Црна хроника
Од затвор давал инструкции за подигање брзи кредити преку компјутерска измама
Одделението за внатрешни работи Радовиш до Основното јавно обвинителство Радовиш поднесе кривична пријава против П.С.(31) од Струга, З.А.(51) од село Дедино, општина Конче и Ц.С.(47) од село Долно Оризари, битолско.
П.С. се сомничи дека сторил кривични дела „злоупотреба на личните податоци“, „измама при добивање кредит и друга погодност“, „компјутерска измама“ и „изработка и употреба на лажна платежна картичка“.
З.А. се сомничи дека сторил кривични дела „злоупотреба на лични податоци“ и „помагање“ во врска со кривичното дело „злоупотреба на лични податоци“. Додека, Ц.С. се сомничи дека сторила кривично дело „помагање“ во врска со кривичното дело „изработка и употреба на лажна платежна картичка“.
„Во периодот од септември до декември 2022 година, П.С. користејќи ја социјалната мрежа фејсбук и со телефонска комуникација стапил во контакт со З.А., на кого му дал насоки да собира лични податоци, трансакциски сметки и броеви од платежни картички од лица од Радовиш, по што З.А. обезбедил податоци од три лица од Радовиш и му ги доставил на П.С.. Со податоците П.С. аплицирал за кредити во име на оштетените без нивно знаење, пристапувал и ги менувал нивни податоци во банкарскиот систем за електронско банкарство и вршел трансакции во нивно име, односно со нивни платежни картички. Поголемиот дел од паричните средства кои осомничениот З.А. ги подигал од сметки на оштетените му ги доставувал на П.С., кој во тој момент издржувал затворска казна во Затвор Издризово, а мал процент задржувал за себе. Третоосомничената Ц.С. со ставање на располагање на нејзината банкарска сметка му овозможила на првосомничениот П.С. да располага со средствата стекнати на противзаконски начин, односно да врши електронски трансфер на парични средства од трансакциските сметки на оштетените, неовластено користејќи ги нивните платежни картички. На ваквиот начин П.С. и З.А. противправно се стекнале со имотна корист од 463.959 денари на штета на три лица од Радовиш“ соопшти обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Фирма од Велес оштетена за над 21.000 евра преку фалсификувана електронска фактура
На 3 февруари 2026 година, во 07:15 часот, 60-годишна жителка на Велес пријавила во СВР Велес дека фирмата каде што работи е оштетена за 21.111 евра.
Според пријавата, компанијата извршила уплата на средства врз основа на фактура испратена од деловен партнер. Но, по добиена порака преку електронска пошта дека уплатата не била реализирана, фирмата стапила во контакт со банката и партнерот. Тогаш било утврдено дека оригиналната фактура била пресретната, фалсификувана и пренасочена, по што средствата биле уплатени на туѓа сметка.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Автомобили се судрија на патот Куманово-Скопје, едно лице тешко повредено, возачот бил без дозвола
На 3 февруари 2026 година, околу 10:55 часот, на регионалниот пат Куманово–Скопје, во селото Љубодраг, се случила сообраќајна несреќа во која учествувале две патнички возила со кумановски регистарски таблички.
Според информациите од СВР Куманово, се судриле „ауди“, управувано од М.А. (47) од селото Љубодраг, и „шкода“, со која управувал Б.С. (51) од Куманово. Во несреќата тешко телесно бил повреден возачот на „шкодата“, додека полесни повреди добиле неговите сопатници Т.Р. (49) од Куманово и М.Ј. (49) од селото Черкези, како и возачот на „аудито“ и неговата сопатничка О.Ц. (45) од Куманово.
При увидот на местото на несреќата било утврдено дека едниот од возачите, немал возачка дозвола. Од полицијата најавија дека по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Кражба на телефони прерасна во тепачка, тројца уапсени во Тетово
Два поврзани инциденти во текот на истата вечер резултираа со три приведени лица на улицата „Илинденска“ во Тетово.
На 3 февруари, околу 18:50 часот, полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода И.Т. (57) од Република Албанија, поради сомнение дека сторил кривично дело „кражба“. Тој е осомничен дека одзел мобилни телефони од продажен објект.
Само неколку часа подоцна, во 23:00 часот, полицијата привела и две лица од Тетово – И.Г. (40) и Д.М. (26) – кои биле пријавени токму од И.Т. Според пријавата, во периодот меѓу 18:00 и 19:00 часот, по претходна расправија околу мобилни телефони, тие физички го нападнале на истата улица.
Сите инволвирани се приведени, а од СВР Тетово информираат дека по целосно документирање на случајот ќе следуваат соодветни поднесоци.

