Регион
Курти: Кога ќе го добијам извештајот за состојбата на уапсените полицајци, ќе одлучам дали ќе одам во Брисел
Косовскиот премиер Албин Курти денеска изјави дека ќе одлучи да оди во Брисел на средба во рамките на дијалогот со Белград штом ќе дознае во каква состојба се тројцата косовски полицајци кои беа уапсени од српската полиција, пренесува „Коха“.
Тој додаде дека ќе ја почека посетата на шефот на Канцеларијата за врски на Косово во Белград, Јетиш Јашари, на затворот во Краљево, каде се наоѓаат тројца косовски полицајци, пренесува „Косово онлајн“.
„Кога ќе имам информации врз основа на посетата на полицајците кои се држат како заложници во Србија како одмазда за борбата против организираниот криминал и корупцијата на Косово, ќе донесам одлука и ќе ја објавам“, рече Курти.
Тој изјави дека средбата би можела да биде на 22 или 23 јуни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Невреме во Словенија: по обилните дождови се излеа река, поплавени патишта, подруми и ниви
Реката Соча и нејзините притоки на запад од Словенија се излеаjа по обилните дождови во областа Бовец и поплавија патишта, подруми и ниви, јавија денеска словенечките медиуми.
Противпожарните служби евакуирале 30 лица откако одрон го блокирал патот во градот Лепена, јавува агенцијата СТА.
Едно лице е повредено при отстранување на паднато дрво во општина Толмин.
Дирекцијата за цивилна заштита и помош при катастрофи соопшти дека пожарникарите цела ноќ ја испумпувале водата од подрумите и ги отстранувале паднатите дрвја од коловозите.
Во западните делови на земјата врнежите се ослабени од четвртокот навечер, а невремето денеска го зафати и источниот дел на Словенија.
Најголемо количество врнежи се регистрирани во Бохињ и Посочје, објави порталот Метеоинфо.
Рекордни врнежи за Словенија се забележани во Вогел кај езерото Бохињ, при што за 24 часа наврнале 378 литри дожд на метар квадратен.
Регион
Вучиќ: Работите во светот не одат во добра насока, Косово е многу комплициран јазол
Работите во светот „не одат во добра насока“, оцени денеска во Њујорк српскиот претседател Александар Вучиќ на крајот од шестдневниот престој во САД по повод заседанието на Генералното собрание на Обединетите нации.
„Единствената суштинска вест овде е Блискиот Исток“, изјави тој за РТС.
„Блискиот исток го јаде американското внимание, не сум сигурен дека тоа е добра вест за Украина. Европа прави се за да ја запре таа војна“, рече Вучиќ и нагласи дека приоритет мора да биде прекинот на конфликтот во Украина.
Тој рече дека имал повеќе разговори на тема политика и економија и оти „за првпат биле остварени важни контакти“ за економски напредок на Србија.
Вучиќ рече дека „ситуацијата во рударството и енергетиката“ во Србија ќе мора да се подобри бидејќи „лошо им оди“, додека „индустриското производство добро расте, производството расте, но потребни се повеќе инвеститори“, рече Вучиќ.
Тој рече и дека „немал лесни разговори“ за Косово и дека не може да зборува за деталите од средбите.
„Тоа е многу комплициран јазол. Мораме да го зачуваме мирот, да ги зачуваме животите, опстанокот и напредокот на нашето население на Косово, зачувувајќи ја правната и политичката државност на Србија и интересите на сите граѓани на Србија“, изјавил Вучиќ.
„Ќе се погрижиме да не направиме ниту една грешка, никој да не може нам ништо да ни забележи и да се зголемува силата на нашата економија и да се зголемува нашата поддршка за нашиот народ на Косово“, заклучил Вучиќ.
Регион
Милановиќ за воениот рок: Не можеме да донесеме Непалци да ја вршат таа работа
Претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ осврнувајќи се на прашањето за воведување задолжителен воен рок оцени дека ќе биде неопходно да се обучат неколку илјади луѓе годишно со најосновно знаење, пренесуваат хрватските медиуми.
Хрватските граници, рече тој, се нешто за што Хрватска се бореше и никогаш не треба да се доживуваат лежерно и лесно. „Тие се запишани и секој сантиметар е важен“, додаде тој и рече дека Хрватска „секогаш ќе биде земја со свои граници“. Таа граница треба да се заштити“, нагласи Милановиќ.
Тој предупреди дека „Хрватска има проблем со активната резерва“ поради превисоката просечна старост. Затоа, вели тој, „ќе треба да се разговара и да се измери, а потоа конечно да се одлучи како ќе се одговори на тој предизвик“.
„Секако дека не можеме да донесеме работници од Непал да ја вршат таа работа. Не можеме да ангажираме платеници затоа што сме национална држава“, додаде меѓу другото Милановиќ и нагласи дека воениот рок „е сериозна тема за многу сериозна дискусија на највисоко ниво“. „Не ад хок, не според нечија проценка, интуиција или дневно политички инстинкт и потреби. Не“, додаде тој.
„Ќе треба да се одреди кого ќе поканиме, колку луѓе ќе одговорат, кој нема да одговори, кој ќе се повика на уставното право на жалба на совест“, рече тој и оцени дека најмалку неколку илјади луѓе ќе треба да бидат обучени годишно.
„Го укинавме воениот рок во 2007 година затоа што повеќе од 80 проценти од регрутите се повикуваа на приговор на совеста. Поминаа 17 години, а оние кои тогаш беа триесет и беа во резерва или Хрватската национална гарда сега имаат 47 години и тоа е малку премногу. „Оваа регрутација е неопходна. Бидејќи армијата е недоволно екипирана, особено за подофицерите“, рече претседателот на Хрватска, Милановиќ.