Економија
Бочварски – Рустеми: Делницата Подмоље Охрид ќе биде пуштена за сообраќај до 10 јули
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски при денешниот увид во изградба на автопатот Кичево – Охрид истакна дека очекува до 10 јули да завршат градежните активности во делот од Подмоље до Охрид и потоа да се започне со последната фаза за поставување на еластични огради и одобрување на времениот режим.
„Денеска со директорот на ЈП за државни патишта, Рустеми, сме присутни на терен за да извршиме дополнителен притисок за изградба на овој автопат“, истакна Бочварски.
Реакциите во однос на времениот режим на оваа делница се неприфатливи во време кога привршуваат градежните работи, додаде министерот, притоа побара поддршка од општината и граѓанските здруженија да не ја кочат реализацијата на овој автопат.
„Денеска сме на увид на дел од трасата од Подмоље до Охрид се со цел да овој автопат час поскоро биде пуштен во функција. Тоа ќе значи зголемување на туризмот, подобрување на состојбите во Охрид, поврзувањето и сметам дека ова е правиот начин како треба да работиме со зголемена механизација, со решени проблеми, со решена експропријација, со решени проектантски прашања. Денеска сите овие состојби се решени и она што е важно е дека до 10-ти ќе биде приспособена оваа трака и ќе се вози повторно по овој дел од автопатската делница и сметам дека за главниот дел од туристичката сезона ќе биде приспособена оваа траса и убеден сум дека тоа е од значење за граѓаните, за градот, за туризмот и сите треба да дадеме поддршка за еден ваков прогрес и работа на терен“, изјави Бочварски.
Јавното претпријатие за државни патишта ги надмина сите проблеми на трасата, се репроектираа 72 нови проекти, нови клучки, нови пристапни патишта и завршени се преку 3.500 експропријации и сега Изведувачот има чист терен за работа, потенцираше директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми.
„Сега кога е отворена цела траса правиме сериозни напори за поголема динамика за работа, за поголеми активности на трасата и очекуваме до 10 јули да завршиме со изградба на делницата од Подмоље до Охрид и да ги пуштиме во употреба за сообраќај двете ленти. Сега сме во постапка за набавка и на заштитна ограда која ќе се монтира веднаш по завршување на асфалтерските работи“, рече Рустеми.
Автопатската делница Кичево – Охрид е дел од Коридорот 8 во должина од 57 километри и инвестиција од 598 милиони евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Работилница на македонската и грчката регулаторна комисија за енергетика: во фокусот поврзувањето на пазарите за електрична енергија
Регулаторното искуство во поврзување на пазарите за електрична енергија беше фокусот на третата заедничка работилница помеѓу Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY).
“Откако се донесе Законот за енергетика, во РКЕ се формирани тимови од инженери, економисти и правници кои работат интензивно на подзаконската регулатива што ќе обезбеди усогласување на домашната легислативата со европската. Ова е само еден од предусловите за да започне практичната интеграција на домашниот пазар со регионалните пазари, а потоа и со Европскиот пазар за електрична енергија. Регулаторната работилница за нас е можност да размениме искуства и знаење, затоа што грчкиот регулатор веќе го има затворено овој процес.“ посочи Лирим Сулејмани, заменик претседател на РКЕ.
Од Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY) ги презентираа регулаторните чекори кои што ги презеле при спојување со европскиот енергетски пазар, нагласувајќи дека ова е интензивен процес што бара блиска и ефикасна соработка на засегнатите страни за да се постигне јасна и транспарентна транзиција.
РКЕ и РАЕ минатата година во февруари склучија Меморандум за соработка во областите: енергија, вода и отпад со цел размена на регулаторна експертиза.
Економија
Божиновска со концесионерите во Прилеп: Развојот на рударството продолжува со јасни правила, повисоки стандарди и поголема контрола
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Прилеп одржа заедничка работна средба со најголемите концесионери од регионот, посветена на актуелните состојби во рударскиот сектор, предизвиците со кои се соочуваат компаниите и можностите за понатамошен развој.
На состанокот присуствуваа претставници на повеќе компании кои имаат значајна улога во експлоатацијата и преработката на минерални суровини. Во отворена дискусија се разговараше за тековната динамика на работа, инвестициите во модернизација на производството, предизвиците поврзани со административните постапки, како и потребата од предвидлива и стабилна регулаторна рамка која ќе овозможи долгорочно планирање и нови вложувања.
Министерката Божиновска нагласи дека државата има јасен интерес рударството да се развива како силен економски сектор, но исклучиво со целосно почитување на законските обврски, еколошките стандарди и безбедносните правила.
„Партнерството со компаниите е важно, но уште поважно е довербата на граѓаните. Затоа развојот мора да оди паралелно со одговорност, транспарентност и засилен надзор“, истакна Божиновска.
Концесионерите ја поздравија иницијативата за почести директни средби со институциите, оценувајќи дека ваквиот пристап овозможува побрзо решавање на отворените прашања и подобра координација во секторот.
На средбата беше потенцирана и потребата од засилен инспекциски надзор на терен, при што беше нагласено дека отворањето на новата канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп ќе придонесе за поефикасна контрола, еднакви услови за работа и дополнително зајакнување на стандардите во индустријата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на континуиран дијалог со индустријата, со цел создавање стабилна деловна средина, одржлив економски раст и јасни придобивки за локалните заедници.
Економија
(Видео) Мицкоски: 17 нови проекти вредни 650 милиони евра ќе донесат до 5.000 работни места
Премиерот Мицкоски денеска изјави дека во моментов се во почетна фаза на реализација или во фаза на потпишување договори за државна помош се околу 17 проекти, со вкупна вредност од над 650 милиони евра. Очекува дека овие проекти ќе обезбедат помеѓу 4.500 и 5.000 нови директни работни места, а најголемиот дел од нив годинава ќе започнат со производство, што ќе ја зголеми и вредноста на бруто-домашниот производ.
„Во овој момент работиме на овие 17 проекти само преку ТИРЗ, а има и проекти кои што ги работиме а кои што се надвор од ТИРЗ, како што е инвестицијата на Алказар во Источна Македонија, која што е во фаза на одобрение за градба. Очекувам некаде на пролет и на терен да започне реализирањето на оваа инвестиција, која што е во вредност од половина милијарда долари“, кажа Мицкоски.
Тој посочи дека земјоделството доживува позитивен пресврт и станува сериозен економски столб. Во четвртиот квартал од минатата година извозот на земјоделски производи бил повеќе од двојно поголем од увозот, со износ од околу 12,5 милијарди денари, додека за целата година извозот достигнал над 450 милиони евра, во споредба со околу 200 милиони увоз.
Премиерот истакна дека Владата ќе продолжи да ги поддржува вистинските земјоделци и дека новата програма ќе ја насочи поддршката кон оние кои реално произведуваат и придонесуваат, додека ќе се спречи злоупотреба на субвенциите.

