на Кралската болница Марсден, објави дека е во ремисија.
Исто така, беше објавено дека таа и принцот Вилијам станале заеднички покровители на Фондацијата на Кралскиот Марсден NHS, преземајќи кралска улога во светски познатата болница за рак.
Принцезата Кејт отворено зборуваше за предизвиците со кои се соочи во периодот по третманот, опишувајќи го како „навистина, навистина тежок“ за време на посетата на болница во Колчестер минатиот јули.
„Се држите цврсто, го издржувате третманот стоицистички. И кога третманот ќе заврши, мислите: „Можам да продолжам понатаму, да се вратам во нормала“. Но, всушност, фазата што следи е навистина, навистина тешка“, рече таа во тоа време.
„Веќе не сте нужно под грижа на медицински тим, но не сте во можност нормално да функционирате дома на начинот на кој можеби сте можеле порано“, продолжи принцезата. „И затоа е навистина вредно да имате некој да ви помогне да разговарате за тоа и да ве води низ таа фаза по третманот.“
„Мора да ја пронајдеш својата нова нормалност, а тоа одзема време… Како ролеркостер е, не е толку мазно како што би очекувале. Реалноста е дека поминуваш низ тешки времиња“, заклучи Кејт.
фото/Depositphotos
Свет
Зеленски: Наскоро размена на затвореници со Русија
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, објави дека наскоро се очекува размена на воени затвореници, што е резултат на првата рунда преговори со Русија и САД во Абу Даби, пишува „Украинска правда“.
„Доаѓа важен чекор: наскоро очекуваме размена на воени затвореници. Мора да ги вратиме нашите луѓе дома“, рече Зеленски во своето вечерно обраќање.
Зеленски, исто така, рече дека добил извештај од украинската делегација по состанокот во Абу Даби, на кој присуствувале и делегации од Русија и САД.
„Контактот е одржуван и со американската страна. Рустем Умјеров, Кирил Буданов и Давид Арахамија известија за ова. Тие останаа во контакт. Денес ги разгледавме привремените резултати од разговорите, а тие ќе продолжат утре“, рече тој.
Објавата доаѓа откако Зеленски на 30 јануари изјави дека Русија ги прекинала размените на затвореници бидејќи верува дека се бескорисни.
фото/Depositphotos
Свет
Иран им дозволи на жените да возат мотоцикли
Жените во Иран сега официјално можат да добијат возачка дозвола за мотоцикл, објавија локалните медиуми, со што се стави крај на долгогодишната правна несигурност околу возењето мотоцикл.
Претходниот закон не им забрануваше експлицитно на жените да возат мотоцикли и скутери, но во пракса властите одбиваа да издаваат возачки дозволи. Поради овој правен вакуум, жените честопати беа одговорни во сообраќајни несреќи, дури и кога тие беа жртви.
Првиот потпретседател на Иран, Мохамед Реза Ареф, вчера потпиша декрет со кој се разјаснуваат одредбите од законот за сообраќај, кој иранската влада го одобри кон крајот на јануари, објави новинската агенција Илна.
Одлуката бара од сообраќајната полиција да „обезбеди практична обука за кандидатки, да организира испит под директен полициски надзор и да им издава возачки дозволи за мотоцикли на жените“, објави Илна.
Одлуката дојде по бранот протести низ Иран, кои првично избувнаа поради економски проблеми и ескалираа во масовни антивладини демонстрации минатиот месец.
Од Исламската револуција во 1979 година, жените во Иран се соочуваат со низа социјални ограничувања, при што кодовите за облекување претставуваат посебен проблем за оние што возат мотоцикли. Од жените се бара да носат шамии и широка облека на јавно место, но во последниве години тие сè повеќе ги прекршуваат овие правила.
Трендот на кршење на правилата дополнително се забрза по смртта во 2022 година на Махса Амини, млада Иранка која почина во полициски притвор откако беше уапсена за наводно кршење на кодексот за облекување. Нејзината смрт предизвика масовни протести низ Иран, предводени од жени кои бараа поголеми слободи.
фото/ЕПА

