Топ
Притвор за лицето кое пукаше во соседите во Градско

Во текот на вчерашниот ден јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Велес поради постоење на основано сомнение дека 61 годишниот жител на с. Подлес, Градско е сторител на кривичните дела убиство, убиство во обид и неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи, донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против него.
Ценејќи дека постојат околности што укажуваат дека осомничениот може да побегне, дека ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоци и вештаци, како и дека може да го повтори делото, до судијата на претходна постапка при Основниот суд Велес достави предлог за определување на мерка притвор против осомничениот. Судијата го прифати предлогот на обвинителството и со Решение определи притвор во траење од 30 дена.
Настанот се случи на 12.6.2023 година во с.Подлес, Градско кога двајцата соседи на осомничениот со цел да се приклучат на мрежната водоводна инсталација со соодветен алат започнале да извршуваат ископ на земја на десетина метри од влезната врата на осомничениот. Осомничениот со кого оштетените имале претходно нарушени односи откако ги забележал, дошол со полуавтоматско кусо огнено оружје – пиштол што неовластено го поседувал и започнал да пука кон нив. Притоа едниот оштетен бил ранет во пределот на левата надколеница, додека вториот починал на местото на настанот од здобиените прострелни рани на левата страна од стомакот и левата нога.
Предметниот јавен обвинител по добиените сознанија за настанот изврши увид на местото на несреќата и издаде низа наредби потребни за расветлување на случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Фабриката „Винчини“ во пламен, ангажирани пожарникари од повеќе градови

Голем пожар ја зафати фабриката за слатки „Винчини“ во Виница, каде што огнените јазици уништија магацини и неколку производствени погони.
Инцидентот бил пријавен денеска околу 18:40 часот во Центарот за управување со кризи преку бројот Е-112. Огнот избувнал во магацинскиот простор и брзо се проширил во производствените хали со редни броеви 6, 7 и 8, каде што биле складирани суровини и дел од опремата.
На местото веднаш интервенирале екипите на Територијалната противпожарна единица од Виница со неколку возила и пожарникари, но поради обемот на пожарот била побарана помош од соседните општини.
„Во гаснењето се вклучени и противпожарните сили од Кочани со сите свои капацитети, а дополнителна поддршка е побарана од Македонска Каменица и Штип,“ соопштија од ЦУК.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, изјави дека станува збор за специфичен урбан пожар, што бара исклучиво интервенција на професионални пожарникари и координација на повеќе општини.
Скопје
Пет лица повредени, една жена во критична состојба во сообраќајка во Скопје

Пет лица се повредени во сериозна сообраќајна несреќа што се случи вчера околу 19:30 часот на улицата Христијан Тодоровски Карпош во Скопје, соопшти СВР Скопје.
Според полицијата, несреќата се случила помеѓу патничкото возило „голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од З.С. (41), и „поло“ управувано од А.Ш. (30). Најтешко повредена е сопатничката од „поло“ возилото, Х.С.Ш., додека возачот А.Ш. и другата сопатничка Ш.Ш. (57) се здобиле со телесни повреди.
Повреди добиле и возачот на „голф“ З.С. и неговиот сопатник Ѓ.Х. (42), кои се згрижени во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ и Комплекс клиники „Мајка Тереза“.
Полицијата презема мерки за целосно расчистување на случајот, а причините за сообраќајката се во тек на истрага.
Македонија
На Табановце чекање и до 40 минути, АМСМ апелира за трпение

Долги колони возила се создаваат на граничниот премин Табановце, каде што за излез и влез во државата се чека и до 40 минути, информира АМСМ.
Од таму додаваат дека зголемената фреквенција на возила е резултат на летните одмори, а интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е значително зголемен. На останатите гранични премини од македонска страна засега нема подолги задржувања.
Иако сообраќајот на државните патишта се одвива непречено и коловозите се суви, АМСМ апелира до возачите на зголемена претпазливост, особено на делниците низ котлини, речни долини и клисури каде што постои можност од одрони. Како критични делници се посочуваат: Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
„Возачите да ја прилагодат брзината, строго да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да управуваат внимателно, бидејќи условите на патиштата бараат дополнителна претпазливост“, порачуваат од АМСМ.