Македонија
(Видео) Кузеска: Нови околности откако ВМРО-ДПМНЕ прифати уставни измени и учество во Владата
По вчерашната средба, имаме нови околности на политичката сцена во земјата, истакна Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ, на денешната прес-конференција.
Според неа, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, јавно рече дека ВМРО-ДПМНЕ не е против уставните измени.
Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, вели портпаролката на СДСМ, де факто го променија ставот, прифатија уставни измени и прифатија учество во Владата за европска иднина на паритетна основа, со ист број министри.
„Дури и условот ДУИ да не биде дел од Владата, експресно беше прифатен од страна на ДУИ, само да не се измислуваат нови и нови услови. Од друга страна, прифатено е барањето измените на Уставот да важат одложено, односно од денот на одржувањето на втората меѓувладина конференција. Барањето за избори, кои понатаму ќе ги спроведе заедничката влада, исто така е прифатено. СДСМ како одговорна државотворна партија повторно покажа државнички капацитет и уште еднаш потврди дека иднината на граѓаните и интересот на државата се на прво место“, истакна Кузеска.
Сега, дополни, врз основа на новите околности на политичката сцена, потребно е дијалогот да продолжи.
Оцени дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет се целосно заштитени.
Кузеска цени дека преговарачката рамка во себе ги содржи сите гаранции, преговорите се одвиваат и ќе продолжат да се одвиваат на официјален македонски јазик, без фусноти и додавки, јазик рамноправен со другите јазици на ЕУ.
„Дополнително, една голема европска држава набргу ќе донесе резолуција со која се потврдува дека се препознаваат и признаваат недвосмислено македонскиот јазик, идентитетот и македонската култура. Членството во ЕУ е стратешка цел на државата, врвен приоритет на генерации македонски граѓани и оттаму обврска на сите политички субјекти е да се реализира таа цел.
Потребно е национално единство да го заокружиме овој процес, да обезбедиме европска иднина за сегашните и идните генерации“, децидна е портпаролката на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Неколку општини во Скопје денеска без струја
Поради планирани прекини во електро дистрибутивната мрежа денеска, без електрична енергија ќе останат следните корисници:
– Од 08:00 до 15:00 часот, корисниците од дел од ул.Тодор Чангов. (опш.Аеродром);
– Oд 08:30 до 12:00 часот, дел од корисниците од село Злокуќани. (опш.Карпош);
– Од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од Волково на ул.81, 79, 87, 91 (опш.Ѓорче Петров);
– Од 09:00 до 13:00 часот, корисниците од улиците Архитекст Никола Добровиќ, Пушкинова. (опш.Аеродром);
– Од 09:00 до 13:00 часот, корисниците од улиците Даме Груев, Мито Хаџивасилев Јасмин (oпш. Центар);
– Од 12:00 до 13:00 часот, Пумпна станица Шуто Оризари. (опш. Шуто Оризари).
Скопје
Посебен режим на сообраќајот во Скопје
СВР Скопје ги известува граѓаните на Скопје дека денеска поради официјална посета на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците на поширокото централно подрачје на град Скопје.
СВР Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници.
Македонија
Сончево време со температура до 25 степени
Времето утрово е студено со појава на магла по одделни котлини и речни долини. Преку денот, ќе биде сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.
Во Скопје минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 23 степени, јавува УХМР.
Во наредните денови продолжува периодот на стабилно и претежно тивко време со студени утра и температури кои наместа ќе се спуштаат под нула степени. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла или ниска облачност. Дневната температура ќе биде без значителни промени.