Македонија
Арафат Муареми прогласен за невин, претресот на Русковска бил залуден и не донел докази, тврди Обвинителството
Постапувајќи по двете кривични пријави против поранешниот директор на Управата за финансиска полиција и вработени службеници во Управата за финансиска полиција, јавниот обвинител врз основа на прибраните вербални и материјални докази утврдил дека во однос на двете кривични пријави не постои основано сомнение дека пријавените ги сториле кривичните дела или друго кривично дело кое се гони по службена должност.
Имено, во анонимната кривична пријава поднесена од група граѓани на ден 3.5.2022 година до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се изнесени наводи дека УФП не постапувала по анонимните пријави и оформените предмети биле затворани без да биде известено надлежното обвинителство. Врз основа на наводите во кривичната пријава, на 18.7.2022 година согласно чл. 287 став 1, 2 и 3 од Законот за кривична постапка, до УФП е доставено барање со рок од 10 дена за доставување на податоци за бројот на примени анонимни кривични пријави од 2018 година до денот на доставување на одговорот и нивното евидентирање во уписниците на УФП, причините за нивно евентуално неевидентирање, како и фазата во која се наоѓаат овие пријави и дејствијата што УФП ги преземало по однос на нив.
Истиот ден врз основа на наредба за претрес издадена од Основниот кривичен суд Скопје, на барање на обвинителството е извршен претрес на просториите на УФП, како и претрес на лице – поранешниот директор на УФП. Истражители од Истражниот центар во ОЈО ГОКК и полициски службеници извршија увид во документацијата на УФП, односно во уписниците за наведениот период при што е утврден бројот на анонимните кривични пријави. По насока на јавниот обвинител е побарано овие предмети да се достават на увид, како би се утврдил начинот на евиденција и постапување. Со потврда за привремено одземање на денот на претресот се обезбедени 35 предмети, воедно од поранешниот директор се одземени подвижни предмети – едно УСБ и еден персонален компјутер. Подоцна, со допис од 9.9.2022 година од УФП дополнително се доставени 380 предмети.
Предметот на 21.9.2022 година е презаведен во уписникот РОПС, односно со сите дотогаш прибрани списи е отстапен на надлежност на Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција. Наредниот ден, предметниот јавен обвинител до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика издаде наредба за вештачење на одземените електронски уреди.
Истражители од Истражниот центар на ОЈОГОКК извршија увид во документацијата на сите 415 предмети и констатираа дека дел од предметите, иако се по пријави од 2018, 2019 и 2020 година, сѐ уште се водат како предмети во работа, а поголем дел од предметите се препратени на надлежно постапување во други инспекторати, МВР и други институции. Во предметите што биле затворени е содржана службена белешка од која може да се утврди на кој начин предметот е затворен или препратен во друга институција.
Од сето погоре наведено, предметниот обвинител утврди наводите во пријавата дека УФП не преземала соодветни дејствија по предметите и не ги известувала надлежните јавни обвинителства и другите засегнати институции не соодветствуваат со фактичката состојба.
Во однос на наводите во анонимната кривична пријава и фактот дека наредбата за претрес на лице е барана поради постоење на основи на сомневање дека поранешниот директор сторил кривично дело Примање награда за противзаконито влијание, предмет на анализа на обвинителството беа токму овие наводи во корелација со прибавените докази во текот на предистражната постапка.
Од доставеното вештачење и анализа на содржината на одземената компјутерска опрема е утврдено дека документите и компјутерските податоци немаат поврзаност со конкретниот предмет. Така, од собраните докази и деталното разгледување на сите анонимни пријави, не произлезе основано сомневање дека пријавениот со искористување на своето реално или претпоставено влијание, службена или општествена положба и углед, барал, интервенирал, поттикнувал или на друг начин влијаел да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши или да не се изврши службено дејствие што би морало да се изврши, а за посредувањето да примил награда или друга корист.
Со оглед дека од увидот во самите предмети обвинителството не може да утврди основи на сомнение дека обработувачите на предметите при преземање или непреземање на службени дејствија сториле кривично дело што се гони по службена должност, до УФП достави известување со кое ја задолжи УФП да изврши анализа на констатираните состојби во службената белешка и извештајот со цел дополнително да истражи. Доколку се констатира дека некој од инспекторите или поранешниот директор сториле кривично дело што се гони по службена должност, да го извести Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција при ОЈО ГОКК.
Воедно, предметниот обвинител донесе решение и за кривичната пријава поднесена од физичко лице против поранешниот директор на УФП и инспектор во УФП, за сторени кривични дела Злоупотреба на службена положба и овластување, Малтретирање во вршење на службата, Насилство и Примање поткуп. Во врска со наводите во пријавата, јавниот обвинител во текот на предистражната постапка достави барање до повеќе органи и институции и ги сослуша оштетениот, пријавените и шеснаесет сведоци.
Со цел да утврди дали пријавените со своите дејствија оствариле битие на кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување, јавниот обвинител од ОЈОГОКК презеде низа дејствија, меѓу кои достави барања за доставување податоци до Општина Дебар, барање за увид во предметот оформен во Управен суд и барање до УФП за добивање на предмет оформен по анонимна пријава која се однесува на легализација на бесправно изграден објект на лицето што ја поднело кривичната пријава до ОЈОГОКК.
Од прибраните писмени докази и вербални искази, јавниот обвинител утврди дека не постои основано сомнение што упатува дека пријавените ја искористиле својата моќ како вработени во УФП и откако оштетениот не им дал пари, започнале да водат постапки за поништување на легализацијата на неговиот објект. Прибраните докази упатуваат на тоа дека пријавените постапувале во рамки на нивните законски овластувања по поднесена анонимна пријава до УФП и имале за цел да утврдат дали е сторено кривично дело што се гони по службена должност, а чие откривање и документирање е во надлежност на УФП. Управната постапка за поништување на решението за легализација за која станува збор во пријавата е во надлежност на Управниот суд и истата сѐ уште не е завршена.
Во однос на наводите дека пријавените сториле кривично дело Примање поткуп, пријавениот инспектор во својата одбрана ги негираше тврдењата опишани во кривичната пријава и истите се потврдени со анализа на телефонската комуникација и движење по базни станици на телефонските броеви на пријавениот и пријавителот. Притоа е утврдено дека за период од една година, двата телефонски броја не се регистрирани на исти или приближно исти базни станици што упатува на заклучокот дека исказот на пријавителот не може да се потврди.
Исказите на сведоците, вработени во Општина Дебар не ги потврдија наводите на оштетениот дека пријавените ги извршиле кривичните дела Малтретирање во вршење на служба и Насилство за кои тој тврди дека биле преземани кон него и кон вработените во Општина Дебар. Притоа, пријавениот поранешен директор на УФП не е споменат од ниту еден сведок, а оштетениот со ниту еден доказ не ги поткрепи тврдењата дека лица од Косово и Албанија му се јавувале во врска со овој предмет, ниту пак поврзаноста на наводните јавувања со пријавените.
Врз основа на анализа на сите расположливи докази, предметниот јавен обвинител донесе решение со кое ја отфрли кривичната пријава бидејќи не постои основано сомнение дека пријавените ги сториле кривичните дела за кои се пријавени или друго кривично дело што се гони по службена должност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
18-годишникот кој усмрти жена во Капиштец избега од државата, МВР распиша потерница
Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница по 18-годишникот кој прегази жена во Скопје и избега од местото на настанот. Според најновите информации, тој избегал и од државата.
„Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница по Саитов Саит (18) од Скопје од татко Берти и мајка Ганимете од Скопје. Лицето е барано по централна и меѓународна потерница по барање на ОЈО Скопје за кривично дело по член 300 од Кривичниот законик“, соопшти МВР.
Според истрагата, на 9 јануари, Саитов со „фолксваген пасат“ се движел по улицата „Народен фронт“ без да поседува важечка возачка дозвола. Тој се движел со неприспособена брзина и извршил непрописно поместување во левата коловозна лента, по што со возилото удрил во пешакот 79-годишната Љуба Јаковлеска. По несреќата, тој избегал.
фото/МВР
Македонија
Ѓорѓиева: Со измените на Кривичниот закон се враќа правдата во државата
Весна Ѓорѓиева, пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, се обрати денес на 80-та седница во Собранието на која се расправаше и Предлог на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, при што истакна дека измените се однесуваат на суштинското прашање, а тоа е да ја вратат правдата и функционалноста на системот преку појасни одредби. Според неа, без функционален и праведен систем не може да постои ниту стабилна држава, ниту сигурност за граѓаните.
,,Нашите граѓани ќе ја гледаат сигурноста кога ќе биде сигурен правниот систем во државата“, рече Ѓорѓиева.
Таа се осврна на членот 353 од предлог законот, со кој како што посочи, се враќа суштината на кривичното дело злоупотреба на службена положба.
,,Се враќа суштината на злоупотреба на службена положба, пречекорување на овластувањата или неизвршување на службена положба. Со овој закон се распушта претходниот закон во 2023 година кој беше донесен од СДС и ДУИ, каде што беше разводенет, односно каде што казните беа намалени, дејствијата беа потешко докажливи, а роковите за застареност беа скратени“, истакна Ѓорѓиева.
Според неа, законот не е наосочен против оние кои работат чесно, туку против корупцијата и злоупотребата на службената положба.
,,Држава без кривичен закон е како држава без рбтет. А држава без рбет секој може да ја скрши. Почитувани граѓани, овој закон е порака до секој што мисли дека државата е приватен бизнис, овој закон е порака дека времето на неказнивост завршува и да, можеби на некому тоа не му одговора, но на народот тоа му одговара, и тоа го бара од нас“, вели Ѓорѓиева.
Македонија
Ангелова: Измените на Кривичниот законик се клучни за посилна заштита на жените од насилство и зголемување на сообраќајната безбедност
На денешната собраниска седница се обрати пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Емилија Ангелова која истакна дека измените во Кривичниот законик претставуваат суштински чекор за враќање на довербата на граѓаните за правна држава каде криминалот и корупцијата нема да бидат толерирани, туку ќе бидат соодветно санкционирани.
„Овој предлог-закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик претставува неопходен и одговорен чекор кон враќање на правната сигурност, владеењето на правото и довербата на граѓаните во институциите. Со него државата јасно ја испраќа пораката дека корупцијата, злоупотребата на службената положба, организираниот криминал и насилството нема да бидат толерирани, ниту релативизирани преку законски празнини и непропорционално благи санкции“, рече Ангелова.
Пратеничката посочи дека ќе се постигне подобра заштита на приватноста на граѓаните, безбедност во сообраќајот, посилна заштита на жените од семејно насилство како и јасна правна рамка за гонење на злоупотреби во јавните набавки.
„Со предложеното решение ќе се постигне враќање на превентивната и репресивната функција на казненото право особено кај делата злоупотреба на службена положба, организиран криминал и корупција. Јасна и ефикасна правна рамка за гонење на злоупотреби во јавните набавки, подобра заштита на приватноста и достоинството на граѓаните, посилна заштита на жената од насилство,семејно насилство со гонење по службена должност во согласност со Истанбулската конвенција, подигнување на безбедноста во сообраќајот преку поостри санкции. Се зголемува и јавната безбедност на патиштата“, вели Ангелова.
Пратеничката Ангеловска се осврна на клучните поенти за жените истакнувајќи дека со овој предлог-закон жената е заштитена од дигитално насилство, од семејно насилство, а со тоа постигнување на реална заштита и сигурност на жената во државата.
„Посилна институционална заштита од насилство врз жените и семејно насилство со гонење по службена должност државата ја трга одговорноста од жртвата и јасно застанува на страната на жената. Заштита на приватноста и телесниот интегритет на жените, инкриминирање на злоупотребата на интимни снимки директно ги штити жените од уцени дигитално насилство и јавно понижување. Европски стандарди, европска заштита за жените законот директно ги имплементира европските и меѓународните обврски и ја позиционира како партнер во борбата за еднакви можности и човекови права“, рече Ангелова.

