Македонија
Муареми ја тужи Русковска: Во емисии лажеше и ме клеветеше, ќе докажам
Ексдиректорот на Финансиската полиција, Арафат Муареми, поднел тужба против обвинителката Вилма Русковска која го гонеше, а вчера предметот беше затворен од нејзин колега. Тој посочува дека во Граѓанскиот суд ќе се докажува дека Русковска го клеветела.
„До Основниот граѓански суд имам поднесено тужба против Вилма Русковска, затоа што истата, во неколку наврати во своите јавни излагања во емисиски гостувања, иако свесна за невистинитоста на истите, продолжува да изнесува лажни и невистинити податоци, да лаже и да клевети. Од моја страна, злоупотребите на Вилма Русковска ќе бидат докажани и обелоденети до крај“, посочува Муареми.
Тој вчера за „Макфакс“ посочи дека затворањето на предметот за него е правдата која ја очекувал.
„Законитоста во моето работење на крајот се докажа. Поинаков епилог, освен отфрлање на тие кривични пријави не очекував, ниту пак можеше да има. Извршениот претрес во Управата за финансиска полиција и целиот тој предмет против мене беше покренат без ниту еден основ и само со една единствена цел- моја дискредитација и рушење на мојот углед, што во тој момент им одеше во прилог само на одредени криминални структури за кои што тековно се водеа постапки во Управата“, вели Муареми за „Макфакс“.
Претходно, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ја отфрли кривичната пријава против Муареми. Оттаму тврдат дека ги разгледале доказите и утврдиле дека не сторил кривично дело.
„Од прибраните писмени докази и вербални искази, јавниот обвинител утврди дека не постои основано сомнение што упатува дека пријавените ја искористиле својата моќ како вработени во УФП и откако оштетениот не им дал пари, започнале да водат постапки за поништување на легализацијата на неговиот објект. Прибраните докази упатуваат на тоа дека пријавените постапувале во рамки на нивните законски овластувања по поднесена анонимна пријава до УФП и имале за цел да утврдат дали е сторено кривично дело што се гони по службена должност, а чие откривање и документирање е во надлежност на УФП. Управната постапка за поништување на решението за легализација за која станува збор во пријавата е во надлежност на Управниот суд и истата сѐ уште не е завршена“, кажаа од Обвинителството.
Муареми се повлече од функцијата, а Владата го разреши кога против него беше отворен предмет. Русковска пак, доби дисциплинска постапка поради сомневање дека сторила незаконитости при претресот. Освен против неа, постапки беа поведени и против две други обвинителки – заменичката и обвинителката која постапувала во предметот и го потпишала барањето за претрес. Дисциплинската комисија бараше Русковска да биде раазрешена, а казна доби уште една обвинителка, додека за потписникот беше посочено дека нема вина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Советот на Општина Центар не ја изгласа одлуката за техничка исправка на ДУП за дел од локалитетот Буњаковец 1
Советот на Општина Центар на денешната седница не ја изгласа одлуката за техничка исправка на Деталниот урбанистички план за дел од локалитет Буњаковец 1, конкретно за ГП 13.1 и ГП 13.11, со локација кај поранешната печатница „Нова Македонија“.
Сите 23 советници гласаа против донесувањето на предлог-одлуката.
,,Ние, како администрација, имаме обврска точката да ја ставиме на дневен ред и воедно да ги посочиме сите импликации. Советниците се тие што гласаат и ја носат одговорноста. Нема потреба од прозивки, медиумски пи-ар и театар. Овде станува збор за буџетот на граѓаните, а не за партиски интереси. Советот мора да носи одлуки во интерес на граѓаните, а не за дневнополитички калкулации“, рече градоначалникот на Општина Центар. Горан Герасимовски
Претходно, Комисијата за урбанизам на Општина Центар даде позитивно мислење за предлог-одлуката.
Од оптината појаснуваат дека согласно законот за техничка грешка, исправката во донесен урбанистички план не подразбира никакви измени во планирањето или параметрите на планот туку станува збор исклучиво за корекција на грешка во техничкиот дел на исцртување на планот. Во конкретниот случај, како што додаваат, градежната парцела во мал дел не била целосно затворена, односно оформена.
Македонија
Мицевски се сретна со францускиот амбасадор: Фокус на борбата против корупцијата и реформите
Денес во Собранието, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, оствари средба со амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер и првиот советник Филип Маршето.
Во фокусот на средбата беа заложбите на владејачкото мнозинство за бескомпромисна борба против корупцијата и остварување на видлив економски развој за граѓаните и земјата. Дополнително, координаторот Мицевски ја истакна подготвеноста на Собранието и понатаму да биде силен двигател на реформските процеси кои не’ приближуваат до европските стандарди.
Во разговорот се нагласи дека заедно со нашите европските пријатели чекориме кон градење на просперитетна и сигурна европска иднина за сите.
Македонија
„Авиончето на браќата Рајт“ отвори расправа: СДСМ ја прашува Сиљановска зошто со колегите од Европа не разговара за платите
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија реагира на изјавите на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во врска со потребата од нов, поголем владин авион.
Од СДСМ велат дека претседателката најчесто летала со владиниот авион -13 пати, а притоа не соопштила колку тие летови ги чинат граѓаните.
„Сите тие сакаат да се луксузираат на грбот на народот, ништо не им е доволно големо, ништо не им е доволно. Само за платите на работниците кога ќе стане збор, тие се доволни, никако да ги покачат. 600 евра минимална плата за нив е премногу, авионите им се мали“, велат од партијата.
СДСМ тврди дека лет со владиниот авион може да чини и до 40 илјади евра, и дека комерцијален лет во економска класа е значително поевтин.
„Кој претседател досега воопшто ја отворал темата за големината на авионот? Ги праша ли Гордана Сиљановска нејзините колеги претседатели што мислат за тоа што македонските работници имаат најниски плати и во Европа? Што мислат за тоа што минималната плата во Македонија е најмала во регионот? Или што животниот стандард на македонските граѓани е најнизок? За тоа не и се зборува за Сиљановска, само за луксузи и авиони“, велат од СДСМ.
Претходно денес, претседателската Гордана Сиљановска-Давкова рече дека владиниот авион е стар 25 години, купен на старо, и дека според неа треба да се размислува за набавка на нов, но поголем авион.
Говорејќи по свеченоста во Институт за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“, таа во деминутив го нарече „владиното авионче“, посочувајќи дека нејзини колеги претседатели од регионот го нарекувале „авиончето на браќата Рајт“, бидејќи е најмало и најстаро.
Сиљановска-Давкова изјави дека користењето на владиниот авион понекогаш овозможува пофункционално извршување на државните обврски и дека може да биде и поевтино од комерцијалните летови. Сепак, додаде дека не е пријатно што авионот е стар 25 години и купен на старо.

