Македонија
Петровска – Остин: САД и Северна Македонија склучија 10-годишен патоказ за соработка во одбраната
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, и секретарот за одбрана на САД, Лојд Остин, по средбата во Пентагон ги поставија темелите за развој на одбранбената соработка помеѓу сојузниците – Северна Македонија и САД за следните десет години.
Новиот патоказ, кој беше потпишан во Пентагон, ги дефинира областите во македонско-американската одбранбена соработка, кои ќе бидат приоритетни во следната деценија и преку кои ќе се развиваат одбраната и Армијата.
„Северна Македонија, денеска, е земја членка на НАТО и ние заедно со Соединетите Американски Држави стоиме рамо до рамо во справувањето со заедничките безбедносни предизвици. Минатата година САД ни дадоа огромна поддршка, која не беше само финансиска. Разменувавме знаење и искуство, вежбавме и се обучувавме заедно и ние се гордееме што заедно придонесуваме кон безбедноста на НАТО и регионот“, рече Петровска на состанокот.
Северна Македонија, порача американскиот секретар за одбрана, Остин, е долгогодишен и одличен пријател на САД со кого споделуваме исти интереси и вредности. Се гордеам што имаме долгорочно и силно билатерално партнерство, рече Остин и додаде дека патоказот за соработката во следните 10 години покажува дека можеме да работиме заедно на модернизацијата и заедно да се справиме со глобалните предизвици“.
Во однос на руската агресија врз Украина, Петровска порача дека Северна Македонија од самиот почеток ја осуди оваа непровоцирана и неоправдана инвазија и додаде дека нашата поддршка за Украина не е само политичка туку е и во донации на воена опрема.
Остин, пак, изрази благодарност за сето она што Северна Македонија го направи во поддршка на украинскиот народ, за зацврстувањето на источното крило на алијансата преку учеството во мултинационалните сили на НАТО во Латвија, Бугарија и во Романија, како и за безбедноста на регионот преку учеството во НАТО-мисијата на Косово, КФОР.
На средбата стана збор и за европските интеграции на земјите од Западен Балкан, при што министерката Петровска и секретарот за одбрана, Остин, заклучија дека потребни се брзи чекори напред и јасен сигнал дека процесот се движи кон главната цел – членство во Унијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина:
· од 06:00 – 10:00 часот, корисниците од ул. Пајак и ул. Наум Наумовски Борче. (Општина Центар)
· од 08:00 – 12:00 часот, дел од корисниците од ул.Пејо Јаворов (општина Кисела Вода)
· од 09:00-11:00 часот корисниците од улиците со бр. 406 и бр, 408 во с. Марино. (Општина Илинден)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улица со бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улиците Индира Ганди, Брсјачка Буна, Овчеполска, Пелагонија, Демирхисарска, Сландол, Хаџи Јован Шишков,Злетовска, Тиквешка и ул.Нов Живот. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно облачно, попладне и кон крајот на денот повремен дожд
Променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини врнежи од дожд и снег. Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 6, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, претежно облачно, попладне и кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува период на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер што ќе услови до недела релативно високи температури. Од недела попладне ќе започне да дува северен ветер и температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
Магла на неколку патни правци, слаб снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Слаби врнежи од снег на Попова Шапка без задржување на коловоз. Намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 100 метри, Стража до 80 метри и кај Крушево до 30 метри, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

