Македонија
По 2.000 евра глоба за локали во Охрид што угостиле малолетници по полноќ

Глоба ќе добијат два локала од Охрид, каде што синоќа при контрола полицијата затекла 15 малолетници на кои им било овозможено присуство по 24 часот.
МВР објави дека до 2 часот по полноќ, полицијата ги проверувала угостителските објекти во Охрид и наишла на прекршувања.
По целосно документирање на случаите, против правните субјекти ќе бидат поднесени пријави според член 21 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, каде што е предвидена глоба од 2.000 евра во денарска противвредност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Лековите за ретки болести не биле евидентирани во сметководствената евиденција, покажа ревизорскиот извештај за Хематологија

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за хематологија на сметката за средства од Фондот за 2023 година.
Во извештајот е изразено неповолно мислење во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и мислење со резерва за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива за 2023 година.
Извршена е ревизија на финансиските извештаи и за усогласеноста со законите и прописите за 2017 година и изразено е мислење со резерва во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива.
Со ревизијата беше опфатено и спроведувањето на препораките, дадени во Конечниот извештај на овластениот државен ревизор за 2017 година, пришто ревизорите утврдија дека од дадените пет препораки, три се спроведени, една е делумно спроведена и една препорака не е спроведена.
Утврдено е дека примените и потрошените лекови за ретки болести и лекови од донација не се евидентирани во сметководствената евиденција; во дел од спроведените постапки за јавни набавки констатирана е несоодветна примена на Законот за јавните набавки и нехронолошко плаќање на преземените обврски.
Во насока на надминување на утврдените состојби ревизијата даде препораки со цел преземање на мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите. Во делот на Останати прашања ревизијата известува за Националниот систем за материјално-финансиско и сметководствено работење и Централниот систем за регистрација на работното време при Министерството, кои не се воспоставени во целост. Во делот на Недостатоци во внатрешни контроли е известено за слабости во контролите во дел од работните процеси во Клиниката. Од страна на поранешните раководни лица на Клиниката доставена е една забелешка, која претставува образложение за причините за утврдените состојби во Нацрт извештајот на овластениот државен ревизор.
Македонија
Во Лондон денеска ќе биде потпишан договорот меѓу владите на Македонија и на Велика Британија

Договорот за стратешко партнерство меѓу владите на Македонија и на Велика Британија ќе биде потпишан денеска во Лондон.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски вчера кажа дека со договорот на Македонија на располагање и се ставаат 6 милијарди евра кои ќе бидат наменети за пректи во делот на транспортот, здравството, образованието, енергетиката, технологијата, како и во областа на животната средина.
Засега се разговарало за три сета на проекти, едниот е брзата пруга на коридор 10 од Табановце до Гевгелија, вториот е изградба и реконструкција на болници во Кичево, Тетово и Штип и третиот е изградба на медициски факултет заедно со студенски дом во Штип.
Договорот ќе оди на ратификација во Собранието, а во Велика Британија го усвојува Владата.
Македонија
(Видео) Филипче: Со новото задолжување од 6 милијарди евра јавниот долг ќе надмине 115% од БДП

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, упати сериозни предупредувања за нетранспарентноста на Договорот за новото задолжување од 6 милијарди евра, кое го спроведува владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој укажа дека со новото задолжување, „секое новороденче во следните 25 години непосредно после раѓањето ќе должи 6.000 евра“. Дополнително, според анализите на СДСМ, јавниот долг ќе надмине 115% од БДП – „што е полошо и од грчката криза од пред повеќе од една деценија“, потенцираше претседателот Филипче.
Филипче реагираше и на нејасните тврдењата на министерката за финансии.
„Очигледно е дека тие договори ќе бидат нетранспарентни и во четири очи. Министерката за финансии вели дека ќе се спроведува постапка согласно Законот за јавни набавки, но со странски фирми. Ние направивме проверка – нема да важи законот за јавни набавки“, истакна тој, посочувајќи дека „ВМРО-ДПМНЕ, партијата која седум години критикуваше за корупциски договори, сега самата создава простор за сериозни сомнежи.“
„Сите гледаме што се случува, очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ ја води државата во амбис“, порача Филипче.
Претседателот на СДСМ ја отвори и темата за можниот политички дел од договорот – миграцијата.
„Сериозни медиуми од Велика Британија известуваат дека земјите од Балканот, вклучувајќи ја и Македонија, ќе станат центри за прифаќање бегалци непожелни во Велика Британија. А премиерот – молчи, нема став“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.