Македонија
Грковска: Во време на сериозни глобални предизвици важно е да останеме посветени на борбата против корупцијата
Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, се обрати на отворањето на конференцијата за економската и еколошката димензија на ОБСЕ – „Промовирање на безбедноста и стабилноста преку постигнување одржлив развој и отпорен и инклузивен економски раст“, која денеска се одржува во Струга.
Изразувајќи задоволство што борбата против корупцијата и промоцијата на доброто владеење се дел од агендата на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ во време кога сме соочени со сериозни регионални и глобални предизвици, вицепремиерката Грковска истакна:
„Корупцијата ја нагризува довербата, одзема од ресурсите наменети за општото добро и ја одржува нееднаквоста. Таа го кочи економскиот раст и го поткопува владеењето на правото и иновациите. Имајќи го тоа предвид, сеопфатниот пристап е единствениот што може да донесе позитивни резултати и тој мора да вклучува превентивни мерки и цврста законска рамка, која ефикасно се спроведува. Соработката меѓу владите, граѓанските организации и меѓународните институции е од суштинско значење за споделување на најдобрите практики, за поттикнување на заемната поддршка и за градење глобален сојуз против корупцијата“.
Осврнувајќи се на транспарентноста и отчетноста, кои се во сржта на доброто владеење, вицепремиерката истакна дека носителите на функции треба секогаш да дејствуваат во најдобар интерес на луѓето, но за да се осигурме дека овој принцип вистински се почитува, мора да продолжи јакнењето на надзорните институции, независните ревизии и да има отворени канали преку кои граѓаните отворено и без страв ќе зборуваат за овие проблеми.
„Кога лидерите понесуваат одговорност, се зајакнува довербата на јавноста во управувањето, а се намалува просторот за корупција. Во тој поглед неминовно е да се нагласи дека улогата на судството е клучна, особено кога станува збор за проблемот со неказнивоста, којшто што директно ги поткопува сите други напори на ова поле. Тогаш кога ќе се зголеми довербата во судството, силно верувам дека и резултатите во борбата против корупцијата значително ќе се подобрат.“
Грковска се осврна и на потребата да се приоретизира прашањето за корупцијата во доменот на животната средина, која ги загрозува екосистемите и го спречува еднаквиот и инклузивен развој и заклучи дека зајакнувањето на доброто владеење нè соочува со огромни предизвици, но и можности. „Мора да останеме посветени и да ги јакнеме најслабите алки во нашите заедници кои се порозни за коруптивни активности и да направиме сè што можеме за да изградиме општества засновани на доверба. Да ја прифатиме споделената одговорност и неуморно да работиме за создавање посветла и попросперитетна иднина за сите. Тоа се битки што вреди да се бијат“, заклучи вицепремиерката Грковска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Охрид најкритично во Далјан, се излеа и Кочанска река – извештај за состојбата по обилните дождови
Обилните врнежи на дожд предизвикаа зголемен водостој на реките и локални излевања во повеќе делови од државата, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), според состојбата до 18:00 часот.
Во Штипско–Кочанскиот регион е регистрирано локално излевање на Кочанска река кај селото Горни Подлог, каде што интервенира КЈП „Водовод“ Кочани со механизација. Оризарска река има излевање кај селото Грдовци, а на терен интервенира Водостопанство „Брегалница“, додека полицијата од Кочани го обезбедува подрачјето и го регулира сообраќајот. Зрновска река се излева пред вливот во Брегалница, а состојбата ја следи Регионалниот центар за управување со кризи. Злетовска река и Брегалница имаат зголемен водостој, но без излевање. На патниот правец Македонска Каменица – рудник Саса се интервенира поради одрон.
Во Охрид, најкритична е состојбата во населбата Далјан по излевање на реката Далја. ЈП „Водовод“, „Нискоградба“ и „Комуналец“ интервенираат со механизација, додека Територијалната противпожарна единица и Дирекцијата за заштита и спасување со пумпи вршат испумпување на водата од поплавените објекти. Регионалниот центар за управување со кризи Охрид ги координира пријавите преку бројот 112. Кај Коселска река, во правец на селата Ливоишта и Вапила, се преземаат мерки за заштита на патниот правец.
Во Кичево, поради претходните врнежи, дел од површините се заезерени, а состојбата со поплавените објекти на улицата „Прилепска“ е непроменета. ТППЕ, ДЗС и ЈП „Комуналец“ вршат испумпување и обезбедување на теренот, додека Општина Кичево и Црвениот крст се грижат за евакуираните лица.
Во Битолскиот регион, во Општина Битола се вршат теренски контроли од страна на РЦУК и општинските служби. ЈКП „Комуналец“ интервенира во населбата Стрчин, „Македонија пат“ расчистува на регионалниот пат Р-2333, а Водостопанство ја следи состојбата на реките Шемница и Црна. Во Ресен и Демир Хисар се врши испумпување и заштита на загрозените површини.
Во Куманово, Липково и Крива Паланка состојбата се следи од РЦУК, општините и Водостопанство, а „Македонија пат“ и комуналните претпријатија вршат превентивно расчистување и посолување на ризични патни делници.
Во Тетово се интервенира со механизација на патиштата кон селото Ѓермо и месноста Бањиче. Во Мала Речица полицијата и инспекциските служби постапуваат по уривање на потпорен ѕид, а во Желино се интервенира по излевање кај реките Стримница и Палатица. На Попова Шапка, по координација со РЦУК Тетово, патот се расчистува со механизација. Во Гостивар, ЈП „Комуналец“ и Водостопанство преземаат мерки по пријавени излевања.
Македонија
ЗНАМ: Одбивањето лидерска средба е признание за политичка слабост
Движење ЗНАМ за Наша Македонија ја поздрави иницијативата на претседателот на Владата за одржување лидерска средба, оценувајќи ја како одговорен и државнички чекор насочен кон стабилност, дијалог и политичка зрелост во, како што наведуваат, клучен момент за државата.
Од ЗНАМ реагираат дека денешната прес-конференција на претседателот на СДСМ, Филипче, покажала отсуство на капацитет и волја за конструктивен политички дијалог, при што, според нив, наместо аргументи се нудат поделби, навреди и неосновани обвинувања.
„Кога се нема аргументи и резултати, се посегнува по стари сценарија – плашење на јавноста, теории на заговор и етикетирање на политичките противници“, се наведува во реакцијата, додавајќи дека, наместо соочување со сопственото минато, СДСМ повторно бега од разговор и се крие зад техничката влада.
Од Движење ЗНАМ за Наша Македонија нагласуваат дека се залагаат за целосно и непречено функционирање на институциите, одговорно носење одлуки и изнаоѓање конкретни решенија во интерес на граѓаните и државата. Според нив, на Македонија ѝ е потребна политичка храброст и зрелост, а не блокади, уцени и калкулации.
Во соопштението се посочува дека иницијативата за лидерска средба претставува можност релевантните политички чинители да покажат одговорност кон државата и граѓаните, при што одбивањето на дијалог, како што наведуваат, е признание за слабост.
ЗНАМ порачува дека останува определено за транспарентност, почитување на демократските процеси и враќање на довербата во институциите, како предуслови за стабилна држава и јасен, одговорен пат на Македонија кон полноправно членство во Европската Унија.
Македонија
Променливо облачно утре, дожд и снег најавени за северозападните делови
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта, во северозападните делови од земјата ќе има повремени врнежи од дожд, додека на планините се очекува снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималните температури ќе се движат од -9 до -2 степени, а максималните од 3 до 9 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со сончеви периоди и слаб променлив ветер. Утринската температура ќе се спушти до -6 степени, а дневната ќе достигне околу 4 степени.
Во наредните денови следува нестабилен период. Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и повисоките места од снег, а во пониските предели од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, каде што се очекува и дополнително зголемување на снежната покривка.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер со брзина над 60 километри на час, а ќе има и повремени локални врнежи од снег. Температурите ќе бидат во опаѓање, при што на одредени места дневните температури ќе останат под нула степени.
Од вторник се најавува период на стабилно и суво време.

