Култура
Ден на независната театарска сцена на 57. „Воjдан Чернодрински“
Три претстави од независната сцена, една дипломска претстава и промоција на книга ќе бидат на програмата на третиот фестивалски ден на „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Во 11часот ќе биде проморана книгата „Две интерактивни драми“ од Милорад Павиќ, во превод на Марио Стојаноски. За книгата ќе зборуваат драматургот Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, актерот Томислав Давидовски и преведувачот Марио Стојаноски.
Еден час подоцна ќе продолжат разговорите на тркалезната маса, денес со екипата на претставата „Мистерија Буфо“ на Театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп, која синоќа доби стоечки аплаузи од публиката. Во 17 часот ќе гостува „Под.готвено“ во режија на Дејан Спасовиќ, а продукција на „Ракатрак.“ во „Монарка гастробар“.
Во претставата играат Слаѓана Вујошевиќ, Биљана Драгичевиќ-Пројковска и Нина Елсезер. Претставата е работна според текстови на: Едвард Олби, Ѓоко Здравески и Елизабета Баковска. За сценографијата се погрижи Мартин Манев. Костимите се на Емилија Ивановска Атанасовска. Во 19 часот на сцената на Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе гостува Мировна акција со претставата „Заминувања“, колективно авторство во режија на Драгана Гунин. Четири актерки, два јазици, иста болка е можеби наједноставното објаснување на оваа претстава. Сместена во еден меѓупростор меѓу минатото и сегашноста, „распната“ меѓу личното и туѓото, претставата комуницира со публиката на неколку нивоа. Улогите ги толкуваат: Емилија Мицевска, Мелика Кастрати, Симона Димковска, Афродита Џафери. Во 20 часот ќе гостува „Театар за сите“ со претставата „Скопјани“ во режија на Милош Б. Андоновски во ресторанот „Македонска куќа“.
Станува збор за колективно авторство и драматизација на раскази од збирката „Улиците што ги нема“ на Оливера Ќорвезироска. Улогите ги играат: Ангела Стојановска, Филип Христовски, Нина Елзесер, Виктор Велевски, Јанка Лефкова, Христијан Поп-Симонов, Ангела Стојановска. Претставата е резултат на истражувачки и експериментален процес во кој актерската екипа, разработувајќи ги расказите на Оливера Ќорвезироска, споделува и лични приказни, доживувања и искуства од градот Скопје; ги преиспитува и ги бара одликите на денешните скопјани и духот на денешно Скопје. Еден час подоцна во театарот ќе биде изведена дипломска претстава на студентите од
Факултетот за драмски уметности од Скопје со претставата „Сакатиот од Инишман“ од Мартин Мекдона. Во претставата игра класата на проф. м-р Мими Таневска-Србиновска и асс. м-р Ангелчо Илиевски. На вториот фестивалски ден беше отворена првата тркалезна маса на која учествуваа актерите Васил Зафирчев, Исидор Јованоски, драматургот Сашо Димоски и композиторот Сашко Костов, кои се дел од тимот на претставата „Нема струја за електричниот стол“.
Плодна дискусија и интересни прашања произлегоа од присутните, од членовите на жирито на фестивалот, од режисери, новинари, критичари. Модератор на дискусијата беше Јована Ѓорѓиовска од Гледај.мк. За учесниците на тркалезната маса оваа дуодрама е суров судир со стварноста. Исидор Јованоски, актер во претставата рече дека многу помага што се слушавме и се разбиравме.
-Тоа нѝ дава и да се радуваме на играта и влијае на креацијата во претставата. А тоа е најбитно, зашто ако не уживаш, ако не се радуваш и ако не креираш како актер, тогаш нема да се унапредиш себе си. За актерот Васил Зафирчев, дуодрамата е исклучително тежок жанр. -Дуодрамата е како да игра еден актер, особено во овој тип на драматургија која се занимава со лцето и наличјето на иста паричка. Пратично е еден ист човек, зашто станува збор за две спротивставени страни на секој од нас. Ние во животот многу лесно осудуваме осуденик или жртва, и многу лесно пресудуваме. Претставата буди интроперспективен процес и секој гледач се бара себе си. Театарот е за да отвори прашања, а не да нуди одговори, рече Зафирчев.
Композиторот и изведувач на музиката во живо во претставата Сашко Костов смета дека тоа го означува третиот актер во претставата. -Создавањето музика во живо е многу добра работа за претставата. Особено што и актерот, во секоја избедба има различен ритам на работа, па музиката го следи тоа. Тоа мене ме правеше буден во целата претстава, и навистина е големнапор, рече Костов.На разговорите на тркалезната маса стигнаа коментари со пофалби за изведените сегменти во претставата на сите чинители. Димоски се осврна на драмата на Александар Секулов, водечки автор во Бугарија, а избедбата во Велес беше трето поставување по премиерата во Бугарија и САД. Театарот од Прилеп ја одушеви публиката со изведбата на „Мистерија Буфо“ според Дарио Фо, во режија на Андреј Цветановски. Полно гледалиште во матичниот театар уште еднаш ја докажа поддршката што овој ансамбл ја има од својата публика. Претходно, во кафе барот „Лувр“, актерката Ангела Стојановска ја изведе својата претстава „Срам“ во продукција на „Тииит.Инк.“. Одлична дискусија се разви по изведбата на претставата. Во фоајето на Центарот за култура беше и официјално отворена изложбата на костимографот Благој Мицевски. Тој со изложбата одбележа и три децении од своето учество на фестивалот „Војдан Чернодрински“, каде има освоено дури 14 награди, од 15 претстави. Гостин на фестивалот на вториот ден беше и јапонскиот амбасадор во земјава, н. е Оцука Казуја, кој заедно со директорката на фестивалот, Ана Стојаноска ја погледнаа изложбата на стари фестивалски фотографии, се дружеше со скомрахите и живите статуи, а присуствуваше и на отворањето на изложбата на Благој Мицевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Новогодишен концерт на Зарина Првасевда, „Кадифено“, во Македонската филхармонија
На 20 декември со почеток во 19 и 30 часот во Македонската филхармонија концерт ќе одржи македонската вокална интерпретаторка и музичарка Зарина Првасевда.
На денешната прес-конференција беа споделени детали за концертот „Кадифено“, кој претставува уникатно музичко патување што ги спојува традицијата, современиот звук и светската музичка виртуозност.
Овој проект ја означува премиерата на новиот музички опус на Зарина Првасевда, каде интимниот и длабоко емотивен израз се испреплетуваат со македонската и ориенталната традиција, добивајќи современа звучна форма низ импровизација и модерен сензибилитет.
„Овој концерт за мене е многу личен процес и еден вид враќање кон корените, но и нивно преосмислување. Материјалот што ќе го изведам произлегува од македонската и ориенталната музичка традиција, но е создаван низ слобода, импровизација и современ звучен јазик. Сакав публиката да го почувствува овој концерт како интимен простор – како заедничко доживување во кое музиката не е само изведба, туку разговор, емоција и трансцедентност“, изјави Евгенија Здравевска, позната под својот уметнички псевдоним Зарина Првасевда.
Гостите од Турција, Џенк Еродоган, светски познатиот виртуоз на фретлес гитара и Греми награден уметник како и перкусионистот и мултиинструменталист Ахмет Алан, беа оправдано отсутни поради доцнење на нивниот лет за Скопје од повеќе од два часа, предизвикано од густата магла над Скопје, изјавија организаторите.
Џенк Ердоган е Греми награден композитор и еден од највлијателните фретлес-гитаристи во светот. Како дипломец со First Class Honours и предавач на Berklee College of Music, тој е врвно интернационално име. Добитник е на Yeşilçam награда за Најдобар саундтрак, настапувал со светски музичари како светски познатиот индиски перкусионист Трилок Гурту и американскиот џез фјужн тапанар Дејв Врекл како и турнеи низ Европа и САД.
Ахмет Алан е турски перкусионист кој свири традиционални инструменти како бендир. Гордо го комбинира богатството на турската фолклорна музика со современи ритми, давајќи му свеж, жив звук на традиционалниот перкутерски израз. Неговите настапи често се мешавина од енергија, игра и ритам — што ги прави привлечни и за публиката што ја обожава класичната етно-музика, и за оние кои бараат модерни звучни искуства. Со тоа, Алан е мост помеѓу минатото и сегашноста во светот на турската перкусиона музика.
„Кадифено“ е концерт кој ќе понуди искрена емоција, длабока музичка нарација и редок спој на домашна и меѓународна уметничка енергија – вистинско предновогодишно културно доживување.
Билетите за концертот се достапни на веб страната другастрана.мк.
фото/Кристијан Арсовски
Култура
Гоце Цветановски со специјална награда во Белград за придонес во филмската уметност и индустрија
Македонскиот режисер и сценарист Гоце Цветановски доби специјална награда за придонес во филмската уметност и индустрија на 19. издание на Српскиот фестивал за фантастични филмови, еден од најзначајните регионални фестивали посветени на жанровскиот и авторскиот филм.
Свеченото отворање на фестивалот се одржа во Културниот Центар во Белград, во присуство на бројни филмски автори, професионалци и љубители на фантастичниот филм. На настанот присуствуваше и директорот на македонскиот Културно-информативен центар во Белград, Васко Шутаров.
Наградата на Цветановски му беше врачена по проекцијата на оскаровецот „Поплава“, по што следеше панел-дискусија на тема иднината на анимираниот филм во регионот. На панелот, покрај Цветановски, учествуваа и истакнатите автори Растко и Ивана Чириќ, Никола Мајдак и Алекса Гајиќ, кои разговараа за предизвиците, новите технологии и можностите за регионална соработка во современата анимација.
При примањето на наградата, Цветановски се наврати на своите почетоци и емотивната врска со фестивалот:
„Мојата прва награда во кариерата ја добив токму на овој фестивал, за краткиот игран филм ‘Мал дисконтинуитет во време-просторот’ во 2014 година. Затоа ова признание за мене носи особена емоционална и професионална вредност.“
Наградата доаѓа како признание за долгогодишната авторска работа на Цветановски и неговиот придонес во современиот филм, со посебен акцент на фантастичниот и анимираниот жанр.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора меѓународна изложба на уметничка фотографија „Мотус 2025“
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.

