Македонија
Маричиќ-Бурк: По примерот на Ирска можеме низ дијалог да ја искористиме шансата за брзо членство во ЕУ
Денеска, на маргините на Преспа форум дијалог, делегацијата на заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ се сретна со делегацијата предводена од министерот за европски прашања на Република Ирска, Питер Бурк.
На средбата беше разговарано за пристапните преговори со ЕУ, реформите, процесот на уставни измени и регионалната соработка.
– Северна Македонија е искусен кандидат за членство во ЕУ. Оваа година е клучна и за регионот и за Европа и имаме зрел момент со јасен план и мудри одлуки да бидеме успешна европска приказна, по примерот на Ирска, која добро процени дека решавањето на отворените прашања носи придобивки кои ги нуди европскиот проект, рече на средбата Маричиќ.
Маричиќ и Бурк се согласија дека неопходно е забрзано пристапување во ЕУ на земјите од Западен Балкан и дека крајно време е сега да се остварат ветувањата од Самитот во Солун.
Ирскиот министер укажа дека Ирска е силен поддржувач на интеграцијата на Северна Македонија и Западен Балкан во ЕУ, бидејќи проширувањето придонесува за посилна и безбедна Европа, потенцирајќи дека членството во ЕУ треба да се заснова на критериуми кои се строги, но фер и дека билатералните спорови не треба да бидат дел од процесот на пристапување.
Вицепремиерот во таа насока посочи дека е важно да продолжи одличната и пријателска соработка меѓу двете земји и изрази уверување дека ваквите односи ќе придонесат за побрза интеграција на Северна Македонија во ЕУ.
На крајот на средбата ирскиот министер му врачи на вицепремиерот книгата „Пофалба за Улис: Одисеја на читателот“ од Ден Мулхол, која има своја симболика во надминувањето на предизвиците и постигнувањето на целта, како суштински портрет на Ирска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

