Свет
Драма во Северна Кореја: Пропадна лансирањето на воен сателит, одговорните добија жестоки критики

На последниот состанок на владејачката партија, раководството на Северна Кореја го нарече минатомесечното неуспешно лансирање на воен сателит најголем неуспех, објави севернокорејската државна новинска агенција „КЦНА“.
Помеѓу петокот и неделата се одржа проширен пленарен состанок од кој беше испратена порака до работниците и истражувачите да го анализираат неуспешното лансирање и да се подготват за уште едно, во блиска иднина, објави Ројтерс.
Според „КЦНА“, одговорните за лансирање на сателитот биле „жестоко критикувани“.
„Севернокорејската ракета падна во морето откако го загуби притисокот поради ненормалното стартување на моторот од втората фаза“, објави Пјонгјанг по неуспешното лансирање, што британската агенција го смета за невообичаено искрено признание.
Северна Кореја вети дека ќе продолжи да ги развива своите нуклеарни капацитети и ќе ја зајакне солидарноста со другите земји кои се противат на, како што ја нарече, „американската стратегија за глобална надмоќ“.
На средбата се разговараше и за обезбедување на храна преку зголемување на земјоделското производство во земјата и исполнување на годишната цел за производство на жито.
На почетокот на годината, Министерството на Јужна Кореја соопшти дека им се чини дека состојбата со храната на Северна Кореја се влошила.
Северна Кореја е под строги меѓународни санкции поради нејзината нуклеарна програма и лансирање балистички ракети, а нејзината економија дополнително беше оптоварена со строгото затворање на границите, чија цел беше да се спречи епидемијата предизвикана од ширењето на коронавирусот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп ги укина царините за мобилните телефони и компјутерите од Кина

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги ослободи паметните телефони, компјутерите и другите електронски уреди од новиот пакет тарифи, вклучително и давачките од 145 отсто за кинескиот увоз.
Во известувањето објавено денеска од Царината и граничната заштита на САД се наведува дека ослободувањето ќе важи и за стоките што влегле во земјата или излегле од складиште по 5 април.
Администрацијата на Трамп вели дека електрониката нема да се оданочува ниту според глобалната тарифна стапка од 10 отсто, ниту според повисоката стапка што се однесува исклучиво на кинеските производи.
Одлуката е донесена по бројните предупредувања од американските технолошки компании дека новите царински правила би можеле драстично да ги зголемат цените на уредите, со оглед на тоа што повеќето од нив се произведени во Кина.
Бројни други електронски делови, вклучително и полупроводници, мемориски картички и соларни ќелии, исто така се изземени, во обид на администрацијата на Трамп да се заштити од негативното влијание врз домашната индустрија.
80 отсто од iPhone телефоните наменети за американскиот пазар се произведуваат во Кина, а останатите 20 отсто во Индија. Поради зголемената царинска несигурност, Apple и другите производители, како што е Samsung, со години се обидуваат да ги диверзифицираат производствените синџири со преместување на дел од нивниот капацитет во Индија и Виетнам.
Свет
Израел најави проширување на офанзивата на најголемиот дел од Појасот Газа

Израелската армија ќе ја прошири офанзивата на најголемиот дел од Појасот Газа, најави денеска израелскиот министер за одбрана Израел Кац.
„Наскоро операциите на израелските одбранбени сили ќе се интензивираат и ќе се прошират во други зони во поголемиот дел на Газа, а вие треба да ги евакуирате борбените зони“, рече Кац во пораката до палестинското население.
Кац денеска објави дека израелската армија ја завршила контролата врз „клучната оска Мораг“ меѓу градовите Рафах и Кан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа.
Свет
Во Оман започнаа посредничките преговори меѓу Иран и САД

Иран и САД, кои немаат дипломатски односи од 1980 година, денеска започнаа ретки „индиректни“ преговори во Оман, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи.
Разговорите меѓу министерот за надворешни работи на Иран Абас Рагши и претставникот на американскиот претседател Стив Виткоф „почнаа благодарение на посредништвото на министерот за надворешни работи на Оман Бадр ал-Бусаиди“, изјави Есмаил Багаи на социјалната мрежа Х.
Портпаролот рече дека преговорите ќе се одржат на местото што го планира оманскиот домаќин, дека претставниците на Иран и САД ќе седнат во салите и ќе си ги пренесат своите ставови преку министерот за надворешни работи на Оман.
Иранскиот министер за надворешни работи Арагши им рече на иранските новинари дека „ако има доволно волја од двете страни, ќе одлучиме за календарот, но се уште е рано да се зборува за тоа“.
„Сега е јасно дека преговорите се индиректни и според нас само за прашањето за иранската нуклеарна програма и ќе се водат со желба да се постигне договор кој е еднаков и води кон обезбедување на националните интереси на иранскиот народ“, рече Арагши.
Американскиот претседател Доналд Трамп и амбасадорот Виткоф овие преговори ги нарекоа „директни“.
Не се очекува веднаш да има генерален договор, но влогот е многу голем за двете земји кои се непријателски речиси половина век, пишува агенцијата АП.
Трамп постојано предупредуваше дека би можел да нареди бомбардирање на нуклеарни постројки во Иран доколку не се постигне договор, а иранските власти предупредија дека може да започне со изградба на нуклеарно оружје од залихите на ураниум.