Македонија
(Видео) Слобода наместо доживотен затвор за осудените за убиството кај Смилковското Езеро, очекуваат адвокатите од Врховен
Без исказот од заштитениот сведок, пресудата за „Монструм“ не може да опстане, тврди адвокатот Асмир Алиспаиќ, бранител во случајот за убиството на младите момчиња кај Смилковското Езеро. Тој бара Врховниот суд да изрече ослободителна пресуда за лицата што се осудени дека го извршиле крвавиот масакр за празникот Велигден. Укажуваше и на незаконски постапувања во текот на постапката, која се водеше во Кривичен, а потоа и во Апелација.
„Она што сакам да потенцирам, а тоа е во поглед на т.н. нови сведоци, кои продефилираа во првостепената постапка. Тие само дополнително докажаа дека овој предмет треба да добие една единствена ослободителна пресуда. Но, за жал, ни првостепениот суд немаше храброст и доблест да ја донесе таа одлука, а ниту второстепениот суд, ние очекуваме дека највисокиот суд нема да иде против заземениот став со пресудата, која е потенцирана од наша страна.
Втор момент во врска со незаконитоста на тие докази, отворете го извештајот, кој е направен по барање на СЈО изработен од МВР во поглед на постоење или непостоење писмени валидни наредби издадени од истражен судија. Тоа е потенцирано во тој извештај, а сето тоа како одлука го има и Врховниот суд со одлука во која е потврдено дека докази прибавени на незаконит начин не може да бидат употребени во кривична постапка. Очекуваме една и единствена одлука, а тоа е да се укинат одлуките и предметот повторно да се врати на одлучување пред пониските судови“, рече адвокатот Алиспаиќ.
Тој посочи дека ако заштитениот сведок и неговите искази ги нема во предметот, ќе немало ниту докази. Со ова адвокатот укажува дека пресудата се темели само на овој исказ.
„Ние како одбрана не очекуваме ништо надвор од она што како став го има заземено претходниот судечки совет, кој одлучивал по нашите жалби и донел одлука да се уважат тие наши жалби, тоа е на 31.10.2017 година. Токму и во јавнодостапната одлука на Врховниот суд јасно се укажува во делот на она што се вели теорија на случај на Јавното обвинителство. Од наша страна беше посочено дека таа теорија може да опстане со два споредни клучни доказа, тоа се исказите на заштитениот сведок и наводната изјава, која според нив е прибавена на законит начин на сега обвинетиот Хаки Азири. Ако ги немаме повеќе заштитениот сведок и исказите на зашитениот сведок, тогаш се поставува прашањето како може да опстане повторно една ваква пресуда, каде што ни првостепениот ни второстепениот суд не постапил по овие јасни напатсвија, на кои ги укажа Врховниот суд. Таа одлука, според мене, не е доволно експолатирана во јавноста и кај лицата што се заинтересирани овој предмет да добие релевантна правна завршница во поглед на постоење или непостоење на кривичното дело“, додава Алиспаиќ.
За убиството на момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута. Врховниот суд во 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири, Сами Љута и Фејзи Азири. Предметот беше вратен на повторно судење. Во 2018 година случајот го презеде поранешното СЈО. Во септември 2019 година предметите на СЈО ги презеде Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал. На повторно судење, во 2021 година, Кривичниот суд изрече три доживотни казни за бегалците Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, како и за Агим Исмаиловиќ. Обвинетиот Хаки Азири беше осуден за помагање за што доби единствена казна во траење од 9 години. Фејзи Аризи е осуден за помагање сторител по извршено кривично дело на 15 години затвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

