Македонија
(Видео) Кој дозволи скандалозна хациенда до Стрежевското Езеро, прашува Котевски
„Откога во јавноста беше обелоденето дека на брегот на вештачката акумулација за вода „Стрежевско Езеро“, на само педесетина метри од езерото, се гради огромна хациенда, односно во зона заштитена со законот, во сопственост на познат битолски бизнисмен.
Го прашуваме директорот на ЈП „Стрежево“, Методија Граматковски: дали е точно дека со Ваша усна наредба во вечерните часови на викендите во текот на 2022 година се отворале вратите на службениот влез на Стрежево од патот што води до имотот на бизнисменот? Одговорете јасно, господине Граматковски, дали сето тоа се случувало лично по Ваша наредба?“, прашува Никола Котевски, секретар на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Битола.
Дали е точно, додава тој, дека во тие периоди кога поминувале камионите со градежниот материјал за изградба на хациендата од 1.500 м2 по Ваша усна наредба се исклучувале камерите за видеонадзор?
„Дали сте свесни, директоре Граматковски, дека ги прекршувате член 58 од Законот за заштита на природата, кој вели: „забранета е изградбата на објекти или стопанисување со природните богатства крај природните извори покрај брегот на природните водотеци, крајбрежјето на природните или вештачките езера, како и плавените рамнини на водотеците“?
Дали сте свесни дека поради прекршувањето на оваа одредба, ЈП „Стрежево“ може да плати глоба во висина од 180.000 до 200.000 евра?“, прашува тој.
Бара директорот Граматковски да одговори, како што вели, во што е вплеткан, какви матни зделки, поткупи или можеби уцени, само за да ја задржи директорската фотелја.
„Ние фактите јавно ги соопштуваме, а надлежните институции нека постапат по допрен глас, се разбира, ако се охрабрат“, додава Котевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Повторно во прекин сообраќајот на „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 17:00 часот повторно е во прекин, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
Во 15 часот повторно беше нормализиран, а сега повторно е затворен.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.
Македонија
Левица: Очекуваме власта утре да покаже доблест и да се појави на Анкетна комисија за Кочани
Во пресрет на утрешната седница на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, повторно апелираме до пратениците од владејачкото мнозинство и поканетите претставници од власта, да не измислуваат изговори и да се појават на седницата, велат од Левица.
„Повторуваме дека оваа седница е свикана по претставка на родителите на трагично загинатите деца од Кочани, а датумот е успгласен токму со нив, бидејќи единствено утре не е закажано судско рочиште за „Пулс”. Оттука, утре е единствен ден кога родителите би можеле конечно да се обратат од Собранието кон претставниците на институциите од кои зависат одговорноста и промената на системот“, велат од партијата.
Од Левица наведуваат дека три пати се обиделе да закажат седница за трагедијата во Кочани.
„Три пати беше блокирана со директна улога на спикерот Гаши и ДПМНЕ. Власта која не најде сила ниту за комеморативна седница во Собранието, сега нема никаков легитимен изговор да ја кочи расправата. Досегашните изјави на власта дека токму утре било предвидено да се започне расправата за Предлог-буџетот, наоѓајќи алиби за повторно избегнување на седницата, е несоодветен и невистинит. Буџетската расправа трае пет дена, што е повеќе од доволно за да се исцрпи целата дискусија, а рокот за донесување на Буџетот е најдоцна до 31 декември“, велат од Левица.
Од таму упатија апел утре да не се повтори уште еден институционален срам.
„Седницата мора да се одржи, без одлагања, празни изговори и политички калкулации. Родителите доаѓаат да го кажат она што државата со месеци одбива да го слушне. Од власта и државниот врв се очекува, најмалку, да се појават и да погледнат во очи луѓе кои бараат правда, одговорност и промена. Секое ново бегање и саботирање би било уште една навреда за семејствата, но и народот, како и уште еден чекор кон одржување на системот кој дозволува да се повторуваат трагедии“, се наведува во соопштението.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на ГП „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 15:00 часот е нормализиран во двата правци, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.

