Економија
Експертите препорачуваат: Само со научен пристап до одржливо лозарство отпорно на климатски промени
Климатските промени имаат сè поизразено влијание и затоа треба да преземат мерки за управување во процесот на производство на грозје и вино со цел да се добие подобар краен производ. Справувањето со влијанијата на климатските промени и долгорочниот опстанок и развој на винската индустрија се возможни само преку континуирана примена на стандарди, научни истражувања, мерења и практики за одржливо лозарство. Ова е една од клучните препораки на експертите што учествуваа на стручната конференција организирана од винарската визба „Тиквеш“ во рамките на тригодишниот транснационален проект „Откривање на руралното наследство: автохтоно производство на ферментирани пијалаци за локална и еколошка одржливост“.
Покрај стручната конференција, „Тиквеш“ организира и теренска посета за претставниците на организациите што се дел од овој проект. Околу 30 гости од Норвешка, Словенија, Луксембург, Хрватска и Италија, како дел од активностите во рамки на проектот, ги посетија лозовите насади на „Тиквеш“ со цел да се запознаат со практиките за одржливост што ги применува винарницата и стекнатото знаење и искуство да го пренесат во своите земји.

„Ние во ,Тиквеш’ веќе некое време сме свесни дека за да ја зголемиме конкурентноста и препознатливоста на нашите вина во светот, неопходно е да ги менуваме досегашните практики во производството на грозје, да ја вклучиме науката и да ги земеме предвид климатските промени кои имаат сѐ поголемо влијание врз лозарството и врз целата винска индустрија. Истовремено, неопходно е интензивно да работиме на примената на ESG-стандардите кои се предуслов за натамошниот одржлив развој и паралелно да ја потврдиме нашата општествена одговорност, пренесувајќи ги нашите искуства и знаења на сите останати чинители од домашната винска индустрија“, истакна претседателот на Управниот одбор на ВВ „Тиквеш“, Светозар Јаневски, во своето воведно обраќање пред учесниците на конференцијата.
Нагласувајќи го значењето на научниот пристап во лозарството, како предуслов за производство на здраво и квалитетно грозје, професорот Алан Делоар од Институтот „Агро“ од Монпеље, Франција, порача дека во текот на целиот циклус на одгледување на грозјето, вклучително и при неговата берба, треба да се земат предвид факторите кои произлегуваат од влијанието на климатските промени, како што се: температурата на воздухот, изложеноста на лозовите насади на сончевото зрачење и секако соодветната количина на вода во почвата. „Овие фактори можат значително да влијаат на квалитетот на грозјето и неговата зрелост, а со тоа и на одредувањето на идеалните денови за берба на грозјето за што треба да се размислува на интегрален начин и тоа со краткорочни, среднорочни и долгорочни решенија“, вели професорот Делоар, кој има над тридецениско искуство во областа на лозарството, а повеќе од една деценија бил одговорен за лозовите насади на познатиот светски производител на шампањ – Moët & Chandon.

Во својата презентација, познатиот светски експерт и истражувач од винскиот научен центар при универзитетот Нова Горица од Словенија, д-р Гијом Анталик го акцентираше влијанието на климатските промени врз еволуцијата на винските стилови. Неговите истражувања потврдуваат дека климатските промени влијаат на свежината и на зголемувањето на нивото на алкохол во вината, а од друга страна пак трендовите покажуваат дека потрошувачите сѐ повеќе преферираат посвежи вина со помал процент на алкохол. Затоа тој препорачува при производството особено да се внимава на практиките за наводнување на лозјата и на деновите на берба, зашто тоа значително може да влијае на квалитетот на одредени почувствителни сорти грозје.
Консултантот Џовани Бигот, кој во стручните кругови е познат по својот пристап што се нарекува Precision viticulture (н.з. прецизно лозарство), ги истакна напорите и значењето на вложувањата на
„Тиквеш“ во дигитализацијата на мониторингот на агро-метеоролошките параметри за следење на болестите кај лозјата и мерењата на присуството и количината на вода кај лозовите насади, со цел навремена интервенција за заштита на лозовите насади.
За самиот проект, но и научниот пристап на „Тиквеш“ во производството на квалитетно грозје и вино говореше познатиот словенечки експерт д-р Клемен Лисјак кој веќе неколку години соработува со винарницата во развојот на нејзините истражувачки капацитети и трансферот на ново знаење и практики.
Во рамки на конференцијата беа претставени и предизвиците со кои се соочуваат производителите на грозје во различни вински региони во Хрватска, уникатноста на вината од регионот Зелен во Словенија, како и искуствата при воспоставувањето на центар за истражување и развој на производство на сајдер во Норвешка.
Проектот „Откривање на руралното наследство: автохтоно производство на ферментирани пијалаци за локална и еколошка одржливост“ е финансиран од Исланд, Лихтенштајн и Норвешка, преку ЕЕА и Норвешкиот фонд за грантови за регионална соработка (EEA and Norway Grants Fund for Regional Cooperation). Целта на проектот е да го поттикне развојот на руралните области преку подобрување на заедничкиот истражувачки капацитет и размена на знаење применето во производство на „тероар“ вино и сајдер во избрани области на Словенија, Хрватска, Македонија и Норвешка.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ поскап бензин
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,03% во однос на одлуката од 5.1.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 0,332%, кај дизелот има намалување за 0,317%, кај екстра лесното масло зголемувањето е за 0,391% и кај мазутот има намалување за 4,067%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,7158%.
Од 13.1.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 70,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 72,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 64,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 64,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,133 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,668 ден/кг и сега ќе изнесува 32,133 ден/кг.
Фото: Depositphotos
Економија
ТАВ Аеродроми: 2025 година се заокружи со 3,5 милиони патници што е 9 отсто зголемување
Во 2025 година, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид опслужија 3,5 милиони патници и 26.500 летови.
Двата македонски аеродроми, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид минатата година опслужија 3,5 (3.475.288) патници што е зголемување од 9% во однос на 2024 година.
Во 2025 година двата аеродроми опслужија 26.500 летови, што е за 4% повеќе во однос на истиот временски период, од јануари до декември, 2024 година.
„Успехот што го постигнавме во 2025 година не е случаен. Тој е резултат на јасна стратешка насока, фокусирани инвестиции и силни партнерства. Зголемувањето од 9% на бројот на патници и 4% пораст на летовите на двата македонски аеродроми е директна потврда дека вложувањата во модернизација на инфраструктурата, унапредување на оперативната ефикасност и проширување на мрежата на авиолинии даваат конкретни и мерливи резултати. Дополнително, новите дестинации, континуираната соработка со авиокомпаниите, зголемената побарувачка за патувања и посветеноста на нашите вработени овозможија стабилен и одржлив раст. Овие резултати ја зацврстуваат позицијата на македонските аеродроми како сигурни и конкурентни регионални воздухопловни центри и ни даваат силна основа за уште поамбициозен развој во наредниот период,“ вели Неџат Курт, Генерален директор на ТАВ Македонија.
Само во декември 2025, статистиката на ТАВ Македонија покажува двоцифрено зголемување на процентите на опслужени патници на двата аеродроми од дури 25% во споредба со декември 2024, една година претходно, или преточено во бројки, 294.781 патници.
Во последниот месец од минатата година пак, реализирани се 2,019 летови што е за 7% повеќе од декември во 2024 година.
Стабилен пораст покажува и дневниот пресек на патници во 2025. Скопскиот аеродром дневно во просек опслужуваше 8.786 патници што е за 9% повеќе од 2024 година, а преку
охридскиот, дневно патувале 767 патници што е за 16,3% повеќе споредено со минатата година.
Одделните анализи за двата аеродроми за периодот од јанури до декември покажуваат дека преку Меѓународниот Аеродром Скопје патувале 3.211.419 што е за 8,7% повеќе споредено со истиот период во 2024 година, а додека Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид бележи двоцифрен пораст од високи 20% со услужени 263.869 патници.
Истанбул, во сите 12 месеци од 2025 беше најфреквентна дестинација од Меѓународниот Аеродром Скопје до двата аеродрома ИГА и Сабиха Гокчен со 16,6% пазарен удел. Потоа следуваат Базел Милуз (6,2%), Франкфурт (5,7%), Цирих (4,5%) и Минхен – Меминген (4,2%).
Топ – пет земји до кои има најмногу директни летови се Германија (25,4% пазарен удел во вкупниот патнички сообраќај), Турција (23,6%), Швајцарија (10,8%), Италија (5,5%) и Шведска (4,3%).
Од Меѓународниот Аеродром Скопје во моментов летаат вкупно 15 авиокомпании кон 49 дестинации, додека од Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид три авиокомпании летаат до 7 дестинации.
Според најавите на авиокомпаниите, од март годинава, мрежата на авиолинии од двата македонски аеродрома ќе се зголеми, со отворањето на нови авиолинии и нови дестинации. Виз ер ќе почне да лета од Скопје до Неапол и ќе ја врати авиолинијата од македонскиот главен град до Будимпешта, додека од Охрид ќе почне да лета до Милано. Во мај, Аустриан ерлајнс ќе почне да лета од Охрид до Виена, а во јуни охридскиот аеродром ќе ги врати полските туристи во Охрид со отворањето на новата авиолинија од Вроцлав и враќањето на летовите од Катовице.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash

