Македонија
„Не бараме преку леб погача туку само она што ни следува“, протест на вработените во Царина
Предупредувачки протест одржаа денеска вработените на Царинската управа. Тие го бараат додатокот на плата од 30 проценти кој веќе го имаат во Колективниот договор, бидејќи исто како и вработените во УЈП, според Законот за буџети, вработените велат дека ова право им следува.
„Со Законот за буџетите и со автентичното толкување на членот 66 од овој Закон, Министерството за финансии и сите органи во министерството за финансии добија додаток на плата во висина од 30%. Иако, Царинската управа е орган во состав на Министерството за финансии и се понадевавме дека конечно и на вработените во Царината ќе им се исплати овој додаток, одговорот повторно беше негативен“ рекоа тие.
Вработените во Царинската управа, одлучија да го изразат револтот на мирен начин, за време на пауза и да не се нарушува работниот процес со цел граѓаните на Р. Македонија да можат да патуваат, а приватниот сектор и стопанството да имаат слободен увоз и извоз на стока.
„Со оглед на тоа што Царинската управа има нов директор, Синдикатот на УПОЗ очекува ова да биде негова прва работна задача и сме спремни да оствариме работна средба на која ќе договориме рокови за решавање на овој проблем. Нашето барање е праведно и правично, законски издржано и како што вика нашиот народ не бараме преку леб погача туку го бараме само она што ни следува“, велат вработените во Царинска управа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Карпош и Чучер Сандево денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од село Горно Нерези (општина Карпош), како и корисниците од селата Глуво и Мирковци. (општина Чучер Сандево )
Македонија
Претпладне магла, во текот на денот сончево и претежно тивко
Сончево со мала до умерена облачност. Во утринските часови наместа ќе има појава на магла. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 0, а максималната ќе достигне од 9 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на неделата времето ќе биде сончево и претежно тивко. Во утринските и ноќните часови на одредени места ќе има појава на магла. Максималната температура ќе биде над просекот за овој период од годината.
Македонија
Средба на Сиљановска-Давкова со претставници од групата на АЛДЕ
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска прими претставници на Алијансата на либерали и демократи за Европа (АЛДЕ) од Европскиот Парламент, учесници на меѓународната конференција „Quo vadis Europa 2025?”, што се одржа во Скопје.
Гостите ја потврдија јасната заложба на АЛДЕ за деблокирање на македонскиот евроинтегративен пат, како и брзо и целосно интегрирање на Западен Балкан во ЕУ, преку посегање по креативни решенија во овој исклучително тежок геополитички моментум.
Претседателката, низ призма на принципите и вредностите гарантирани со европските конститутивни акти, презентираше свои видувања и предлози за излез од блокадата.
Гостите изразија не само интерес, туку и подготвеност да помогнат во надминувањето на неодржливиот status quo во којшто се наоѓаме, преку иницирање можни решенија во рамките на Европскиот парламент.
Претседателката го поздрави конструктивниот пристап на АЛДЕ, во духот на европските демократски принципи и вредности.
На средбата присуствуваа Свења Хан, претседателка на АЛДЕ и германска европратеничка, Рик Дамс, потпретседател на АЛДЕ и поранешен претседател на Парламентарно Собрание на Совет на Европа, Весна Пусиќ, прва претседателка на Мрежата на либерали од Југоисточна Европа (ЛИБСЕН) и поранешна вицепремиерка и МНР на Хрватска, Моника Зајкова, претседателката на Либерално-демократската партија и Емил Кирјас, потпретседател на Либералната интернационала.

