Македонија
Претпладне сончево, попладне нестабилно со пороен дожд и грмежи
Времето денеска претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен дожд за кратко време, електрични празнења, силен ветер и појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 16, а максималната ќе достигне од 23 до 30 степени.
Во Скопје претпладне сончево со мала до умерена облачност, попладне нестабилно со пороен дожд и грмежи. Во делови од котлината ќе има услови за појава на невреме со засилен ветер и изолирана појава на град. Минималната температура ќе се спушти до 15, а максималната ќе достигне до 29 степени.
Утре и во следните денови на повеќе места во попладневните часови ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен дожд за кратко време, електрични празнења, силен ветер и појава на град. Температурите ќе бидат без поголема промена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ангелов бара пешачки премин или изградба на кружен тек на булеварот Србија кај трговскиот центар Џевахир (ВИДЕО)
Граѓаните на скопската населба Аеродром Центарот имаат потреби кои беа упатени до Центарот за убправување со кризи (ЦУК), а кои се потоа доставени како барање до Град Скопје за најбрзо што може да се уреди еден пешачки премин или изградба на кружен тек на булеварот Србија кај трговскиот центар Џевахир. Од ЦУК сметаат дека пешачки премин нема да го реши најдобро проблемот, но за тоа ги повикуваат стручните лица од сообраќајната област тоа да го решат.
Директорот на ЦУК Стојанче Ангелов до медиумите испрати видео изјави во непосредна близина на булеварот Србија, пред новоотворениот Џевахир Мол, којшто е дел од комплексот Скај сити, што е составен од четири облакодери, а се заблагодари на Градот Скопје за брзите реакции по нивните досегашни укажувања.
Во видеото тој барањата ги поткрепува со тврдења дека поради минување на граѓаните на необележаните улици, тие се изложуваат на опасности.
Македонија
Сиљановска Давкова во Рим се сретна со претставници на македонската дијаспора
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова за време на престојот во Рим, остварила средба со претставници на македонската дијаспора и на италијанско-македонската стопанска комора, АПИ НОРДЕС.
На средбата, како што соопштија од претседателскиот Кабинет, соговорниците ја запознале претседателката со нивните тековни активности и вклученоста на дијаспората во севкупните општествено-економски процеси во Италија. Во разговорот со Мунир Шемси, успешен бизнисмен и претседател на АПИ НОРДЕС, претседателката била информирана за заложбите на Комората, за неговиот личен и професионален развој, како и за над тридеценискиот хуман активизам насочен кон социјално ранливи семејства во неговиот роден крај.
Сиљановска Давкова изразила благодарност за исклучителниот придонес на македонските иселеници во континуираното унапредување и продлабочување на соработката меѓу македонската и Италијанската република.
Таа ја нагласила важноста од одржувањето на врските со дијаспората, што како нераскинлив дел од македонското ткиво доследно ги негува културата и традицијата, афирмирајќи ја нивната матична држава во странство.
Во таа насока, стои во соопштението, ја потенцирала и потребата од почитување на нивните согледувања на состојбите во нашето општество, имајќи ги предвид децениските искуства и демократски вредности стекнати во државите во коишто живеат и работат.
Средбата со претставниците на македонската дијаспора се реализира за време на посетата на претседателката Сиљановска Давкова на Италијанската Република и Светиот Престол, по повод манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“.
Македонија
Со настан кај Школка во Скопје ќе се бара преземање акција за превенција од негативните климатски влијанија
Во Градски парк на Школка денеска ќе се одржи настан „Бараме климатска акција сега!“ на којшто ќе биде упатена порака за преземање акција за превенција од негативните климатски влијанија врз нашата држава, во организација на „Гоу грин Скопје“.
Како што соопштија организаторите, на настанот ќе има зелени штандови што ќе ги претстават локалните бизниси и организации, промовирајќи еколошки свесен начин на живот.
Овие штандови овозможуваат сите преку личен пример и акција да придонесат кон подобра животна средина преку мали, но значајни промени во нашите секојдневни навики, стои во соопштението.
Исто така, додаваат оттаму, младите ќе имаат можност преку инфо-точките на Гоу Грин да се запознаат поблиску со програмите и активностите што ги нудиме за нив и претставува одлична можност за младите да се вклучат и да станат дел од климатската акција која е од витално значење за нашата иднина.
Преку различни активности, игри – правење на бомби од семиња, боење на банери и лица, ќе се придонесе за креативна и забавна атмосфера на настанот, додаваат организаторите на настанот.