Македонија
Меџити: Првпат утринското кафе го испив со професорот Јовев, кога министер носи одлука, таа не се преиспитува
Министерот за здравство, Фатмир Меџити, на денешниот отчет за сработеното во стоте дена откако е на функцијата, се пофали дека утрово првпат пиел кафе со професорот Сашко Јовев и дека одлуката за негово разрешување не ја менува. Не зборувале дали Јовев ја прифатил неговата понуда да му биде советник.
„Првпат денеска утринското кафе го испив со почитуваниот професор Јовев. Професорот ќе продолжи да работи како најдобар кадар од таа клиника заедно со другите во стручниот тим, со сите други колеги кардиохирурзи. Ќе се посвети повеќе на пациентите и на работата, а ќе ја има мојата потполна поддршка како доктор што ги извршува секојдневните дејности на Клиниката“, рече министерот Меџити.
На прашањето дали ќе има нов директор, министерот одговори „ќе видиме“ и најави дека ќе се труди програмата за трансплантации да добие поголем буџет.
Не зборувале дали Јовев ја прифатил неговата понуда да му биде советник.
„Не зборувавме за тоа, испивме само кафе. Почитуваниот професор е мој добар другар и мој колега и ние и по ова, ќе продолжиме да работиме во Клиничкиот центар заедно за доброто на пациентите. И како министер сега и како лекар утре и претходно како лекар, ќе соработуваме за таа цел“, рече министерот Меџити.
На секое прашање за смената на Јовев министерот Меџити кажуваше дека ова веќе е апсолвирана тема и дава куси одговори, кои се повторуваа. Таков одговор даде и на прашањето дали ќе ги послуша јавноста, пациентите, лекарските здруженија, како и самиот Јовев и неговиот адвокатски тим, кои го повикаа да ја преиспита одлуката за разрешувањето.
„Кога министерот носи одлука, таа не се преиспитува, тоа е асолвирано прашање, почит кон професорот“, рече министерот Меџити.
Адвокатскиот тим на кардиохирургот Јовев најави тужба по решението, со кое тој се разрешува за листи за исплата на дежурства од 2022 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

